Сообраќајката во која загинаа 46 лица- БГНЕС

Северна Македонија за жал денеска е топ вест низ цел регион, а причина за тоа е загинувањето на повеќе од 40 лица во сообраќајна несреќа на патот Софија – Скопје. Според информациите кои стасуваат од местото на несреќата, се запалил патнички автобус со македонски регистарски таблички на бугарскиот автопат „Струма“, во кој имало 52 патници, а само 7 се спасиле и се пренесени во болница. Според информациите од бугарските медиуми меѓу жртвите има и 12 малолетни лица.

Автобусот, кој ги враќал патниците од ексурзија од Истанбул кон Северна Македонија е целосно изгорен. Стручните екипи од Бугарија во моментов ги истражуваат причините за несреќата, а информираат дека телата се изгорени до непрепознатливост. Се уште не е познато дали автобусот првично се судрил во заштитната автопатска ограда и се запалил, или пак огнот се јавил пред сообраќајната несреќа.

7-мината преживеани од несреќата се примени со изгореници на лицето и на горните респираторни патишта во Клиниката за изгореници, потврди директорката Маја Аргирова. Тие биле донесени во болницата три часа по несреќата. Според неа пациентите се во тешка психолошка траума, бидејќи загубиле деца и блиски во несреќата, додавајќи дека тие морале да скокаат од прозорците на автобусот за да се спасат.

Македонскиот премиер Зоран Заев и министрите за надвоирешни работи, Бујар Османи, како и министерот за здравство, Венко Филипче, веднаш отпатуваа за соседна Бугарија. Премиерот Заев информираше дека се случила страшна трагедија, додавајќи дека заедно со членови на владата се во Софија за да ги посетат преживеаните лица кои се наоѓаат во болница.

Сочувство пристигнува од секаде за огромната сообраќајна несреќа што се случи околу 2 часот утрово на автопат во Бугарија. Претседателот Стево Пендаровски најави денови на жалост и изјави дека очекува темелна истрага од надлежните.

„Очекувам надлежните да спроведат целосна истрага, да се утврдат причините и одговорноста за трагедијата, која не се памети во нашата понова историја. Во деновите на жалост што следуваат, посакувам мирен покој на душите на починатите и побрзо закрепнување на повредените“, стои во неговата објава на социјалните мрежи.

Тешко може да се најдат информации  за превозникот „Беса Транс“. Според пишувањата на Слободен печат, туристичката агенција „Беса транс” функционира од 2011 година, а од 2019 година нејзин управител е Аздрен Зубери, македонски државјанин со албанско потекло. Седиштето на фирмата е во Ќустендил, но има и неколку канцеларии во Скопје и во други градови во Северна Македонија. Но, се уште не се знае кој е организатор на патувањето, дали фирамата која што ги превезувала или, пак, некоја друга туристичка агенција.

Истрагата која е во тек треба да утврди дали причина за несреќата е грешка на возачот или пак се работи за техничка неисправност на автобусот.

А. Н.