Пишува: Билјана Богдановска

(Текстот е објавен во Независен весник)

„Еден ден, полицијата и претставници на Цeнтарот за социјални работи донесоа девојче на возраст од 14 години. Едното око ѝ беше со модрици, на раката имаше свежа гребаница од остар предмет, облечена во валкана облека, постојано плачеше, се срамеше од нејзиниот изглед. Полека почна да ја раскажува својата приказна: „татко ми пиеше, ме тепаше, мајка ми беше многу болна. Јас морав да одам да питачам по раскрсници за да му донесам пари на татко ми за купи алкохол, ако не му донесев доволно, ме тепаше. Еден ден во куќата дојдоа двајца возрасни мажи, му дадоа пари на татко ми. Тогаш татко ми се заврте и ми рече дека од денеска јас морам да одам во друг град и во друга куќа затоа што веќе ме омажил. Не смеев да се спротивставам. Луѓето кои дојдоа ме зедоа со нив. Ме донесоа во непознат град во внатрешноста на земјава. Ме пречека мајката на мојот маж која ми рече дека јас морам да бидам послушна и да правам се што ќе ми рече таа. Мажот не го видов, тој дојде кон крајот на денот. Не затворија во соба, јас морав да ги задоволувам сите негови желби. Утрото околу 4 часот, свекрва ми почна силно да тропа на вратата и да ме буди. Станав. Ми рече дека како млада невеста морам да бидам станата и на сите во домот да им ги измијам нозете, затоа што таков бил обичајот. Морав да ја исчистам куќата, да готвам, да перам. Поминуваа денови, а јас морав да правам се низ куќата. Еден ден ми рече дека морам да одам да собирам праски во овоштарник на некој газда. Кога се вратив бев преморена,но јас морав да им ги измијам нозете на сите присутни во куќата, да зготвам јадење, да ја поставам масата. Многу ми беше тешко. Немаше кому да се пожалам. Бев оставена на милост и немилост на тоа семејство. Кога почнав да одбивам да сработам нешто, веднаш ме тепаа, ме казнуваа, не ми даваа да јадам. Еден ден навистина бев многу тажна и му реков на мажот ми дека јас ќе си одам. Ме затвори на таванот и ме остави таму. Не ми даваше ни вода ни храна, ме врза со јаже за да не избегам. Останав таму два дена. После неколку недели успеав да и кажам на најблиската сосетка која ми помогна и ме однесе во полиција“.

Ова е животна судбина на малолетно девојче кое било згрижено во Центарот за жртви на трговија со луѓе и сексуално насилство, единствен од ваков вид во земјата. Ѕидовите на овој Центар десетици пати низ годините посведочиле на битките на децата, кои нивните родители или блиски луѓе ги продале за пари и ги втурнале во принудни бракови – форма на трговија со луѓе која е актуелна и денес. Многу храброст им е потребна на жртвите да се обидат да избегаат од тој круг, во кој им се одземаат слободата и достоинството и да проговорат за насилството, заканите и работите што биле принудени да ги прават.

-И покрај напорите во борбата против трговијата со луѓе, за жал, овој проблем се уште е реалност за Македонија. Во изминативе години според нашите статистики повеќе од 90% од лицата кои се обратија или беа упатени во нашата организација за помош, се деца на возраст од 12-17 години кои претрпеле насилство и трговија со луѓе. Иако сите случаи се специфични, заедничко за сите нив е дека сите преживеале најсурово сексуално, физичко и ментално насилство – вели Јасмина Д.Рајковска, извршна директорка на „Отворена порта/Ла Страда Македонија“, здружение за акција против насилство и трговија со луѓе, кои 20 години работи на превенција, едукација, помош, поддршка и застапување на жртвите од трговија со луѓе и сексуално насилство.

Во моментот кога жртвата ќе дојде во Центарот, кај неа се забележува страв, срам, напнатост, недоверба кон сите, изгладнетост и многу често запуштени хигиенски навики. Понекогаш има модринки на лицето и рацете. Потребен е подолг временски период за да сфати дека е безбедна во Центарот и полека да почне да ја враќа довербата дека има некој кој може да и помогне.

