Српскиот министер за трговија, туризам и телекомуникации Расим Љајиќ изјави денеска дека Грција ќе ги затвори границите за српските граѓани од утре во 6 часот наутро. Тој изјавата ја дал за „Н1 Белград“.

Одлуката ќе се смета за официјална кога ќе биде објавена во Службен весник на Грција, дознава РТС.

Како што се наведува, Грција ја донесла таа одлука заради епидемиолошката состојба во Србија и големиот број тестирани лица од Србија во Грција кои се позитивни. Туристите од Србија кои моментно се во Грција ќе можат да ги завршат своите аранжмани.

Според претходните информации, кои доаѓаат од Брисел, од каде се инсистира на протоколите да ги ревидираат листите на секои 14 дена, се знае дека не смее да има повеќе од 16 заразени на 100.000 жители. Србија моментално сè уште е далеку од таа граница, но  во последните 24 часа, 7.434 лица биле тестирани за вирусот на корона, од кои 325 биле позитивни, а за жал починале осум лица.

Од почетокот на епидемијата починале вкупно 306 лица во Србија. Според Министерството за здравство и Институтот Батут, во моментот има 86 пациенти на респиратор. А.Р.