дома Култура Бугарскиот филм „Слава“ најдобар во Херцег Нови

Бугарскиот филм „Слава“ најдобар во Херцег Нови

Македонските филмови на фестивалот имаа малку публика поради пропуст на организаторите, кои во исто време ги прикажуваа најголемите црногорски хитови.

57

Бугарскиот филм „Слава“ на Кристина Грозева и Петар Валчанов го одбележа годинешниот 31. Филмски фестивал во Херцег Нови, и тоа не само поради четирите награди кои ги доби. „Слава“ е филм кој успева на особен и многу луциден начин да проговори за онаа вечна транзиција на овие простори, но и да го исцрта толку точно менталитетот на народот на единствениот можен начин, низ апсурдот и црниот хумор.

Филмот „Слава“ беше вклучен во Главната натпреварувачка програма на фестивалот заедно со уште седум филмови од регионот, меѓу кои и македонскиот „Кога денот немаше име“ на Теона Стругар Митевска. Жирито предводено од Милчо Манчевски, а во кое членуваа и: хрватскиот режисер Зринко Огреста, српската актерка Наташа Нинковиќ, како и режисерите од Босна и Херцеговина и Црна Гора, Инес Тановиќ и Иван Салатиќ, одлучи на филмот „Слава“ да му го додели „Гран прито – Големата Златна мимоза“ како најдобар филм на фестивалот, но и „Златната мимоза“ за сценариото, кое го потпишуваат: Грозева, Валчанов и Дечо Таралежков.

„Овој филм, направен во бугарско-грчка копродукција, како што се вели во образложението на жирито, ни подарува трагикомична приказна со исклучителна посветеност на деталите и со најголема емпатија за своите ликови, додека во исто време постојано изненадува со пресвртите во приказната“. На „Слава“ му припадна и наградата за најдобра женска улога, која отиде кај Маргита Гошева за нејзиното слоевито и уверливо креирање на ликот на младата жена наспроти контрастите во транзициското општество, растргнато помеѓу традиционалните вредности и сеприсутната корупција и јавен неморал. „Слава“ ја доби и наградата на Здружението на критичари „Федеора“.

„Златна мимоза“ за најдобра режија доби наградуваниот Nagradite vo Herceg Noviхрватски филм „Не гледај ми у пијат“ на младата Хана Јушиќ, кој донесе свежина, храброст и одважност. Хана Јушиќ прави неверојатен филм од нешта кои се одбојни и депресивни, но таа успева така да проникне во животот на своите јунаци, што ве остава без збор. Во образложението на жирито се вели дека наградата и се доделува за нејзината суверена и суптилна оркестрација на сите творечки состојки во овој впечатлив филм.

Наградата за најдобра машка улога му беше доделена на актерскиот ансамбл на филмот „Мажите не плачат“ на Ален Дрљевиќ, кој го видовме на отворањето и за кој пишувавме дека има вонредни улоги, но како сценарио и во целина е доста слабо и неуверливо остварување. Додека „Златната мимоза“ за камера ја доби грчкиот филм „Тополотен удар“ на Аргирис Пападимитропулос, за неговата сугестивност во прикажувањето на малиот грчки остров и човекот кој минува низ кризата на средните години.

Годинава на Монтенегро Филм Фестивал беа доделени многу награди бидејќи имаше дури четири компетитивни селекции и исто толку жирија, иако две официјални. Така, покрај жирито кое ги додели наградите во Главната програма, за официјално се сметаше и жирито кое одлучуваше за филмовите селектирани во новововедената програма „Кино Орјен“, посветена на кинематографиите на  поранешните југословенски републики. И, се чини, тука и настана најголемиот курцшлус.

