Специјално од Торино за text.mk, Валентина Ѓоргиевска Парго 

Како што е веќе добро познато, оваа година на Евровизија победи Украина, односно украинскиот бендот „Калуш Оркестра“ кој на финалето на 14 мај во Торино, доби преголема поддршка од гласачите од цела Европа. А нивната песна “Стефанија”, посветена на истоимената мајка на лидерот на бендот Олег Псиук, Стефанија, веќе е хит.

Оркестарот Калуш победи на евривизискиот фестивал во Торино, Италија, со вкупно 631 поен. Тие сега го држат рекордот за добивање на највисоки телевотинг поени во историјата на натпреварот, а исто така завршија на четврто место и од жирито.

Ова беше трета победа на Украина, по Руслана со Wild dances во 2004, и Јамала во 2016 со “1944”. Но оваа победа се разликуваше по многу нешта. Цела Европа го даде својот глас на страна на украинското народ кој е под атак на руските воени сили. Затоа и Олег се приклучи на фронтот веднаш по враќањето, а на самиот фестивал изјави дека е подготвен да се бори за својата земја. Последно беше фотографиран пред хотел во Торино со својата девојка Александра, ден по победата, а потоа се врати во Украина, право на фронт.

Се прочу и дека “Калуш”, имаат намера да го продадат на аукција трофејот на Евровизија, а собраните пари да бидат донирани во добротворна организација за поддршка на Украина и вооружените сили. “Калуш” допрва треба да одлучи за датумот на аукцијата, но тоа ќе го објави наскоро. Олег Псиук исто така рече дека би сакале да видат „голема сума“. Тој беше многу благодарен за огромната поддршка.

НОВИНАРИТЕ ДАДОА СИЛНА ПОДДРШКА

За Украина се знаеше дека ќе победи уште од моментот кога се пријавија, не само затоа што песната беше впечатлива и хитовска, уште повеќе што европјаните на тој начин даваат поддршка на настраданиот украински народ, поради војната во која настрада многу невин народ и во која има многу жртви.

Во Италија може да се забележи украинското знаме на многу институции. И во прес центарот кај новинарите ситуацијата беше иста. Имаше и посебен штанд на кој се играа одредени игри на среќа и се даваше поддршка за Украина.

Витали Лирник, Ирина Шафинска,се медиумски соработници и фанови од Украина постојано ги носеа своите костими на кои беа истакнати боите на украинското знаме.

Лонеке Хавеман е уредничка од Холандија. Торбата која ја носеше со боите на Украина е подарок од нејзиниот камерна Денис кој пред Евровизија бил во Украина и и ја купил, а и самиот тој носеше маичка на која пишуваше Украина.

Поддршка за украинската песна и фамата околу неа, во програмата на Евривизиското радио во кое гостував, дадовме и јас и грчкиот уредник Ангелос Дадалиас.

КОЈ ЌЕ БИДЕ ДОМАЌИН НА СЛЕДНАТА ЕВРОВИЗИЈА?

Се очекува Украина да биде домаќин на натпреварот во 2023 година, но голем број земји понудија да бидат домаќини на натпреварот доколку Украина не може.

А, украинската национална телевизија, дури и во вакви услови го штити јавниот интерес, за разлика од некои тимови од други земји, и објави дека јавноста ќе може да го избере украинските жири за Евровизија 2023. Од следната година секој човек од јавноста ќе може да се номинира за член на украинското жири за Евровизија. Микола Чернотициј, претседател на одборот на украинскиот тим го објасни процесот: „Јавноста изрази незадоволство од овогодинешното жири. Од следната година ќе објавиме отворен повик за членови на жирито. Сите граѓани кои сакаат ќе можат да ја понудат својата кандидатура. Ќе гласаме на веб-страницата и ќе се договориме за кандидатурите со ЕБУ. На крајот ќе се формира професионално жири кое ќе гласа за финалистите на Евровизија. Годинешното гласање на жирито предизвика голем бес на украинските социјални мрежи. На украинските корисници на социјалните мрежи не им се допадна тоа што националното жири не им даде поени на Полска и

Литванија. Коментарите со омраза стигнаа дури и до Катерина Павленко, која беше овогодинешна украинска портпаролка и која немаше никаква врска со одлуката на жирито. Вадим Лисиција, претседател на украинското жири за Евровизија 2022, му се извини на полскиот народ на онлајн прес-конференција. Микола Чернотициј додаде дека нему, како шеф, му е жал што Полска не добила високи оценки, но како службеник немал право да се меша во работата на жирито…

Да се надеваме дека следната година, одиме во слободна Украина!