Од неодамна телевизиската емисија за деца и младинци „Ѕвон“ на Македонска телевизија е освежена со Вашето појавување како водител. Како се случи овој ангажман?

-Брзо, ненадејно и под склоп на околности. Сепак, се впуштив со голем ентузијазам штом чув за можноста која ми се укажува, со оглед на тоа дека од секогаш сум сакал буквално кажано – да бидам на телевизија.

Што беше пресудно да се обидете во сферата на телевизијата како медиум. Вашиот изглед на Топ модел, желбата за афирмација, или можеби предизвикот и магијата кои телевизијата ги нуди?

-Благодарам за комплиментот, хехе. Да се работи пред камери и рефлектори е забавно и предизвикува лична сатисфакција, но исто така е и голема одговорност која што бара надоградување во многу аспекти. Да се појавувам на телевизија некогаш беше само желба, а сега е и предизвик.

Впрочем, како ви изгледа тој свет? Тимското работење, учење на таjните на водителството од повозрасните колеги и колешки, но и дружењето и работењето со деца.

-Покрај тоа што моите уреднички се докажани новинари со долгогодишно искуство кои одлично ни ги пренесуваат своите знаења и умеења, исто така се и одлични психолози, полни со разбирање и трпениие кон нас, почетниците. Тоа што работиме со деца уште повеќе придонесува за една пријатна и ведра работна атмосфера.

При крај сте со студиите по шпански јазик, а го владеете и англискиот. Би ви било трема некогаш да прозборите и на тие јазици пред Тв камерите?

-А моментално јапонскиот ми е новата опсесија, ха ха. Всушност, имав прилика да зборувам малку и на шпански пред тв камерите, дури мислам дека имав и помалку трема отколку вообичаено.

Уште еден ваш активен ангажман е следењето на Евровизиите, и сте еден од главните во евровизискиот фан тим. Може да се случи да ве видиме и како презентер на нашите поени на некоја следна Евровизија, со оглед и на тоа што владеете неколку светски јазици?

-Евровизија ја следам долго време, и тоа не само во Мај. Се трудам да бидам во тек со случувањата и припремите преку цела година, па секако, би ми било екстремно мило еден ден да се испробам и во улога на презентер.

Наскоро, на годинашната детска Евровзија ќе ја слушнеме и нашата претставничка песна „Дома“. Ви гостуваше ли претставничката во емисија, ќе ја придружувате ли во тимот во Минск?

-Да, Марија Спасовска ни гостуваше во „Ѕвон“. Навистина талентирано и харизматично девојче. Не сум дел од тимот во Минск, но ќе ја има целата моја поддршка на 25ти ноември. Голем број од фановите на фестивалот имаат пофални коментари за песната  и прогнозираат добар пласман, па да се надеваме дека така и ќе биде.

Веќе, како што рековме, влегувате во телевизиската сфера. Која е вашата голема желба и намера, што се однесува до телевизиската кариера во иднина?

Се уште имам уште многу да учам и да се надоградувам, па во тој аспект би сакал работите во иднина да се случуваат полека и постепено. За сега се чувствувам добро во студиото на „Ѕвон“, кое што е вистинското место за подготовка на она кое што во иднина следи.