На Германија до крајот на следната деценија може да и недостигаат 4,9 милиони работници, а ова германската економија би можело да ја чини 525 милијарди евра.

„Најголема штета од недостатокот на работна сила може да претрпат компаниите во секторот на услуги, вклучувајќи го и финансискиот сектор, на кои до 2030 година може да им недостигаат 1,2 милиони работници“, произлегува од студијата „Недостаток на таленти“ на советодавната компанија „Корн / Фери“.

Машинската индустрија, главната германска извозна гранка, исто така, ќе биде погодена. Најголемиот недостаток на работници веќе се чувствува во инженерските сектори, односно, во апсолевенти на природните насоки на универзитетите. Интересно, до крајот на следната деценија, побарувачката за работници со средни и пониски квалификации, исто така, ќе се зголеми.

Претставници на германските средни претпријатија, кои вработуваат најголем број на работници во Германија, апелираат до федералната влада со контрамерки да влијае на намалување на проблемот со недостаток на работна сила и тоа со намалување на бирократијата и промени во германскиот образовен систем.

Во првиот квартал од оваа година во Германија, според информациите на Федералната канцеларија за труд во Нирнберг, биле непополнети 1,2 милиони работни места при што генерално се работи за недостаток на квалификувана и високо квалификувана работна сила.