дома Живот Сцена Дуа Липа, Стормзи и „Фу фајтерс“ ги освоија Брит наградите

Дуа Липа, Стормзи и „Фу фајтерс“ ги освоија Брит наградите

46

Ѕвездата во подем Дуа Липа ја освои наградата Брит како најдобра соло музичарка, додека Стормзи ја доби истата награда во машка категорија, победувајќи го фаворитот Ед Ширан, јави агенцијата АФП.

Дуа Липа (22), една од ретките музичари која надмина една милијарда прегледи на песната „New rules“ на јутјуб, беше фаворит во однос на ниминираните пејачки Палма Фејт, Кејт Темпест, Џеси Вер и Лора Марлинг.

Музичарката родена во Лондон во семејство на косовски Албанци го издаде во средината на 2017 година албумот „Dua Lipa“, кој веднаш доби позитивни оценки од критичарите, додека познатиот музички магазин NME оцени дека пејачката има „квалитетен и зрел глас“ и покрај годините.

Стормзи (24), кој го објави во 2017 година деби албумот „Gang Signs & Prayer“, стана најдобар соло музичар, додека во конкуренција за оваа награда покрај Ширан, беа Лиам Галагер од поранешниот бенд „Оејзис“, Лојли Карнер и Регендбоун мен.

Американскиот бенд „Фу фајтерс“ ја освои Брит наградата за најдобар меѓународен бенд.

Церемонијата за доделување на наградите се одржа во знак на поддршка за жртвите на сексуална злоупотреба што ја тресе филмската индустрија и светот на шоу бизнисот, пренесе АП.

На гости на церемонијата им беа поделени бели рози во знак на солидарност со движењето од Холивуд „Time’s up“ (Времето истече), кое е основано во октомври 2017 година, кога неколку десетици жени го обвинија американскиот продуцент Харви Вајнстин за сексуално вознемирување и злоупотреба.

Наградата Брит ја доделува Британската фонографска индустрија, која претставува здружение на британската музичка индустрија.

Наградата први ја освоија легендарните „Битлси“, а меѓу добитниците се наоѓаат и Принс, Ени Ленкокс, Роби Вилијамс, Адел, Стинг, Питер Гејбриел, Дејвид Боуви и Мајкл.