Деновиве се одржа поетската манифестација во Штип, со голем број поети, над стотина. Импресивна приредба на новосоздадената поетска реч, од поети и поетеси од цела земја и пошироко. Поконкретно, ова беше осмото издание на манифестацијата „Поетски поздрав на Четрсе“ – Штип 2022, која се одржа во ОУК Дом на младите, на 22. Март, на истоимениот верски празник, кога градот го слави верскиот празник Четрсе.

Господинот Делчо Везенковски – Вујче, Претседател на ЗГ-ЛК „ИСКРА“-Штип, е еден од главните организатори, кон кого се упатени пофалби.

*Најпрво, честитки за организацијата. Сега кога малку здивнавте од сите тие обврски, кога ги средивте импресиите да позборуваме малку како Вие ја видовте оваа манифестација?

– Манифестацијата 8.„Поетски поздрав на Четрсе“ во целина ја видов како мошне успешна реализирана програмска содржина на Здружението на граѓани Литературен клуб „ИСКРА“- Штип, ако се земе во предвид дека во прашање е работен ден, кога полно од пријавените се спречени да учествуваат на ова поетско дружење.

* Учество зедоа над стотина поети од земјава и од други земји. На кој начин дојдовте до нив, односно тие до Вас?

-Благовремено распишавме отворен конкурс (од месец дена) за учество на манифестацијата, на неколку Фб-страници на неколку литературни клубови во Македонија, со испраќање на

нивни поетски творби, кои ќе бидат објавени во Зборникот со песни.

*Издадовте зборник со песните, кој е всушност некомерцијална книга. На која тематика најчесто беа објавените песни? 

-Песните се со најразлична тематика, па сепак, најмногу преовладуваат песните со љубовна, родољубива и со социјална содржина.

*Не прогласивте победник, што од една страна е убаво затоа што дава рамноправност на сите учесници, а од друга малку ја згаснува мотивацијата да се биде најдобар. Кое е Вашиот став по однос на ова прашање?

– Натпреварувачкиот карактер на секој настан резултира со извесно негодување, несогласување, сомнеж и доза на субјективност. Победници се сите учесници, бидејќи на сите им се објавени нивните литературни креации (песни) во Зборникот со песни од манифестацијата.

 *Ова беше осмо издание на манифестација, за кое поетесите и поетите имаат најубави зборови и коментари во изминативе години. Беше и најдобро досега и според Вас, или има уште нешта на кои треба се работи?

-Задоволството е обострано – и организаторите и учесниците, “И волкот сит и овците на број!“. Заедничкото дружење не може да се замени со ништо, посебно тоа е нагласено со последната двегодишна апстиненција (Пандемијата со КОВИД-19), кога манифестацијата се сведе само на промоција на Зборникот со песни. Не сакаме ништо да менуваме во концепцијата.

*Имавте масовна организација, со преку стотина поети, нешто што наликува на Струшките вечери на поезијата. Кој стои со Вас во оваа голема организација, логистички и финансиски, се разбира, зошто без сето тоа е невозможно да се организира. 

-Зад успешната организација на „Четрсе…“ стои заедничкиот ентузијазам на членовите на Клубот, а во прв план на мене, како претседател и Миланчо Миленкоски, како заменик на претседателот на ЗГ-ЛК „ИСКРА“-Штип. Финансиски малку ни потпомогнаа нашите пријатели (спонзори): Здружението на пензионери-Штип и Локалната самоуправа на Општина Штип. Три години добивавме финансиска поддршка од Министерството за култура и, на наше големо непријатно изненадување, оваа година изостана нивното учество – нашиот проект беше одбиен. Благодарение на нашето домаќинско и одговорно работење, дел од средствата заштедивме во изминатиот временски период, па можевме да се зафатиме со реализација на оваа манифестација.

*Штип блесна денот на празникот Четрсе. Истиот ден луѓето, претежно младите се качуваа на ридот Исарот и го запазуваат обичајот, во кој младите девојки фрлаат 39 камчиња, а 40-тото е за Симпатијата. Овој е уникатен обичај запазен само во Штип и уште на две места во светот. 

-Постои една максима, во која длабоко верувам: „Каде се младите – таму е животот!“ Значи, обичајот има светла иднина да живее и да се негува и пренесува од колено на колено.

*Доаѓаме и до прашањето за Вашите ангажмани. 

-Јас сум виш библиотекар, по вокација сум филолог (македонист и лектор). Цели 30 години ги организирав наградните литературни конкурси за песна и краток расказ на меѓуопштинско ниво, во организација на изложби на книги, литературни читања, промоции на книги, пригодни предавања, литературни портрети и слично. Бев постојан член на Уредувачкиот одбор за издавање
на Годишникот (Алманахот „Искра“ на ЛК „Искра“ од бр.2 до бр.31 (последниот), уредник на сите 8 (осум) броја на Зборникот со песни од „Четрсе…“ и на пригодните билтени на Клубот, а бев и член на Уредувачкиот одбор за издавање на монографијата „Народна библиотека *Гоце Делчев*- Штип“ по повод јубилејот: 50 години непрекинато работење (1946-2006).
* Клубот “Искра” од Штип е мошне афирмиран меѓу поетите, па кажете ни нешто повеќе за Вашиот клуб и за неговите активности.
-Литературниот клуб „Искра“ е со богата традиција, чии корени датираат од 1947/1948 година кога се прават првите обиди за организирано дејствување, па преку 1962-1964 година, за да конечно од 1974 година истиот има континуитет во неговото постоење и дејствување, со одржување на Основачкото собрание, а вистински расцут доживува со добивањето на сопствена просторија за одржување на неговите редовни семични состаноци во штотуку новоизградениот и пуштен во редовна работа објектот на Народната библиотека „Гоце Делчев“ во 1978 година.
*Осмото издание е зад нас, што е следно што Вие ќе организирате како поединец и секако како клубот “Искра” од Штип, кој е активен преку цела година. 
-Пред нас претстојат уште неколку учества на наши членови на поетски манифестации организира на литературни клубови во Македонија: во Охрид, Прилеп, Кичево, Демир Хисар, Велес, Крива Паланка, Кочани… Годинава, заедно со Библиотеката, за првпат ќе го организираме меморијалниот награден литературен конкурс за најдобра песна со социјална, родољубива или со љубовна содржина, насловен како „Ристе Јованов – Малец“, а во спомен на првата годишнина од смртта на нашиот истакнат член – еден од основачите на Клубот во 1974 година и лице со најдолг стаж како редовен член. Зацртани се и две промоции на најнови книги на наши членови, присуство  на литературни и културни настани во нашиот град  Штип.
Валентина Ѓоргиевска Парго