Еднаш дневно: БЛОКИРАЊЕ

36
Навистина, не знам што треба да направиш и со што треба да заслужиш, да бидеш блокиран од фб фан страница на висок владин функционер, министер или дури и премиер. Да бидеш дрзок ли, невоспитан, глупав и да пишуваш недолични глупости, закани и клетви на фејсбук профилите? Не, еве сами прочитајте во коментарите на прозваните носители ќе видите дека не е до тоа. Таму има од оние коментатори кои пишуваат неподносливо примитивно, на најниско ниво, и тие коментари се одобрени и “гордо” стојат на нивните ѕидови, “ги красат”, во име на некаква новосфатена демократија. Поточно, не им се ни забранети, ни избришани, ни блокирани.
Ги има стотици и стотици.
Извинете, Јас во таква демократија не верувам и не и се поклонувам. Тоа не е демократија, тоа е узурпирање на јавен простор и вознемирување на јавност, со амин на оној кој го поседува тој профил.
Па, ми доаѓа да прашам:
-Добро, на толку администратори и ПР тимови зар не заслужува барем да биде определен еден администратор да ги брише и блокира овие негативни коментари, кога веќе ништо добро не носат?
Не да ги блокира граѓаните, тие треба да се цело време во релација со своите претставници во влада, и со министрите, ами да им ги брише коментарите на пишувачите кои не покажуваат култура во комуницирање. Дури и да сакаш да оставиш некој добар коментар, идеја и предлог, поради таквите нападни ликови не се осмелуваш, не сакаш веднаш некој нападен тип да биде некорисен фидбек на Твојата активност, да ти се закачи и надолго и нашироко ти објаснува дека не си во право, само затоа што не размислуваш како него. Дури и да те навредува.
Јас не знам кој им ги води профилите на владините претставници, пратениците и градоначалниците, ама кој и да е, не си ја завршил работата како што треба и не си ја одработил платата.
Треба да се сфати дека тие профили првенствено се за да се комуницира со јавност на достоен начин, да се разговара со граѓани во врска со одредена тема или проблем и да им се одговори, доколку има потреба. А коментари со навреди “пијаница, предавник, сељак, театар, кучка, ружноча, предавничка…” и закани за долги раце, долги нозе, долги пиштоли, треба да бидат веднаш бришени блокирани. Па и санкционирани во реалниот живот. Да се избришат и од вжештените глави на пишувачите.
Одамна има услови кај нас да се спроведуваат казни за сајбер агресивност. Кога би се казнале неколкумина, ќе се контролираат и другите што пишуваат. Зар некој е должен да доживее навреди и омаловажувања? Не е. А, и, нема потреба ни да се читаат такви работи.
За да се преслика малку повеќе култура на фејсбук, пример функционерите треба да покажат први. Да ги одблокираат блокираните фејсбукери, да ги блокираат и да ги отстранат сите некорисни и навредливи коментари, сите до еден, и оние кои се однесуваат на нив, и оние кои се однесуваат на други, зошто демократија без почитување на основни вредности на почитување на луѓето наоколу, не е возможна.
ПАРГО
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.