Бугарска истражувачка новинарка која истражувала наводна корупција која вклучува користење на европските фондови беше убиена во градот Русе, објавија во неделата бугарските власти.

Според обвинителот, телото на 30-годишната Викторија Маринова било пронајдено во градскиот парк во саботата. Нејзиниот идентитет обвинителството го објави само со иницијали.

„Се работи за силување и убиство“,изјави за новинарите министерот за внатрешни работи, Младен Маринов. Според него, нема докази дека убиството е поврзано со истражувачката работа на новинарката и нема информации дека претходно ѝ се заканувале.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов рече дека е “убеден дека откривањето на убиецот е прашање на време“. Најдобрите криминалци се испратени во Русе, а таму беше пронајдена голема количина на ДНК, рече премиерот барајќи да не се врши притисок врз истражителите.

Се очекува полицијата да даде повеќе детали за случајот овој понеделник.

„Нејзината смрт ја предизвикале удари во главата и задушување, а недостасува нејзиниот мобилен телефон, клучевите од колата, очилата и нејзина облека“, изјави регионалниот државниот обвинител Георги Георгиев.

Маринова, која работеше за телевизија TVN од Русе, една од најпопуларните во североисточниот дел на Бугарија, е третиот новинар убиен во Европската унија во една година. Локалните медиуми објавија дека Маринова била вклучена во истражувањето на група бугарски новинари за инфраструктурни проекти финансирани од ЕУ, а раководени од локалните власти.

Минатата година во октомври убиена е Дафне Каруана Галициа, најдобра истражувачка новинарка на Малта, која загина во експлозија на бомба која го уништи нејзиниот автомобил, а потоа во февруари убиен е словачкиот новинар Јан Куциак.

„Со голема болка и неизмерна тага тимот на ТВН ја доживува загубата на нашата драга колешка Викторија Маринова и молиме за сочувство со семејството и нејзините колеги“, објави телевизијата во кратка изјава.

Бугарија го зазема 111-то место меѓу 180 земји на овогодинешниот индекс на слободата на медиумите во светот на организацијата „Репортери без граници“, што е најниско место кое го зазема една земја на Европската унија, како и пониско од било која земја од Западен Балкан, од кои некои се кандидати за членство во ЕУ.

Во октомври 2017 година, стотици бугарски новинари протестираа во центарот на главниот град Софија поради закани кои до најголемите телевизиски компании ги упати вицепремиерот Валери Симеонов обвинувајќи ги дека водат кампања против него.