дома Политика Свет Во Њујорк започнува најголемото и најскапото судење во историјата

Во Њујорк започнува најголемото и најскапото судење во историјата

73

Во Њујорк овој понеделник почнува судењето на Мексиканецот Хоакин „Ел Чапо“ Гузман, обвинет дека го води најголемиот светски картел на дрога, кој во четврт век во САД прошверцува повеќе од 155 тони кокаин.

Големото судење на федералниот суд во Бруклин, кое ќе чини милиони долари и ќе трае повеќе од четири месеци, ќе изведе пред лицето на правдата еден од најозлогласените криминалци во светот.

Обвинителите со години го подготвуваа случајот против Гузман кој беше екстрадиран во 2017 година, откако двапати избега од затвор во Мексико, прво скриен во количка со валкана облека, а потоа бегајќи низ тунел кој бил ископан до неговиот затворски туш.

Гузман се смета за најголемиот светски нарко бос по Колумбиецот Пабло Ескобар, „кралот на кокаинот“, кој беше еден од најбогатите луѓе во светот, додека полицијата не го уби во 1993 година.

Експертите посочуваат дека владата има речиси несоборливи докази и дека Гузман (61), најверојатно ќе заврши во затвор со максимално обезбедување во САД до крај на животот. Но, по која цена?

„Дали тоа ќе се спречи барем еден пакет од половина килограм кокаин да пристигне во САД? Веројатно не. Машината ќе продолжи да работи“, изјави Роб Хероу, адвокат од Северна Каролина, кој бранеше други мексикански нарко шефови.

Картелот Синалоа кој Гузман го основа во 1989 година, се уште е моќен. Заедно со Гузман беше обвинет и Исмаил „Ел Мајо“ Замбада кој сеуште е на слобода, а насилниот шверц со дрога во Мексико продолжува непречено. Минатата година во Мексико се случија рекордни 29.000 убиства. Во САД зависноста од дроги е вистинска епидемија. Во 2016 година, секој ден во просек од предозирање умираа 174 Американци.

Изборот на членовите на поротата ќе се врши со силни безбедносни мерки кои се користат само за најопасните обвинети. Американскиот судија Брајан Коган ќе претседава со судењето кое ќе биде затворено за јавноста. Дванаесет поротници, со шест заменици, ќе бидат анонимни. Секој ден на суд ќе доаѓаат и ќе се враќаат дома во придружба на шериф.

Овие обични граѓани ќе одлучуваат дали Гузман, татко на две деца чиј прекар значи „краток“, бидејќи е висок само 164 сантиметри, е виновен по 11 точки од обвинението против него за шверц со дрога, нелегално поседување и употреба на огнено оружје и перење пари.

Според обвинението, картелот Синалоа, кој Гузман по обвинението го водел од 1989 до 2014 година, стана „најголемата организација за шверц со дрога во светот … со илјадници членови.“

Американските обвинители тврдат дека од 1989 до 2014 година картелот во САД прошверцувал најмалку 154.626 килограми кокаин, хероин, метамфетамин и марихуана, во вредност од 14 милијарди американски долари.

Гузман се изјасни дека не е виновен, но владата има собрано доволно докази, повеќе од 300.000 страници и најмалку 117.000 аудио снимки, па адвокатите на одбраната се жалат дека немале доволно време да ги проучат.