Со отворањето на скопскиот и охридскиот аеродром, започнуваат летовите на Визер…Првиот лет кој ќе го отвори аеродромот е летот за Бремен на 1јули во 6 часот наутро. Истиот ден ќе има полети и за Ларнака, Стокхолм и Келн, исто така со Визер.

Првото слетување ќе го реализира авиокомпанијата Туркиш ерлајнс со лет од Истанбул. Веднаш потоа, исто така од Истанбул ќе слета авион на „Пегасус ерланјнс“.

Според редот на летање објавен на веб страната на ТАВ Македонија, за денот на отворањето на скопскиот аеродром се планирани и три лета за Цирих. Ќе ги реализираат авиокомпаниите „Германиа“, „Свис“ и „Еделвајс“. Сите се во попладневните часови.

За среда се најавени уште летови на „Виз ер“, вкупно до девет европски дестинации, а во текот на неделата ќе се реализираат летовите до сите дестинации на кои лета оваа нико буџетна компанија. Со лет на  „Виз ер“, со кој ќе допатуваат туристи од Холандија и од Полска, в четврток се отвора аеродромот во Охрид.

Патниците ќе мора да минат ригорозна здравствена контрола пред да се упатат на посакуваната дестинација. Дополнително, голема е веројатноста дека македонските државјани нема да можат да патуваат во земјите од ЕУ. Причината е високата стапка на заразени од Ковид-19 во Северна Македонија, која е далеку од просекот во земјите-членки на ЕУ.

Што се однесува до новите правила на аеродромите во земјата, тие беа објавени минатата недела од компанијата ТАВ- Македонија.

Според новиот протокол, патниците ќе треба да пристигнат на аеродромите најмалку 3 часа пред нивниот лет, да стават заштитна маска пред да влезат во терминалната зграда на аеродромот, да ги дезинфицираат обувките и рацете на самиот влез во зградата и постојано да одржуваат физичко растојание. Во авионите нема да има ограничување на местата за седење зашто, како што рече генералниот дирктор на ТАВ, Ерсој, летањето би било неисплатливо. Патниците ќе мора да носат заштитни маски за цело време на летот, а кабините на авионите, потенцира Ерсој, се опремени со специјални хепа филтри кои уништуваат 99,9 отсто од вирусите и бактериите.

Во аеродромските згради ќе можат да влегуваат само патниците. Семејствата и пријателите ќе мора да останат пред објектот.
Секој патник ќе биде скениран со термална камера и во случај да има зголемена телесна температура, нема да може да патува.

Аеродромите се отвораат по пауза од речиси триипол месеци.  Меѓународниот аеродром во Скопје е затворен од 19 март годинава, а охридскиот од 16 март поради пандемијата на коронавирус.

Н.Доковска