дома Живот ГОРАН АНЧЕВСКИ, ПОЕТ: Секој од нас може да се потруди да биде...

ГОРАН АНЧЕВСКИ, ПОЕТ: Секој од нас може да се потруди да биде почовечен!

Валентина Ѓоргиевска Парго

48

„Милениците на Оле и Сања“, „Ирис“, „Вечен огин“, „Пориви на муграта“, „Вдахновение“, „Светлина во зеницата“, „Зад виножитото“, „Душата на цветот“, „Боемско Скопје“, се неколку од книгите на познатиот поет Горан Анчевски, а од неодамна во неговата антологија најде место и новата книга.

Објавена и промовирана е вашата нова книга, во интересна комбинација, од два поети, и предизвика внимание кај поетскиот свет во нашата земја.

-Да, неодамна беше промовирана книгата „Оставени на дождот“ од двајца автори, јас и мојот колега од Битола Пеце М. Цветкоски. Пообемна книга е, но одевме пред се на еден естетски квалитет, не на квантитет. Станува збор за избор од наши песни, објавувани во други публикации, кои не отсликуваат нас, кои говорат претежно за љубовта, за некои убави возвишени чувства што не одвојуваат од ова време да кажам на зомбизам.

Последниве години сте прилично активен. Објавувате книги, настапувате на манифестации и поетски дружења, и на повеќе регионални  географски точки лично ја имате пренесено својата поезија.

-Ако броиме, имам издадено десет книги, претежно на база на самофинансирање, а настапувам на речиси сите поетски манифестации во земјава. Но, меѓу другото, имам настапувано и во Корча, Албанија, во Мелник, Бугарија, како и на еден одличен  меѓународен поетски настан во Зрењанин, Војводина.

Вашиот израз се движи стабилно по поетската линија, или поинаку кажано сосема верен сте на поезијата како на жанр.

Да, пишувам исклучиво поезија, верен сум на поезијата. Пишувам поезија уште од ученички денови, но поинтензивно и позрело, почнав некаде на дваесет и неколку години.

Забележувам дека слободен уметник сте кој ја преферира љубовта и патриотизмот, како тематика.

-Имам и родољубиви песни, имам и социјални песни, духовна поезија, но најмногу ми се допаѓаат моите љубовни песни, но не ги имам објавено сите, мислам дека тоа е сепак нешто поинтимно.

Рековте живееме во време на зомбизам. Дали тоа влијае позитивно или негативно на вашето перо? Сиот тој набој што го чуствувате како повратна енергија од атмосферата околу вас, ве мотивира или ве инхибира?

Многу интересно прашање. Сум поминувал, како и секој човек, низ потешки периоди во животот, но никогаш, никогаш тоа не ме спречило да го искажам тој внатрешен порив, тие емоции, моите чувства, да ја извадам песната одвнатре. Значи, колку да прозвучува контрадикторно, факт е дека колку во животот повеќе страдаме, толку повеќе сме покреативни.

Вие сте исто така познат и како радио-водител, творец на радио-емисии, па да позборуваме и за тој дел од вашето авторско ангажирање.

-Еден добар период бев во Студентско радио, ја водев емисијата „Емотивна лабораторија“, по цели ноќи.

Вие го создадовте насловот? Многу кажува!

-Да, да. „Емотивна лабораторија“, јас водев, а гостуваа други поети, особено доаѓаа помлади поети од мене, разговаравме, читавме поезија, одеше многу убава музика од многу силни музичар,од еден Леонард Коен на пример, па додека поезиравме стихови од Жак Первер тоа беше испрепретено со шансони од познати фразцуски шансониери. Сето тоа беше некомерцијално, но некаде кај 2000 година за жал се затвори радиото, и прекинаа и моите емисии. По некое време на 103-ка водев исто полноќни програми „Свирачиња“ со Тома Димовски.

Што сте по вокација?

-Повторно слободен уметник (се смее). А, инаку по вокација сум дипломиран инженер, студирав на Земјоделско-шумарски факултет, но верувајте сум заборавил или сакам да заборавам што сум учел. Мојата желба беа студии по книжевност, но ете, потоа станав поет.

Нема дилема, поезијата без пардон во зграпчи во своите прегратки и ве милува, не ве пушта.

-Па, така некако. Често пати кажувам – поезијата е како жена заводница, знае точно кое срце ќе го заведе и до кој степен. И во поезијата треба човек да се даде целосно како и во сликарството, и во актерството, и во вашата професија – новинарството.

Која е идејата што сакате да ја оставите како порака до светот. Секој добар поет има нешто што го остава како трага и како аманет, воопшто не е тоа само обичен изблик на емоции и зборови…

-Претходно со вас правевме неформален разговор како општеството не поведе во еден колосек што можеби не треба да биде таков. Сега ќе кажам преку неколку ситхови, имам една песна која е всушност прашање „Каде е човекот? Каде се луѓето? Каде се луѓето? Се запрашаа дури и ѕверовите“.

