дома Колумни Еднаш дневно: АФИРМАЦИЈА/НЕГАЦИЈА НА ЕСТРАДА

Еднаш дневно: АФИРМАЦИЈА/НЕГАЦИЈА НА ЕСТРАДА

21

Иако, генерално се е веќе јасно видливо во последниве години, а најмногу во последно време, иако светот е пред ново преструктуирање и се набргу ќе биде поставено по нови правила, ќе позборуваме денес накусо за афирмација или, по потреба, негација на естрадата.

Естрадата е главно музика. А музиката е пријатно доживување на луѓето. Ракува со нивните чувства и умее да ги опушти.

За да се дојде до тоа ниво потребно е талент, велат 1%, и вежбање, велат 99 %. Вложувања многу. Се од себе си, ако сакаш да си најдобар во тоа што го правиш. И инспирација голема. Да те посетат струните.

Еден дел музичари се одлучуваат за формална музичка едукација и работа, што подразбира одење на училиште, средно музичко и Факултет, а потоа работење во некоја институција или училиште, и редовни месечни примања.

Еден дел од музичарите се одлучиле за да работаат по свои принципи, по своја слободна волја, да создаваат и промоцивираат во јавност свои дела. Бидејќи веќе станува збор за самостојни уметници, кои се “обврзани” да творат по своја слободна волја, тие сами се обврзуваат да најдат финансии, преку спонзори, продажба на цедиња, концерти, но тука скокнува во поддршка и државата преку разни механизми и ги потпомага со субвенции, пари за проекти, учество во манифестации.

Емитување на радио и телевизија на нивните песни носи пари од тантиеми, и тоа е една широка тема која треба убаво да се разотвори, затоа што чаршиски муабети велат дека има автори кои земаат по 30.000 до 50.000 евра годишно од тантиеми. Упорно се повторува оваа приказна, која е начисто “полудувачка”, затоа што не знам кој е тој автор чии песни дење ноќе ги вртат, велиме дека естрада стагнира со децении немаме музика како поранешната. Но и да има никој не заслужува таков монопол, да биде само тој застапен во етерот, имаме многу добри и плодни автори, воопшто.

На една поранешна средба на новинарите и министерството за култура беше јавно кажано дека тие се сомневаат на двоен софтвер, радијата пуштат една музика, а во ЗАМП пријавуваат песни од автори блиски до нив и така влечат големи пари, кои потоа по договор си ги делат. Но, од ЗАМП ибедуваат дека тоа е веќе среден проблем од пред уште неколку години.

Ова треба убаво да се испита и истражи на повеќе нивоа, еве им идеја и на службите по допрен глас, јас ова многу многу често го слушам од музичари кои се сомневаат, но бидејќи ни тие ни ја можеме да го докажеме со документи, има стручни професионални служби кои ги информирам еве сега.

Тука доаѓаме до поентата на мојата колумна-до каде треба да е позитивната афирмација на естрадата, а од каде треба да почне негирањето?

Позитивната афирмација е тоа што треба медиумски да се поддржи секој талент, со заслужен отстапен простор. Никако со премалку, никако со премногу. Сите со ист аршин да се мерат.

Да се пушта убава македонска музика, ама навистина убава и квалитетна, особено и од млади генерации. Ми се чини само кај нас естрадата е застоена. 30 години исти ликови, се тие си ги делат главните финансии, со лавовски залаци, додека на светската сцена се сменаа многу генерации и како да “пропаднаа в земја” и најголемите светски легенди.

Негација треба на се она што е ала “мафијашка работа” . Како-местење на фестивали, награди, пари, конкурси, делење пари од манифестации и институции по пријателско- роднинска линија, исклучување на личностите каде има конфликт на интереси, на пример не може во медиум да работи едниот сопружник и преку таа своја дејност да му продава песни, текстови со потпис на сопружникот и да ги афирмира повеќе само оние изведувачи кои купиле од таа “тезга”.

Негација треба и кај создавање кланови и шеми кои ги има доста, негација треба и во мешање во уредувачка политика на медиуми, притисоци, потплатуваље, убедување или “врзување” на новинари и уредници со некоја контрауслуга.

Негација треба кај мешање на партии или власт во нечија естрадна кариера, било за да е поуспешна, или било да е блокирана.

Негација треба и кај менаџерите за кои има романи да се пишуваат, треба создавање на една нова менаџерска елита, културна и чесна.

Негација треба и кај оние музичари кои не плаќаат даноци и други обврски кон државата.

Со еден збор афирмацијата да се состои во рамноправно вклучување на секој кој сака да партиципира во естрадата и да му се даде шанса, а негацијата да се состои во исклучување на секој кој не почитува правила, колеги, држава и публика, според погорепосочените аномалии.

Потоа, сама ќе се склопи естрада каква што заслужуваме, со сите нишани и со сите музичко- сценски убавини. Најважно, и блескави чесна.

ПАРГО

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.