„Се мажам за Белгија“

Во меѓувреме, на другиот крај од градот, Иницијативата на жени од Шуто Оризари се обидува да извади извод на родени за бебето на Х.А. Според сознанијата на вклучените во Иницијативата, Х.А. пред неколку години (на нејзини 14 години) била присилно омажена во земја во западна Европа, каде и живеела со родителите. Успеала да избега од тој брак, но родителите не ја примиле назад, се вратила во Македонија, едно време била згрижена од социјалните служби… сега има дете, нема место на живеење, нема приходи, питачи. Екипата на „Независен весник“ ја побара во Шуто Оризари, каде е сместена под кирија и низ улиците каде социјален работник не упати дека најчесто може да се види, но не успеавме да стапиме во контакт со неа.

-Сигурно сте ја слушнале онаа изјава што служи за потсмев: „Се мажам за Белгија!“, кога родителот ја прашува девојката како се вика младоженецот. Тоа е многу тажно, бидејќи тоа е тој присилен брак. Кога девојката или младата жена не го знае ниту името на својот иден сопруг, а треба да стапи во брак, а да не зборуваме понатаму како би се одвивал животот. Тоа е многу горлива тема за сите нас. Секогаш се вели дека е за доброто на жената или за доброто на девојката, но тоа не е за доброто на девојката – вели Салија Бекир Халим од Иницијативата на жени од Шуто Оризари.

Основен елемент во ромската заедница е девојката да биде невина. Дури и кога се случуваат бракови кои и не се официјални, по стапувањето во таков брак и губењето на невиноста,  семејството не би сакало да ја прими назад дури и ако таа е малтретирана од сопругот или неговото семејство.

Сопруга, но и роб за 1.000 евра

Од Министерството за внатрешни работи нѝ посочија уште еден случај од нивната пракса, кога татко за 1.000 евра ја продал сопствената ќерка. Ф.Х, државјанин на Албанија, со сила и закани планирал, договорил и реализирал склучување на присилен брак за неговата 15 – годишна ќерка, спротивно на нејзината волја, а со цел стекнување за себе  материјална  корист. С.М., иако знаел за возраста на детето,  истото го прифатил, скрил и со примена на физичко и психичко насилство го принудувал на живот во вонбрачна заедница и на вршење полови дејства. Имено, во декември 2017 година додека Ф.Х. престојувал на територија на Македонија, каде повремено извршувал физички работи, државјанин на Македонија побарал да му најде сопруга од Албанија. Ф.Х. му ја понудил својата малолетна ќерка, по што договориле склучување на присилен брак помеѓу С.М. и детето и покрај нејзиното јасно изразено несогласување. Детето, спротивно на нејзината волја било донесено во домот на С.М., каде било принудувано на сексуални односи, а откако го одбило, физички го нападнал.

Додека принудно живеела во вонбрачна заедница со С.М, слободата на движење ѝ била целосно ограничена, не смеела да комуницира со други лица и ѝ била забранета и телефонска комуникација со нејзини роднини, а во континуитет физички била малтретирана бидејќи одбивала да има сексуални односи со С.М. Откако Ф.Х. решил да си ја земе ќерката, С.М му ги побарал  парите што ги дал за неа (вкупно околу 1000 евра). За физичкото малтретирање на неговата малолетна ќерка и вербалната расправија со  С.М, Ф.Х. настанот го пријавил во полициска станица. Но не му дозволил на детето да се врати дома и се заканил дека ќе биде убиена или од него или од роднините. Девојчето потоа беше сместено во Центар за заштита на лица жртви на трговија со луѓе и сексуално насилство.

-Кога говориме за детските бракови сами по себе тие не се дел од трговијата со луѓе, но од аспект на кривичното дело “Трговија со дете“ ние во предвид ги имаме присилните детски бракови. Притоа, во досегашниот период како жртви на присилни детски бракови се идентификувани деца од сиромашни семејства, каде родителите се со ниско или без образование или кои потекнуваат од семејства со асоцијално поведение. Истото е пред се заради обичајните права кои како еден вид на културно наследство кај овие заедници се пренесуваат од генерација на генерација. Но, во некои случаи, иако генерално како држава се обидуваме да ги почитуваме овие културни права на заедниците, регистрираме екстреми каде превземените активности од страна на семејството или други лица се во описот на кривичното дело “Трговија со дете“ преку присилен брак – велат од МВР.

