Утре (2 јуни) со почеток во 19 часот ќе се одржи 4. издание на Интернационалниот фестивал на краток филм „ФИЛМАЈ“ во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“.

На годинешното издание ќе бидат прикажани 11 филма поделени во два блока од по 90 минути, меѓу кои ќе има 20 минути пауза. Како што најавува организаторот Фото-кино клуб „Козјак“, влезот ќе биде бесплатен, но сепак 15 минути пред почнувањето би требало да се подигнат билетите (кои можат да се резервираат и претходно на меил или на фејсбук) за да не се создава непотребна гужва.

Грчкиот филм „Божиќен Ангел“

Да потсетиме дека посетителите ќе можат да ги видат наградените филмови, и тоа: косовскиот „Изместено“ во режија на Самир Карахода, кој ја доби наградата за режија „Лазар Ѓорѓевиќ“, потоа грчкиот „Божиќен Ангел“ на Фотис Зампетакис на кого му припадна наградата „Козјак“ за најдобро сценарио, а тука се и двата наградени македонски филма: „Северен пол“ на Марија Апчевска, кој му донесе наградата на Владимир Самоиловски за најдобра фотографија, што го носи името „Радислав Ристевски“, како и „Обичната Ели“ на Лавинија Софрониевска, кој беше прогласен за најдобар домашен филм годинава. Додека, новосоздадената награда „ФИЛМАЈ“ за најдобар краток филм, за која одлучуваат сите членови на Фото-кино клубот „Козјак“ од Куманово, ѝ беше доделена на хрватската режисерка Борна Зидариќ за краткиот филм „Сама“.

Најдобар македонски филм „Обичната Ели“

Одлуките за наградите ги донесе стручното жири, кое на 4. издание на фестивалот беше составено од тројца македонски автори: Сезер Салихи, сценарист и режисер на кратки филмови, магистер по филм, Косара Митиќ, режисер и сценарист на повеќе филмски проекти и тв серии и Филип Илиевски, како претставник на клубот „Козјак“, кој активно учествува на изложби и натпревари и има освоено повеќе награди, а во 2016 се стекна со звање фотограф прва класа и AFIAP титула во Меѓународната организација на фотографи.

За „Северен пол“ награда за фотографија

А покрај наградените, на фестивалот ќе можат да се видат и другите официјално селектирани филмови, меѓу кои се: „Импровизирана земја“ од Венецуела, „Свет син“ од Италија, потоа австралискиот „Мајсторот“, американскиот „Сочувствување“, шпанскиот „Work It Class!“, како и македонскиот студентски документарец „Мачор“ на Тина Величковиќ.

Оваа година фестивалот една недела пред одржувањето организираше и ревија филмови во алтернативниот „Валхала бар“, каде што за сите љубители на фестивалот беа одбрани 15 филма од изминатите три изданија како своевидно загревање пред фестивалот, што помина во одлична атмосфера. А така се очекува и да биде на годинешното 4. издание, за кое сите заинтересирани подетални информации можат да најдат на фејсбук страницата на фестивалот „ФИЛМАЈ“. (С.У.)