Пишува: Верица Димитријевска

Кога и да пребарувате на тема корупција посебно во рударската индустрија Ви излегуваат податоци за сиромашни земји, земји во развој, кои пак истовремено високо котираат на листите на земји со највисока корупција и судир на интереси. Индикативни се видливи коруптивни мотиви заплеткани низ лавиринтите наречени странски или домашни инвестиции, најави за нови вработувања, рударски комплекси без претходно направени студии или направени студии по терк на „моќниците“ моделирани како пластелин за на крај сите да ја платиме цената на она што нема цена, а тоа е здравјето на граѓаните.

Еден значаен, но за среќа нереализиран таков модел беше планиран да се изгради на падините на ридот над Валандово во непосредна близина на плантажите со органско производство на општините Валандово,  Дојран Богданци и Гевгелија. Технологијата предвидуваше површински коп и лужење со сулфурна киселина во големи базени во самата планина. Вака  започна но за среќа не заврши приказната за рудникот за бакар Казандол.

НАЈАВЕНА КАКО СТРАНСКА ИНВЕСТИЦИЈА, СО СТОТИНА НОВИ ВРАБОТУВАЊА

Иницијативата за изградба на Рударски комплекс за производство на катоден бакар – „Казандол“ – општина Валандово, е на фирмата „Сардич МЦ ДООЕЛ експорт импорт“ – Скопје, која е фирма ќерка на англиско-украинската компанија „КОПИН“. Според податоци од официјалната страна на компанијата, редоследот на главните активностите поврзани со отворање на рудникот „Казандол“ бил следниов:

  • Во март 2014-та е добиена концесијата за вршење детални геолошки истражувања.
  • Во септември 2014-та се завршени истражувачките работи.
  • Во јануари 2015-та се потврдени рудните резерви во Казандол од страна на Државната геолошка комисија.
  • Во февруари 2015-та е добиена концесија за експлоатација на наоѓалиштето Казандол.
  • Во мај 2015-та е подготвен проектот за изградба на рударскиот комплекс Казандол.
  • Во јуни 2015-та се спроведени сите постапки и јавни расправи, при што е добиена одлука за одобрување на Проектот за оценка на влијание врз животната средина од Министерството за животна средина и просторно планирање (Студија за оценка на влијанието…).
  • Во јули 2015 е добиена дозвола за експлоатација од Министерството за економија и започнати се подготвителни работи.

Според јавно достапните податоци од документацијата на фирмата „Сардич МЦ“, при геолошките истражувања се утврдени резерви од 33 милиони тони рудно количество, предвидено за експлоатација во наредните 20 години. Капацитетот на рудникот би бил 4.000 тони катоден бакар. Од фирмата при поставувањето камен-темелник беше соопштено дека ќе биде вградена современа технологија од фински „Аутотек“ со која нема да има негативно влијание врз животната средина. Инаку, компанијата „Сардич МЦ“ најави вработување на 100-на луѓе, а целата инвестиција ја процени на 35 милиони евра. Рударскиот комплекс се градеше на државно земјиште, дадено под концесија на инвеститорот и за таа цел беше изработена државна урбанистичка планска документација.

НАРОДОТ ГЛАСНО КАЖА – НЕ!

Локалното население гласно застана против изградбата на рудник над нивните куќи, ниви, речиси над нивните глави, стравувајќи дека ќе им биде загрозена нивната секојдневна егистенција земјоделието, туризмот. Граѓаните идејата за отварање на рудник над нивните глави, ја нарекоа „Рудник на смртта“  а потоа организираа протести, петиции и на крај референдум.

ЕКОЛОГИСТИТЕ СЕ ПРИКЛУЧИЈА ВО БИТКАТА

Валандовската општина во најголем дел живее од земјоделство, во голем дел органско. Се одгледуваат житни култури, грозје, зеленчук, јапонски јаболка, калинки, бадеми и мед, кои најчесто се извезуваат во странство. Дополнително, на територијата на општината се наоѓаат некои од најзначајните археолошки наоѓалишта од античкиот и римскиот период во Македонија, меѓу кои и Исар Марвинци.

Стравот кај населението стана уште поголем, кога јавноста дозна дека се планирани уште десетици други рудници со металични суровини во поширокиот Југоисточен регион.

Тоа јасно го зацврсти гласно кажаното НЕ, од локалното населние, а воедно беше силен мотив екологистите да се приклучат во заштита на животната средина.

Нивните активности беа дополнително засилени од оправданиот страв од потенцијалното загадување на воздухот, водите и почвата, а оправдан беше и стравот дека на нив може да влијаат детонациите од ископувањето на рудата.

РЕФЕРЕНДУМ

За да се слушне гласот на граѓаните а тој да биде ефектуиран преку институционалните рамки, логички следен чекор беше референдум.