Оставате недореченост, оставате прашање без одговор?

-Ќе дадам и одговор. Во некое следно мое дело, иако сум дал и во претходните книги. Сите ние сме човечки суштества, родени од мајка, од љубов и за љубов. Е сега, ние крикнуваме за едно похумано човештво, кадешто владее некој мир, љубов, разбирање, но ќе кажам најискрено – поетите никој не си слуша, крикот не им го слуша никој, и никој не си „есапи“, едноставно кажано. Трустовите и олигархијата кои се занимаваат со производство на оружје ја диктира и светската политика и светскиот мир и немир, но, од друга страна, секој од нас може малку од малку да се потруди да биде почoвечен.

Има една изрека од литванско американскиот филммејкер и поет Џонас Мекас „На крај на краиштата, цивилизацијата пропаѓа затоа што тие ги слушаат нивните политичари, а не нивните поети“.

-Е, така, да сте жива-здрава. Јас ќе кажам нешто така на кратко- „сакам да живеам во свет, во еден убав свет со повеќе поети, а со помалку диктатори и ракети“.

Пишувате многу и нема да застанете, но би прашала. Дали подготвувате посвета на актерот кој беше голем дел од Вас и вашиот живот, големиот уметник во движење, боем, бард на македонското глумиште Мите Грозданов. Неговата загуба многу ја почуствувавте.

-Многу, многу. Не само јас, сите пријатели кои бевме со него. Мите освен што беше голем уметник беше и голем другар и голем поет. Ние многу се сплотивме, и тоа не се сведуваше само на дружење, ние зборувавме за поезија, театар, зборувавме за некои проекти што ќе ги реализираме заедно. Него нашата јавност повеќе го знае како еден голем актер, како што беше бард, да речеме веднаш после Петре Прличко и Шишко, но има и уште многу да се зборува за него. Заедно бевме дел од перформансот „Историска трилогија“ одржан во скопската гимназија „Јосип Броз“ со учениците од гимназијата, хорот и од драмското студио и со Будо Лазов, заедно бевме во Поетско музички перформанс, одржан во Фондацијата „Никола Кљусев“ во чест на пијанистката Смиља Сељанска. Но, она што посебно сакам да го потенцирам е претставата „Од инат поинат заинат“,  одржана на  4 декември 2017. Со неа, пред две години славеше педесет години професионално актерство и 63 години од аматерско занимавање и по тој повод ја направи и режираше таа прекрасна претстава, која за жал му беше последна претстава. Во неа двете главни улоги бевме Мите и јас, ми ја даде таа чест да глумам со него. Многу ме засака, многу веруваше во мене, и јас ќе го продолжам неговото дело со неколку проекти во негова чест. Би сакал да организирам поетско матине, поетска вечер посветена на Мите Гроданов. Му имам посветено и песни, а понатаму нека созреат условите може да напишам нешто од  нашите заеднички доживувања. Навистина луѓето се воодушевуваа колку ние бевме сплотени, пред се како браќа.

Сцената ве сака, а Вашето сугестивно рецитирање ги  пленува присутните. Што мислите, дали луѓето наоколу ја сфаќаат поезијата дали имаме ние поетска култура, на пишување и на сослушување, и, генерално, на кое ниво е таа?

-Јас мислам дека има рафинирана публика која може да оцени што е убава песна. Исто како што имаме театарска публика којашто може да оцени што е убава претстава. Убава работа е тоа што има многу луѓе коишто пишуваат поезија. По мое лично мислење тоа не треба да ни пречи, затоа што од квантитетот ќе дојде квалитетот.

Мисли, чувствата, пенкалото и хартија- велат, најефтино хоби е.

-Има еден голем руски критичар, неговите тези  за книжевноста се многу цитирани, а вели „ литературата е многу сложена, а посебно поезијата како литературен жанр е посебно, посебно сложена специфична појава“. Кажавте бара ментален, интелектуален ангажман, тоа е точно, но според мое лично мислење пресудно значење имаат чувствата, емоциите. Е, сега колку ќе е дарбата на авторот голема, просечна или тоа да го „исфрли“ и срочи во песна на еден возвишен начин, тоа е индивидуално. И, на некого можеби вашата песна му се допаѓа, на некого не. Секој има своја публика. Но, ако се следи тој внатешен порив искрено, таа чувствителност, тогаш мислам дека има резултат, ако е искрен поетот и публиката го прифаќа искрено. Големиот поетот Падрон пред неколку години во Струга даде едно прекрасно интервју, вели „чувствувам со мислите, мислам со чувствата“.

И на вашите ќерки им имате посветено книга. Тргнаа  ли да ве следат во поетските патеки?

-„Милениците на Оле и Сања“ е поезија за дечиња посветена нив, а „Душтата на цветот“ беше збогатена со ликовни мотиви од  мојата ќерка Оља. Оља е повозрасната ќерка, апсолвентка на применета хемија, а во слободно време слика и пишува. Сања заврши факултет за туризам. Тие се мојата најискрена и најдрага публика.