дома Култура Mузика, Опера, Балет Гитаристот Турстон Мур и приреди стрес на публиката на Скопскиот џез фестивал...

Гитаристот Турстон Мур и приреди стрес на публиката на Скопскиот џез фестивал 2018

Валентина Ѓоргиевска Парго

51

Чудесии на втората вечер на Скопски џез фестивал 2018. Еден од оние перформанси на кои вреди да се биде, да се прераскажува и ден потоа да отворате гугл за уште повеќе да се запознаете со уметникот, беше синоќешниот полноќен настап на култниот гитарист Турстон Мур, на Скопскиот џез фестивал.

Њујоркчанецот од светски глас настапи со импровизации и експериментални дејства врз гитарата, која даваше звуч,час на воз кој пристигнува на шините,час на звркотење на птици,час на крици,час на музика. Некоја чудна мешавина од тонови, звуци и звучна бука која во исто време ти ги голицка сетилата,ушните тапанчиња,ти предизвикува стрес, фрустрација, те иритира, те ослободува и прави да се чувствуваш дека си во некој дотогаш непознат лавиринт од кој не се излегува (само) низ вратата на МКЦ, едноставно те заробува и држи во некоја своја таинствена рамка, дури и кога си го напуштил местото на настанот.

Камерите на мобилките за снимање беа вклучени цело време во темната сала каде се случуваше оваа уникатна и сосема ексклузивна полноќна музичка сеанса. Но, пред тоа на вчерашната, втора џез фестивалска (американска) вечер, сцената во МОБ им припадна на одличниот трубач Вадада Лео Смит, а по него на колективот Хариет Тубман, со музика како микс на соул, рок, џез и блуз, музика која повикува на слобода, соодветно на името на составот, именуван според афро -американската робинка која се борела против ропството. Во холот на МОБ, пак, на таблети можеа да се преслушаат “Звуците на Скопје”, поточно новите четири песни на Солунчевски,” Архитектура”, “Скејт парк”, “Чаршија” и “Маало”. По желба кој сака. А исто едно такво задоволство повторно ги доочекуваше гостите на црвениот килим, младиот Славчо Ѓеоргиев кој на саксофон им исполнуваше музички желби.

Винаријата Тиквеш ја изложи своја изложба во фоајето. Почна на 18 октомври и ќе трае до 21, познатиот и омилен фестивал Скопје џез фестивал. Вечерва на програмата настап ќе има данската саксофонистка Мете Расмусен од 20 часот во МОБ, а во 21 на истото место норвешкиот ансамбл Трондеим Војсес. Во МКЦ по полноќ, организаторот со задоволство вели-добредојовте на Моро од Финска.

( фотографии од официјалната фб страница на фестивалот)