Алатката за блокирање на рекламите во Хром е активирана на 15-ти февруари. Нема да ги блокира сите реклами на сите веб-страници, но треба да открие лоши реклами и да ги казни веб-сајтовите што ги прикажуваат

Веб-прелистувачот Гугл Хром отсега доаѓа со вградена алатка за блокирање реклами.
Првата вест за тоа се појави во април минатата година. Во текот на јули, Гугл потврди дека тестира нова алатка од таков вид, а во декември беше објавено дека ќе биде достапна во текот на февруари оваа година.
Па, дојде тој ден. Алатката за блокирање на рекламите на Хром е активирана на 15-ти февруари. Нема да ги блокира сите реклами на сите веб-страници, но треба да открие лоши реклами и да ги казни веб-сајтовите што ги прикажуваат.
Како ќе работи новата алатка?
Како дел од иницијативата „Коалиција за подобри реклами“, Гугл ги утврди видовите на реклами, кои повеќе не сака да ги види на интернет. Меѓу нив се и рекламите во отскокувачки (pop-up) прозорецот, реклами со видеа кои сами се иницираат, реклами кои се прикажуваат пред веб-страницата на која се наоѓаат да се вчита, анимирани реклами и големи лепливи реклами.
Гугл ќе ги проценува веб-сајтовите преку анализа на примерок од нивната содржина, а врз основа на тоа ќе додели еден од трите статуси: Passing, Warning или Failing (во слободен превод: може да помине, жолт и црвен картон).
Веб-страниците со црвен картон ќе добијат шанса да се поправат. Но, додека не го сторат тоа ќе биде блокирано прикажување на сите реклами на нив.
Што се однесува до корисниците, ситуацијата е уште поедноставна. Кога ќе ја отворите веб-страницата алатката на Хром ќе го провери статусот и ќе ве предупреди, ако блокирала реклами и ќе праша дали да им дозволи прикажување, пишува „Make Use Of“.