Во рамки на XXXIII Меѓународен саем на книгата во Скопје, денес, 13 септември со почеток од 11 часот, Здружението на издавачите и книжарите на Македонија традиционално ги додели наградите поделени во 5 категории, за изданија издадени меѓу двата саеми. Одлуката ја донесе тричлена стручна комисија во состав: писателот Блаже Миневски, претседател, новинарката Весна Дамчевска, член, и академскиот ликовен уметник Златко Глигоров, член. Право на учество имаа сите изложувачи на саемот.

За најдобро оригинално издание од областа на литературата, науката, културата и уметноста меѓу двата саеми е избрана „VIOLA ARSENICA“ на Влада Урошевиќ, издадена од ИК Готен, Скопје и МАНУ, Скопје.

Најдобро ликовно-графичко обликување и дизајн на книга – едиција меѓу двата саеми е Едиција „ГРАВИРИ“, чиј дизајн е дело на Јованчо Димоски, издавач е „ПНВ ПУБЛИКАЦИИ“, Скопје.

За најдобро илустрирана книга или сликовница меѓу двата саеми е избрана „ПРИКАЗНИ ЗА ДОБРА НОЌ НА МАМА АНА“ од Билјана С. Црвенковска, илустрации на Магдалена Тофилоска
и Горан Мрвиќ, издадена од „СВЕТОТ НА БИБИ“, Скопје.

Наградата „Јаков од Камена Река“ за најдобра компјутерска обработка за печат или отпечатена книга или едиција меѓу двата саеми е доделена на „СИРЕНА КОЈА СЕ СМЕЕ: ПЕТ БАЈКИ ОД
ВЕНЕЦИЈАНСКОТО ГЕТО“ на авторката Мирјана Огњановиќ, илустрации Александар Палавестра, во издание на „АВАНТ ПРЕС“, Скопје.

Наградата за најдобар книжар меѓу двата саеми е доделена на Ивона Стојковска од „Светот на Биби“ од Скопје. А.Н.