Според законските процедури, граѓанските иницијативи се должни да соберат потписи од минимум 20 отсто од граѓаните на општината  што се полнолетни. Потоа следеа битки во советите на општините за донесување одлука за распишување на референдум.

Во текот на 2017 година беа одржани референдуми во Гевгелија (со фокус на рудникот за злато на Кожуф и со поддршка на борбата против „Казандол“), Богданци, Дојран и Валандово. Од нив, трите беа успешни, а за неуспешен беше прогласен референдумот во Валандово, поради непостигнување на цензусот од 50% излезност.

Според анализите на реално присутни жители на општината Валандово, за време на референдумот, биле излезени повеќе од половината постоечки жители и покрај силните политички притисоци.

Овие референдумски резултати беа доставени до Владата, како потврда за гласно кажаното НЕ за изградба на рудникот за бакар Казандол.

ДОМ ЈА ЗАПОЧНА ИНСТИТУЦИОНАЛНАТА БИТКА

Во Парламентот, во декември 2017 година, двете пратенички од зелената партија ДОМ поведоа институционална борба за измена на Законот за минерални суровини и забрана на цијаниди и сулфурна киселина во рудници со површински коп, што беше поддржана од пратеници од разни партии и независни пратеници.

По едногодишна битка, со поддршка и од граѓанските движења, Законот беше донесен на 9 јануари 2019 година, со што е спречена идниата примена на овие загадувачки технологии во рударството, а со тоа и отворањето на десетици опасни рудници за металични минерални суровини низ цела Македонија.

ПРАВНА РАЗВРСКА

Правната борба за поништување на концесијата за рудникот „Казандол“ се фокусираше на две групи аргументи:

  • Необјективни проценки во Студијата за оценка на влијанието врз животната средина и
  • Прекршување на членот 13 од Договорот за концесија и неисполнување на рокот за започнување со работа.

Забелешките за спроведувањето на Студијата за оценка на влијанието врз животната средина од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање, како надлежна институција беа:

Не испочитувана законска процедура за широко информирање и вклучување на сите засегнати страни во јавната расправа по Студијата.

Со што се овозможи одржување на „фингирана“ јавна расправа пред мала одбрана публика.

Со ова е прекршен и Законот за животна средина и Архуската конвенција, како и правото на граѓаните да бидат информирани за се’ што е поврзано со животната средина.

  • Издавање на Решение за одобрување на Студијата, кое не произлегува логично од содржината на Студијата.

Заклучокот на Студијата е дека работењето на рударскиот комплекс „нема да предизвика значителни влијанија врз биолошката разновидност и пределот и врз еколошкиот интегритет во поширокото подрачје“.

  • Ваквите проценки се во колизија со детално објаснетите технолошки постапки и нивното штетно влијание
  • Рударските активности со минирање, кои произведуваат прашина, бучава и вибрации, се посебно опасни, затоа што, ова е, како што стои во Студијата, „еден од сеизмички најактивните региони во Македонија“ со „најсилните земјотреси во поширокиот регион“ и истите можат да доведат до лизгање на земјиштето, пукање на браните и излевање на отровните материјали во полето и градот;
  • Копање базени, лужење со сулфурна киселина, екстракција и електролиза, што се’ заедно предизвикува „со сигурна веројатност“ загадување на почвата, атмосферските и подземните води во „многу долг период“, преку можни „инцидентни истекувања“;
  • Прекршувањето на членот 13 од Договорот за концесија и неисполнувањето на рокот за започнување со работа од две години од страна на концесионерот, почна да тече од 27 февруари 2017 година, по изминати две години од добивањето на концесијата.

Ни во март 2018 година, по цели три години, не беше завршена изградбата на постројката за експлоатација на катоден бакар со капацитет да процесира најмалку 50% од експлоатираната руда, како што стои во Договорот.

Овие сознание се темелат врз извештајот од вонредниот надзор во рудникот од страна на Државниот инспекторат за животна средина, направен во ноември 2017 година, на барање на граѓанското здружение од Гевгелија „Спас за нас“.

Инспекторите на терен констатирале дека споменатата постројка е уште во фаза на темели, а поминува веќе третата година. Ова било илустрирано и со фотографии од локалитетот. Слични фотографии беа објавени и во јануари 2018 година од страна на компанијата „Сардич МЦ“ на нивната веб страна, со што беа потврдени состојбите околу постројката.

Воедно постојат и снимки со дрон од декември 2017 година, објавени од граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“, кои го потврдуваат истото.

