дома Култура Mузика, Опера, Балет ДИНО ИМЕРИ: Повеќе се радувам на домашните успеси, до нив потешко се...

ДИНО ИМЕРИ: Повеќе се радувам на домашните успеси, до нив потешко се стигнува!

Разговараше: Валентина Ѓоргиевска Парго

241

Во Македонската филхармонија, вечерва, 11 декември, ќе се одржи славенички концерт– 10 години уметничка кариера на врвниот пијанист Дино Имери.

Тој е еден од најистакнатите млади македонски уметници, кој по завршувањето на Академијата со просек 10 и со почести Cum Laude, достигнува големи успеси во својата професија.

А, неговата работна карта, таа е пребогата со настапи- со Македонска филхармонија, со Стразбуршкиот филхармониски оркестар, со Софискиот филхармониски оркестар, фестивали во Франција, Приштина, Австрија…Во 2013 година го издаде своето прво ДВД-издание со музика од Хајдн, Бетовен, Лист и Брамс, во соработка со оркестарот „Фејмс“ за снимање филмска музика.

ТЕХТ.МК: „10 години уметничка кариера“. Маестро Имери, како од овој агол, ден пред концертот, во неколку реченици кажано, изгледа таа една успешна деценија?

ИМЕРИ:Збир на незаборавни моменти слеани во еден здив. Во овие 10 години се случија многу работи, но остана вистинската љубов кон уметноста и останаа вистинските луѓе околу мене.

ТЕХТ.МК: Според првичните најавите, на концертот ќе бидат изведени дела од класичниот репертоар како Равел, Пјацола, Дворжак, Доплер, но и Вашата авторска композиција “Сон” напишана за Благој Нацоски. Во што пронајдовте инспирација толку за композицијата „Сон“. И, што друго ќе изведете?

ИМЕРИ:Инспирација за оваа композиција црпев од два извори – Благој, кој со својата широка и благородна душа ме поттикна да ја напишам оваа композиција која на мое огромно задоволство му се допадна доволно за да прифати да ја изведеме, како и Дијана, мојот сон, на која оваа композиција е посветена.

ТЕХТ.МК: Ќе земат учество истакнати уметници, меѓу кои и Влатко Стефановски, Благој Нацоски, Камерниот оркестар на МММ со Дијана Имери Илкоска како диригент, Бојан Илкоски, Марија Јакимовска, Богдана Бушевска, Биљана Јосифов, Инес Неделковска, Ади Имери и Ивана Коцевска. По кој критериум го направивте изборот на уметници, овој пат?

ИМЕРИ: Секој од гостите претставува различни музички приказни кои сум ги работел и раскажувал низ годините заедно со нив. Овој дел од конципирањето на програмата одеше најтешко бидејќи навистина има впечатлива бројка на прекрасни уметници со кои сум работел, но оние кои ќе настапат вечерва најдобро ќе ја раскажат музичката приказна на овој концерт.

ТЕХТ.МК: Кога зборуваме за вашите успеси, во изминативе години, кои за нијанса повеќе Ве радуваат, оние дома или оние во странство?

ИМЕРИ: Домашните успеси, бидејќи секогаш многу потешко се стигнува до нив.

ТЕХТ.МК: Вас ве вбројуваат во десетте најдобри европски пијанисти. Какво задоволство, но и обврска носи оваа титула?

ИМЕРИ:Признанието ми значеше во моментот кога се стекнав со него бидејќи беше огромен предизвик и товар. Во овој момент морам да признаам дека сум преокупиран со нови предизвици кои го заслужуваат моето целосно внимание.

ТЕХТ.МК:Првото десетлетие е блескаво, за второто кој сон е следен за исполнување?

ИМЕРИ:Најголема желба ми е да си останам верен на своите принципи и понатаму да ги држи здравјето сите луѓе кои ги сакам и кои ме сакаат.

ТЕХТ.МК: Со оглед на тоа дека потекнувате од музичко семејство, а Вашиот татко Дамир е легендарен поп аранжер и автор, може да очекуваме излет и во „забавната музика“?

ИМЕРИ:Во овој момент немам аспирации за ангажман во водите на забавната музика.

ТЕХТ.МК: „Баги комуникации“ стои зад организацијата на концертот, со кој вечерва,   од 20 часот, ќе се претставите во Македонска филхармонија. Што би сакале да и порачате на македонската публика , која со нетрпение ве очекува на сцена?

ИМЕРИ: Да биде дел од оваа магична вечер заедно со сите нас и да си понесе дома со себе нешто посебно по завршувањето на концертот – незаборавни моменти. Тоа за нас уметниците ќе биде голема награда.