дома Култура Mузика, Опера, Балет Два концерти во организација на КИЦ на Република Северна Македонија во Албанија

Два концерти во организација на КИЦ на Република Северна Македонија во Албанија

16

Во организација на Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Тирана, Република Албанија, во текот на септeмври ќе бидат реализирани две музички претставувања.

На 7 септември, во Тирана ќе се претстави македонското женско гудачко трио „Trinity Strings“ предводено од виолинистката Ирена Стојановска, која е професионален музичар во оркестарот при Националната опера и балет. Настапот ќе биде од отворен карактер, а триото ќе изведе репертоар од класична и танго музика. Концертот е хуманитарен, а донациите ќе бидат подарени на Центарот за деца со Даунов синдром во Тирана.

На 18 септември во Поградец, предвиден е  концерт  на македонскиот џез-квартет „Чупа“ (Chupa). Концертот  е во рамките на 10-то јубилејно издание на реномираниот Тирана џез-фестивал, кој од 10 септември до 10 октомври ќе се реализира во неколку градови во Албанија. Во џез квартетот „Чупа“ членуваат еминентите македонски џез- музичари: Оливер Јосифовски на контрабас, Славчо Коцев на тапани, Кирил Кузмановски на саксофон и флејта и Филип Димишковски на клавијатури.

Директорот на македонскиот КИЦ во Тирана, Златко Ориѓански информира за засилени активности во следниот период, како и за подготовка на изложба за Мајка Тереза.