Мирослава Микица Трујкановиќ „Молитвеник за сите“ комбинирана техника 100 х 120 см 2020

Годишната изложба на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, ќе биде поставена до 30 октомври во Национална Галерија објект Мала станица, во Скопје.  Оваа година на Годишната изложба учество земаа 57 автори, членови на ДЛУМ кој се претставија во категориите сликарство, скулптура, графика и нови медиуми.

Слободан Милошески „Запознавајќи се себеси“ имокс 45,5 х 26 х 25 см 2020

-Несомнено дека годишните или ревијалните изложби на македонските ликовни уметници отсекогаш претставува голем културен настан во нашата средина. Затоа тие изложби се значајна состојка од летописот на нашата ликовна уметност. Еден аргумент е непобитен: дека нема македонски ликовен уметник кој не учествувал на тие ревијални изложби, почнувајќи од првата таква изложба во далечната 1945 година, па се до денес. Друштвото за да ја задоволи желбата на сите членови еднаш годишно да ги изложат своите дела на заеднички настап, без критериумот на селективност ја организира оваа ревијална изложба. Впрочем, на тој начин се враќа една убава пракса, кога секој уметник, член на ДЛУМ всушност станува арбитар за себеси, а истовремено ја превзема и целата одговорност и ризик на излагањето. Тоа секако ја зголемува самокритичноста, таа врвна доблест на старите мајстори – посочуваат од ДЛУМ.

Ана Ивановска „Без здив“ дигитален принт 90 х 70 см 2020

Како и во минатото така и оваа година Друштвото на ликовни уметници на Македонија додели неколку награди и тоа:
-награда за сликарство на Мирослава Микица Трујкановиќ за делото со наслов „Молитвеник за сите“
– награда за скулптура на Слободан Милошески за делото со наслов „Запознавајќи се себеси“
– награда за нови медиуми на Ана Ивановска за делото со наслов „Без здив“

Изложбата е финасирана од Министерство за култура на Р. С. Македонија и град Скопје и се организира во соработка со Национална Галерија на Р. С. Македонија.  А.Р.