Член 13

Обврски на концесионерот при експлоатација на минералните суровини

 Концесионерот по добивање на концесијата за експлоатација на локалитетот „Казандол, општина Валандово, општина Богданци и општина Дојран се условува во рок од две години од доделувањето на концесијатада изгради постројка за експлоатација на катоден бакар со капацитет да процесира најмалку 50% од експлоатираната руда и после две години од почнување со експлоатација на вториот рудник да изгради фабрика за производство на финални производи од катоден бакар со капацитет најмалку еднаков на годишниот капацитет на постројката за експлоатација на катоден бакар.

 По добивањето на дозвола за експлоатација, концесионерот при изведување на рударските работи за експлоатација на минералните суровини е должен:

  • во целост да ги почитува и применува обврските утврдени со закон,

На 20 декември 2017 бил одржан и широк координативен состанок на претставници од Владата, Собранието и граѓанскиот сектор, на кој се дискутирало за проблемот со „Казандол“. Било посочено на резултатите од вонредниот инспекциски надзор од страна на Државниот инспекторат за животна средина, а директорот од овој инспекторат, Мирослав Богдановски покажал и фотографии. На ова се спротиставил директорот на Државниот инспекторат за техничка инспекција, Екрем Буњаки, кој покажал записник од нивен надзор еден месец порано, во октомври 2017 година, во кој се констатира дека „изградбата на производниот погон е завршена“. Наодот во записникот го констатирале техничките инспектори Петре Рунчев и Венцислав Бошковски, а известувањето до Министерството за економија е потпишано од директорот Екрем Буњаки. Сите присутни на состанокот се согласиле да се направи заеднички увид на локалитетот на рудникот и да се утврди кој записник е веродостоен. Таков увид не се направил, но на 27 март 2018 година Владата го раскина еднострано Договорот за концесија на рудникот „Казандол“ со концесионерот „Сардич МЦ“ поради неисполнување на обврските.

ДАЛИ ДОБИЕНАТА БИТКА ЗНАЧИ И ДОБИЕНА ВОЈНА СО КОРУПЦИЈАТА ВО РУДНИЦИТЕ!?

Неопходни се одговори: Дали рударскиот бизнис бил покритие за други активности?

Концесионер на рудникот за бакар и бакарни производи во Казандол како што беше наведено и претходно е компанијата Сардич МЦ. Основач на „Сардич МЦ“ е акционерското друштво „Коппер Инвестмент“. За оваа инвестиција  поранешниот Премиер Никола Груевски зборуваше уште на почетокот на 2013 година. Инвестицијата прво беше најавена како голема „англиска“, а  продолжи како „англиско-украинска“ за конечно да стаса до само „украинска“. Но  за каква инвестиција воопшто стануваше збор!?

Документите барем од централниот регистер покажуваат дека во одборот на директори бил и  Ацо Спасеновски, поранешен амбасадор во Украина (2010-2014), поранешен министер за земјоделство и шумарство  (2006-2009) и член на Социјалистичката партија на Македонија чијшто претседател е бизнисменот Љубисав  Иванов – Ѕинго. Спасеновски дури стекна и акции во друштвото, а на почетокот беше само во менаџерските позиции во компанијата.

Во сопственоста се вмешани и украински политичари кои што биле и пратеници во Собранието на Украина за време на мандатот на Спасеновски. Дали се вплеткале интересите помеѓу локалната, централната власт и бизносот во Македонија оставаме да се изјасни јавното обвинителство.

На територијата која ја зафаќаат делови од општините Валандово, Дојран, Богданци и Гевгелија се кријат 33 милиони тони рудно богаство.

Откако од страна на македонската влада успешно е одземена концесијата заврши првата фаза на борбата против отворање т.н. „Рудник на смртта“. Здружувањето и заедничката борба на сите екологисти од граѓанскиот сектор, политиката и медиумите се покажа ефикасно – зелената мултисекторска коалиција даде резултат и за првпат во Македонија, за едно толку големо прашање, здравјето се стави пред профитот.

До израз дојде и разликата што може да ја направи чесен и посветен поединец во важна институција како што е Државниот инспекторат за животна средина, кога нејзиниот прв човек, Мирослав Богдановски, направи автентичен записник од лице место и утврди дека постројката за катоден бакар сеуште не е изградена, иако е истечен рокот од Договорот за концесија. Ова беше една од основите за постапување на Владата и одземање на концесијата. Со ова беше спречен обидот на претставникот на Државниот инспекторат за техничка инспекција да ги доведе во заблуда надлежните органи и јавноста преку изготвен записник со неточни податоци, во кој се тврдеше дека постројката е изградена, и тоа месец дена пред увидот на инспекторот од животна средина.

Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отворило предистражна постапка за наоѓање дополнителни докази за начинот на кој е издадена концесијата за експлоатација на бакар во рудникот Казандол, Со тоа продолжува втората фаза од борбата, со судски постапки по жалба на компанијата. Претстои и трета фаза, тоа е борба со корупцијата.

