дома Живот Животна средина Дебата во резиденцијата на ЕУ: Како да го заштитиме биодиверзитетот?

Дебата во резиденцијата на ЕУ: Како да го заштитиме биодиверзитетот?

Темата е инспирирана од изложбата „Розеви тигри и златни гуштери и што уште не“ што се одржа во резиденцијата на Европската Унија во Скопје

73

“Заштита на биодиверзитетот преку чување на природата и реверзија на деградацијата на екосистемите“ беше темата на четвртата дебата инспирирана од изложбата „Розеви тигри и златни гуштери и што уште не“ што се одржа во резиденцијата на Европската Унија во Скопје. Зелениот договор на Европската Унија и предизвиците со кои се соочуваме се суштината на сите дебати. Колку се грижиме за заштита на биодиверзитетот и зошто ова прашање е дел од Зелениот договор? Можно ли е заштитата на природата и економскиот развој да се одвиваат како паралелни процеси – беа дел од прашањата начнати на дебатата.

Домаќините, ЕУ-амбасадорот Дејвид Гир и Пол Бускот ги поздравија учесниците Даниел Богнер, експерт и поранешен тим-лидер на проектот „Натура 2000“ на ЕУ, Маја Богдановска-Зенделска, проект-менаџер во Делегацијата на ЕУ, д-р Светислав Крстиќ, редовен професор на Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје (ПМФ), д-р Ивана Трајаноска, професорка на „Американ колеџ“, Диме Меловски од Македонското еколошко друштво, Андон Бојаџи, раководител на Одделението за заштита на природата при Националниот парк „Галичица“, Едита Зеќировиќ од Министерството за животна средина и просторно планирање, Иван Дургутов, млад европски амбасадор и студентки од ПМФ и од „Американ колеџ“.
Модератор на дебатата беше активистот Горјан Јовановски од AirCare.

Дијана Томиќ-Радевска е куратор на изложбата „Розеви тигри и златни гуштери и што уште не“ што ја организира Делегацијата на ЕУ во соработка со галеријата „Акантус“ како еден од начините преку уметноста да се зборува за глобалните проблеми. Таа го претстави концептот преку делата на Андреј Жерновски, Вана Урошевиќ и Зоран Тодовиќ (заеднички проект), Ненад Тонкин, Озбек Ајваз, а се задржа на делото на Маја Кировска. Поттикнати од пандемијата, карантините и ограничувањето на движење во природата, Кировски создале домашна градина. Почнале да ги проучуваат видовите што ги одгледуваат, да истражуваат за нив.
– Тоа го споив со социјалните мрежи што ги користам како медиум. Се прашав кој јазик на комуникација го користат инфлуенсерите за да постигнат нешто. Постојано ги освежувам информациите и бројот на публиката расте – вели Кировска.

Модераторот Јовановски направи интересен пресврт на почетокот на дебатата и ги насочи студентите тие да поставуваат прашања на кои одговараа експертите.
Ана Варелова, активистка и апсолвентка на студии по екологија при Институтот за биологија, се интересираше за пристапите за заштита на биодиверзитетот и можностите да се направат промени во легислативата и на политичко ниво.