На 27 мај , со почеток од 13 часот, во Џебното кино во МКЦ ќе се одржи јавна дебата на тема „Џезот како алатка за културен и интелектуален просперитет на македонското општество. “

Присутните на оваа дебата заедно ќе се осврнат околу неколку прашања кои најмногу ја засегаат македонската културна џез сцена.

Џезот комуницира отвореност, која е еден од неоспорливите елементи потребни за прогресот на едно општество. Тој не е комерцијален жанр, но крие можности, нови светови, емотивен и интелектуален раст и како таков, треба да биде поддржан од институциите кои ја градат културата во нашето општество.

На трибината се поканети претставници од Министерството за култура, Град Скопје, Деканите на Музичките академии од Скопје и Штип, како и претставници од истите, директорите на актуелните џез фестивали во земјава, претставници од Здружение на џез музичари Скопје, како и останати заинтересирани џез музичари и слободни уметници.