Тоа се пред се оние случаи каде психички и физички недозреани деца (најчесто на возраст од 12-14 години) со примена на сила, закани и казни се принудуваат на “брачен живот“ со полнолетни лица, при што во  “заедницата“се присилуваат да извршуваат тешки домашни или земјоделски работи кои не соодвествуваат на нивната возраст и развој, а не ретко се и сексуално искористувани од сите машки членови на семејството во кое е донесено детето и сето тоа заради бескруполозно остварување на парична добивка на оној кој го продава детето.

Според годишните извештаи на Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција, во 2020 се идентификувани 7 жртви на трговија со луѓе, 5 со цел сексуална експлоатација, а еден за присилно питачење. Во 2019 имало 6 жртви на трговија со луѓе, од кои едно дете и еден возрасен биле принудени на присилен брак, а кај уште едно дете има и присилен брак и сексуална експлоатација. Во 2018, пак, имало три жртви на принуден брак – и трите биле деца. Според статистиката на „Отворена порта“ од 2005 до 2021 година, 35 лица биле жртви на трговија со луѓе преку принуден или договорен брак.

Македонските, како и меѓународните закони, ги забрануваат малолетничките бракови пред наполнети 18 години. Овие закони се засноваат на аргументот дека децата и адолесцентите не се доволно зрели да донесуваат одлуки за брак и семејство и дека раното стапување во брак може да доведе до трајни емоционални, физички и психолошки страдања. Покрај тоа, за девојчињата стапувањето прерано во брак значи уништување на можностите за образование и економски перспективи и влијае за зголемување на сиромаштијата во многу заедници во светот.

МВР: Статистичките податоци укажуваат на фактот дека во државата најголемиот број (преку 90%) на идентификувани жртви на трговија се деца од женски пол, на возраст од 12 – 17 години. Голем процент од нив отпаѓа на трговијата со деца заради остварување на присилни бракови. Добар дел од децата од нашата земја, со посредство на роднини, пријатели и познаници завршуваат во “бракови“ во странство со лица државјани на западно – европските земји од ЕУ, каде исто така се предмет на експлоатација, а за кои за жал дознаваме или од родителите кои првично и учествувале во договарањето на бракот или од здружение на граѓани до кое успеале некако да се обратат за помош овие деца. Ова говори дека во нашата држава треба уште многу да се работи на менување на свеста и совеста кај граѓаните, на натамошно едуцирање и укажување, на менување на менталниот склоп кај одреден дел од граѓаните, но и на навистина строго казнување на сторителите на овој вид кривични дела.

Македонско здружение на млади правници (МЗМП): Преку своите претставници во мобилните тимови обезбедуваме правно советување на жртвите во однос на нивните права и можноста за активно учество на жртвата во постапката против трговците, процесните права кои ги имаат во текот на кривичната постапка како можноста да бараат исклучување на главната расправа, забрана за соочување со обвинетиот, заштита на приватноста и идентитетот итн како и можноста да побараат имотно правно побарување. Преку адвокати кои се специјализирани на темата и со кои МЗМП соработува се обезбедува директна правна помош на жртвите за време на кривичната и граѓанската постапка.

Јасмина Д.Рајковска, „Отворена порта“: Се обидуваме да го опфатиме секој аспект во кој на жртвите им е потебна помош и поддршка. Имаме прифатилиште за жртви на трговија со луѓе и сексуално насилство кое што е единствено од ваков вид во државата и нуди сместувачки капацитет за жртвите. Им обезбедуваме храна, облека и материјална помош, хигиенски средства, психо-социјална помош и поддршка. Бидејќи голем дел од жртвите имаат медицински проблеми од физичка и психичка природа, во соработка со здравствените институции им обезбедуваме медицинска помош. Обезбедуваме и правна помош, бидејќи најголем дел од жртвите учествуваат во судските процеси, а посредуваме и за запишување во училиште, односно враќање во образовниот процес и алтернативно образование. Дополнително, со цел да се овозможи целосна реинтеграција на жртвите во општеството, им обезбедуваме обуки и занаетчиски курсеви, но враќањето во нормалниот живот зависи и од семејството на жртвата, кое треба да биде најголема поддршка, но и од Центрите за социјална работа со цел полесно да се вклучи во социјалната средина.

