Вакцината против коронавирусот која беше развиена од научници од Универзитетот во Оксфорд и тестирана на шест мајмуни, донесе ветувачки откритија што доведоа до почетокот на истражувањето на луѓе на крајот од минатиот месец, објавија американски и британски истражувачи.

Минатиот месец британскиот производител на лекови „АстраЗенека“ објави дека се здружил со истражувачи од Оксфордската група за вакцини и институтот Џенер кои ја развиваат вакцината, јави Ројтерс.

Според извештајот, некои мајмуни кои примиле една вакцина развиле антитела против вирусот во рок од 14 дена, а сите заштитни антитела во рок од 28 дена, пред да бидат изложени на големи дози на вирусот.

По изложеноста, вакцината спречила оштетување на белите дробови, но вирусот останал активен во носот.

Стивен Еванс, професор по фармакоепидемиологија на Лондонската школа за хигиена и тропска медицина, вели дека податоците на мајмуните се дефинитивно добра вест.

Иако успехот на вакцината кај мајмуните е клучен чекор, многу вакцини што ги штитат мајмуните во лабораториите не успеваат да ги заштитат луѓето.

Еванс вели дека едно клучно откритие е особено смирувачко, а тоа е дека нема докази за засилена имунолошка болест, кај која се случува наместо да штити од вирусот, вакцината всушност да ја влошува болеста.

„Тоа беше дефинитивно теоретска загриженост во врска со вакцината САРС-КоВ-2 и фактот дека нема докази за тоа во оваа студија е многу охрабрувачки“, рекол Еванс.

Минатиот месец британските научници започнаа да ја даваат вакцината на луѓе волонтери, а до 13 мај 1000 луѓе ја примиле вакцината. А.Н.