Во „Кино Орјен“ беа вклучени многу различни филмови, со различен квалитет, но и паралелно уметнички и исклучително комерцијални филмови, како филмовите на Рајко Грлиќ „Устав на Република Хрватска“ и на Дамјан Козоле „Ноќен живот, но и црногорскиот филм направен од скечеви кои одат пет години на телевизиите во Црна Гора „The Books of књиге: Случајеви правде“ или една „пучка“ комедија „Бисери на Бојана“ на Милан Караџиќ. Затоа и ова беше единствената програма во која не беше доделено Специјално признание со оглед на тоа што со надгласување
од 2 спрема 1 победи аматерскиот хрватски филм „Горан“ на Невио Марасовиќ, па немаше смисла да се дава втора награда на некој филм кој по квалитет е неспоредливо подобар од победникот. Инаку, „Горан“ е познат меѓу филмофилите како копија на „Фарго“ и „Едноставно крваво“ на браќата Коен, поточно како филм кој претендира тоа да биде, но многу е далеку од таа идеја, бидејќи ниту е издржан, ниту има поттекст, ниту има ликови, а за тема и да не зборуваме. За жал, оваа програма почна доста контроверзно и погрешно, да се надеваме дека така нема и да продолжи.

Во Документарната програма победи полскиот филм „Блиски врски“ на 22-годишната Зофија Ковалевска, која е се уште на студии во Лоѓ. Интересно е дека станува збор за филм за една повозрасна двојка која сфаќа дека не можат да живеат еден без друг, дека нивната љубов и покрај се му одолева на времето и на турбуленциите во животот. А во Студентската програма  главната награда ја доби израелскиот филм „Ана“ на Ор Синаи, една вистинска приказна раскажана „со употреба на сите елементи на филмскиот израз при креирање на складната и необична приказна за една жена и нејзините потреби“.

Publikata vo Herceg NoviИнтересно е дека фестивалот во Херцег Нови, кој годинава влезе во четвртата деценија се уште нема некоја профилирана програма, но факт е дека има своја стандардна публика, која му е верна и која секогаш ги полни тие преубави тврдини над градот, каде што се одвиваат проекциите. Оваа година фестивалот го посетија 10.000 гледачи, иако најголема гужва, сепак, беше на црногорските филмови.

Некако се случи голем пропуст, па токму кога одеа македонските филмови, кои беа вклучени во двете главни програми, „Кога денот немаше име“ и „Ослободување на Скопје“ и се прикажуваа на тврдината „Форте маре“, во исто време на големата тврдина „Канли кула“ се прикажуваа најголемите црногорски хитови, па посетата на нашите филмови беше многу мала. Тоа, секако, не беше во ред и им беше кажано на организаторите, но во поглед на програмата не можеше да се направи ништо. Единствена утеха беше дека имаше репризи, па кој сакаше можеше да ги погледне. Инаку, за да ги претстават филмовите во Херцег Нови дојдоа Силвија Стојановска, која игра главна улога во „Ослободување на Скопје“ и тројцата млади протагонисти од „Кога денот немаше име“, Леон Ристов, Ханис Багашов и Стефан Китановиќ. А тука беше и младата режисерка и сценаристка Ана Јакимска, чиј филм „Ќе дојдат децата“ се прикажуваше во натпреварувачката Студентска програма.

Херцег Нови оваа година направи доста промени, донесе многу млада екипа, а за првпат имаше и придружна и индустриска програма. Во фокус беше Грција, беше претставен избор од Загреб филм фестивал, се одржа работилница за пишување сценарио, која ја водеше режисерот и сценарист Срџан Вулетиќ од Србија, додека Милчо Манчевски, кој годинава ја имаше честа да го отвори фестивалот, одржа и мастеркласа. Особено интересни беа и промоциите на книги, а особено книгата на Маја Васиљевиќ посветена на „Филмската музика во СФРЈ – Помеѓу политика и поетика“, но за тоа во некоја друга прилика бидејќи станува збор за едно исклучително и многу значајно дело, во кое секако и Македонија има дел.

Сунчица Уневска