Високи затворски казни за сторителите

Од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, појаснуваат дека принуден бракне постои како кривично дело, туку е еден од облиците на кривично дело „Трговија со луѓе“, односно „Трговија со дете“, но сите случаи во кои постапувало обвинителството доколку сторителите биле достапни на органите на прогонот, на крајот завршуваат со осудителни пресуди.

Така, на пример за настанот со штитеничката на Домот за деца „Ранка Милановиќ“ – Скопје, каде во период од почетокот на декември 2017 година до февруари 2018 година детето било жртва на трговија со луѓе, сторителите откако ја признале вината биле осудени на затворска казна за двајца во траење од дванаесет и за една осудена 13 години. Но, Апелациониот суд Скопје, уважувајќи ја жалбата на обвинителството, ја преиначи првостепената пресуда на Основниот суд Скопје 1 Скопје и на првообвинетата и изрече казна затвор во траење од 17 години, а другите две лица ги осуди на казна затвор во траење од по 14 години.

Во случај каде малолетник од село Бучим, Радовишко, со употреба на сила, измама и присилба, искористувајќи ја немоќта на жртвата, ја подвел својата петнаесетгодишна роднина на присилен брак и заедно со второобвинетиот кој знаел за возраста на девојчето, претходно се договориле за сума од 1.600 евра да му ја донесе својата роднина, на возрасниот сторител одредена му е казна затвор од 4 години и да исплати отштета од 5.000 евра, а на малолетникот му се изрекува алтернативна мерка – условна осуда со заштитен надзор со која му е утврдена казна затвор за деца во траење од 2 години што нема да се изврши, ако за време од три години од правосилноста на пресудата детето не стори дејствие што со закон е предвидено како кривично дело.

Во друг случај, каде татко ја продава ќерката во два присилни брака, тројцата сторители се осудени на казна затвор во траење од седум, односно четири години.

На подобрување на состојбата и искоренување на ваквите случаи, покрај надлежните институции, работат и невладини организации, граѓански здруженија и други.

– Европската унија и Советот на Европа се посветени на спречување и борба против трговијата со луѓе и тие заеднички го поддржуваат и финансираат проектот за борба против трговија со луѓе во Северна Македонија. Поддршката е канализирана преку заедничката програма на Европската унија / Совет на Европа Хоризонтален објект за Западен Балкан и Турција 2019-2022, со цел да се поддржи усогласеноста на корисниците на Југоисточна Европа со ангажманите за борба против трговија со луѓе на Советот на Европа и законодавството на Европската унија – вели Лејла Дервишагиќ, програмски директор на канцеларијата на Советот на Европа во Скопје.

Обврските за борба против трговија со луѓе на Советот на Европа се утврдени во Конвенцијата за акција против трговија со луѓе и Европската конвенција за човекови права, и двете се ратификувани од Северна Македонија. Усогласеноста со поранешната Конвенција е обезбедена од ГРЕТА – Група на експерти за акција против трговија со луѓе. ГРЕТА досега објави два извештаи за проценка во однос на Северна Македонија. Кога станува збор за трговија со деца, меѓу другите препораки од извештајот ГРЕТА за 2017 година: „… ги повикува националните власти да преземат понатамошни чекори за подобрување на идентификувањето и помошта за децата жртви на трговија со луѓе, а особено за: „осигурете се дека релевантните актери заземаат проактивен пристап и ја зголемуваат нивната работа за да ги идентификуваат децата жртви на трговија со луше, со особено внимание на децата на улица, децата од ромската заедница и децата без придружба. “(став 122 од Извештајот).

хххххххх

Оваа статија/сторија е изработена со финансиска поддршка на Европската Унија и Советот на Европа. На ниеден начин не може да се смета дека гледиштата изразени во истата го одразуваат мислењето на Европската Унија или на Советот на Европа.