Контрадикторности

После овие наоди иако по барање на влада, било побарано да се направи вонредна контрола да се утврди кои од записниците е точен тоа не било сторено. Пријава е стигната и до јавното обвинителство поради основано сомнение дека група од повеќе сторители се здружиле со цел на незаконски начин да овозможат компанијата Сардич МЦ противправно да добие договор за експлоатација на бакар злато и сребро.

Недоследности во постапката

По нарачна направени студии или?

До јавното обвинителство поднесена била и Кривична пријава за сомнежи во изработката на студијата за оценка на влијанието на животната средина. Студијата на 295 страни ја изработила компанијата ЕМПИА ЕМС и била готова за 14 дена откако министерството за животна средина објавило потреба да се изработи. Понатаму постои сомнеж за геолошките податоци кои најверојатно компанијата веќе ги поседувала земајќи предвид дека геолошките истражувања траеле кус временски период или само 10 дена, па се поставува прашањето дали неовластено биле давани доверливи податоци на трети лица?

Покрај овие постапки за кои обвинителството треба да се произнесе, Во иднина потребно ќе биде да се истражи и да се поведат постапки за оние поединци од политиката, институциите и експертите, кои од коруптивни причини го прекршиле законот и и овозможиле на  заинтересираната компанија да се стекне со документи и дозволи за експлоатација, не водејќи сметка дека со тоа ќе биде загрозена животната средина и здравјето на луѓето. Секако ќе треба да се утврдат мотивите и одговорноста на претставникот од Државниот инспекторат за техничка инспекција за изготвување лажен записник, во полза на концесионерот, а на штета на животната средина, граѓаните и државата. Ако се докаже, ова би бил школски случај на корупција што ќе мора да се санкционира.

Државата денес има и изменет Закон за минерални суровини, со забрана за цијаниди и сулфурна киселина, што претставува сериозна брана пред понудите за инвестиции во загадувачки технологии, на штета на животната средина и здравјето.

Користени извори

  • Студија на случај изработена рамките на проектот “Следи ги инцидентите – (не)намерни пропусти и загадување на животната средина”, во имплементација на Здружение за еколошко одржлив развој ЗЕЛЕН ИНСТИТУТ Скопје.
  • Студија на случај за “Казандол” изработена од г-а Лилјана Поповска во рамки на Здружение за еколошко одржлив развој ЗЕЛЕН ИНСТИТУТ Скопје.
  • Студија за оценка на влијанието врз животната средина на рударскиот комплекс „Казандол “. Емпириа ЕМС. Министерство за животна средина и просторно планирање на Р.С. Македонија. Скопје. (2015).
  • Договор за концесија за експлоатација на злато, сребро и бакар во рудникот „Казандол “. Министерството за економија. Скопје. (2015).
  • Одлука за раскинување на договорот за концесија за експлоатација на злато, сребро и бакар во рудникот „Казандол“со концесионерот „Сардич МЦ“. Влада на Р.С. Македонија. Скопје. (2018).
  • Јанев, А. Договорот прекршен, „Казандол “може да се затвори. Истражување на БИРН. Призма. Скопје. (2018).
  • Дебатна емисија на тема: Реална опасност, или хајка против рудниците? Учество на Ангел Наков од „Спас за Гевгелија “, Лилјана Поповска од ДОМ, Беса Татеши од Министерството за животна средина, Николајчо Николов од „Бучим “и Бошко Сибиновски од „Сардич “, „Казандол“. Водител Иле Петревски. ТВ 21. (2018).
  • Снимки со дрон над рудникот „Казандол “. Фејсбук страна на „Спас за Валандово “. (2017).
  • Веб страна на компанијата „Сардич МЦ “. http://www.sardich.mk.(Сторијата е изработена во рамките на проектот ” Следи ги инцидентите – (не)намерни пропусти и загадување на животната средина”, во имплементација на  Здружение за еколошко одржлив развој ЗЕЛЕН ИНСТИТУТ Скопје , суб-грант на проектот „Заедно во борба против корупција “– финансиран од Европската Унија, а имплементиран од Центарот за истражувачко новинарство СКУП МАКЕДОНИЈА од Скопје во соработка со Институтот за човекови права (ИЧП) од Скопје и Центарот за развој на медиумите на заедниците МЕДИУМ од Гостивар,” – Скопје.

    Содржината на оваа публикација е исклучиво одоговорност на Здружение за еколошко одржлив развој ЗЕЛЕН ИНСТИТУТ Скопје  и во ни еден случај не ги одразуваат гледиштата на Европската унија, ниту на имлементаторот или партнерите на имплементаторот на овој проект.)