Дробење по комшии

246

Пишува: Филип Спировски

Утрово ме разбуди страшен, кошмарен сон: голема војска со тенкови и бајонети, во шинели и во строј, маршира во „ослободителен“ марш кон центарот на Скопје. Војската е „ослободителна“, а армијата не е бугарска. Е, за војниците не се сеќавам точно ама како да фаќаа на бугарски дијалект кој се зборува во југоисточните краишта од државава и дуж Брегалница. Бугари се, не се, Бугари се, не се… Тресокот на мобилниот телефон од масичката до креветот ме спаси. Отворив очи и десетина секунди трепкав во темнина. Мачнината в стомак ми ја снема дури по ручекот.

Кога го раскажав сонот на домашните ме прашаа да не сум ја „измешал терапијата“. Жена ми помисли дека сум користел забранети психотропни супстанци дента пред кошмарот, а фамилијарниот лекар кој патем, ни е куќен пријател рече дека стресот е од читањето на штогоде на нет во дневната рутина на домаседењето. Јас му верувам нему.

Му верувам и на Заев во намерата да не „внесе во Европа“ и да се кандидира за уште една Нобелова награда. Но уште повеќе ќе му верувам ако побара од Борисов и од Радев да клекнат и да се извинат за документираните злодела нанесени од „бугарската администрација“ на населението кое стана еден од столбовите на оваа држава која претендира да има европска иднина. Ама народот не му верува на Заев. Излегува и труби низ државава за неговото „дробење по комшии“. И внатрепартиските „длабоки“ гласови се слушнаа од СДСМ додуша замолкнати од партиската врхушка која брзопотезно неспретно се огласи во стилот на бранење на шефот. Многу работи се насобраа таму во најнезгодно време. Опозицијата ќе рече: сега е вистинскиот момент да „удриме“ по нив. „Експертите“ обезбедија тезги до Нова Година, а трговците на блек фрајдеј ја предизвикаа короната во обид да заработат екстра.

Се плашам дека кошмариве, предизвикани од политиката, ќе продолжат до пред Нова година. Се плашам и од бројките на заболени од Ковид. Се плашам од загадувањето на воздухот (кое е помало од лани и оломнани) и од празните акумулации. Не ми е страв единствено од онлајн наставата. Посветен сум на описменување и ми одговара тајмингот: 2-3 часа, таман да го стокмам ручекот.

Кога сме кај комшиите, ми текнува за деновите пред година, две три… и есенските продолжени викенди минати на бања кај соседите. Одушевени од спа центрите, од хотелите и од гостопримството, а понекогаш и разочарани од понекој застарен модел на цариник, ја гледавме европската перспектива. Тогаш го немаше Каракачанов да објаснува што треба да направиме кога ќе се фатевме за новчаник. Молчеа и Радев и Борисов. Сега таа слика за Европа ни е малку заматена, но не од Европа. Европскиов источен пример е исклучок! Маглата, прашината во очи е можеби и пожелна – да не се видат гнасотиите кои треба да се преминат за да се изоди патот до целта. А целта сами си ја избравме и за тоа никој не ни е виновен.