Далечински управувач

85

Омилениот спорт на антиспортистите и на останатите е секако, кликање на копчињата од далечинскиот управувач и шетање по каналите на ТВ приемникот. Денешнинава изобилува со тв канали и фала богу, имаме избор да гледаме што сакаме. Јас најмногу сакам да гледам се. Почнувам од МТВ1 каналот кој го зазема почесното прво место во изборникот на канали. Зошто е на единица? Веројатно е рецидив од минатото кога имавме и втор канал кој беше, се разбира, на 2. Останатите канали беа под снежна покривка – елем тешко се фаќаа. Сега, местото број два, на далечинскиот ми е резервирано за непостоечката А1. За момент при прелистување: бр.2 е врзан со спомени – многумина од колегите по другите канали (национални и локални) избраа водотек. Па затоа двојката за момент ме опоменува на подлизурството и вовлекувањето во задникот на газдата. Број три од далечинскиот е резервиран за Сител. Копчето е сеуште ново и неизлитено. Не го употребувам иако за волја на вистината, со стрелките за линеарно пребарување канал по канал, се случува да се задржам и на оваа програма – ако е дневникот. Тогаш ги мерам надолнините по кои се лизга македонското новинарство. Долго време не убедуваа дека гледаноста на шундот е доволна за слевање на милиони евра од реклами, токму во оваа телевизија . Број четири е за Телма. Најмногу и се радувам кога има економски прилози од берзата за влегување на непознати субјекти на македонскиот пазар на деривати. Втора работа која ме плени кај нив е кога главниот и одговорен уредник ќе седне на столче во друштво со експерти или ќе прави интервјуа на ликови од светскиот џет сет. Петтото копче ми беше омилено како и првото, бидејќи за него веднаш ја меморирав Канал Пет телевизија. Лесно е за објаснување на другите по дома: каде е каналот, ако некој сака брзо да го најде. Шеската е за Алфа. Кутрите, веројатно и дома не ги гледаат. Уште еден доказ за тобоганот на медиумите. На седмото копче за брзо меморирање е Алсат ТВ. Честопати се фаќам како овој канал ми го одзема вниманието повеќе од очекуваното. На осмо место ми се наоѓа Сител 3. Морално беше да го меморирам тука заради „Јади Бурек“ – замислете, а сега нема веќе кој да гостува таму. Којзнае што ли прават оние силни навивачи и јавувачи на таа епски опеана контактна емисија; (од типот на голи гради временска прогноза). Деветтиот канал е собраниски. Топло го препорачувам на сите што имаат проблем со несоницата, особено ако фатат собраниска седница. За овој канал никогаш не сфатив дали новинарите вработени таму (претпоставувам има) земаат новинарска плата или плата за пополнување на денот со присуство! Ако Македонската радио телевизија е одговорна и за нив, се ми е јасно. Како прилогот за договорот на Македонија со Бугарија илустриран со наслов на кајронот „И Бугарија има специјално обвинителство“. Треба да се забрани алкохол и цигари во МТВ. Треба да се воведе и алкотест. Треба и психијатриско вештачење да се спроведе на уредниците и раководителите. А можеби треба да се почне од почеток, како во многу производствени фирми: сите надвор па дезинфекција, па еден по еден со Биографија и тест за писменост, во комплет со релевантно лекарско уверение за способност за работење во медиум. И додека не се дезинфицира медиумскиот простор, моите копчиња од далечинскиот управувач (пилотот) за брзо наоѓање на канали по навика, ќе останат неискористени – заменети со FOX, AXN, National Geographic, Al Jazeera, DW, CNN и сл.