Еднаш дневно: ДРУГАРСТВО

17
Љубов и другарство за мене се подеднакво свети работи. И целосно ја содржат истата содржина, истата есенција и истата магија. Во другарка и другар јас се гледам себе си, во пријателка и пријател исто така. Тоа што сакам да ми се случуваат мене како фини нешта, сакам и неа/нему. Сите најубави работи. За, кога ќе седнеме на маса да го делиме истото чувство. На радост. На веселие. На гордост и задоволство. Наисполнетост. Ништо да не ни недостига, на ниедно поле што не прави среќно.
Сакам пред мојата другарка или другар да сум како сама со себе, без задршка. Инаку, би било тоа некоја официјална средба со случајна личност, која и да се случи и да не се случи, исто ми се фаќа.
Не е тоа вистинско другарство. Вистинското другарство е свето и така треба да се третира. Она што се случува меѓу двајца другари или две другарки, всушност е и треба да биде исто дискреционо, како и меѓу двајца љубовници. Се е исто, само што во другарството нема близок телесен контакт.
Секое пренесување на разговорите или случките меѓу другари на трето лице, ја нарушува магијата, го крши убавото во другарството, го кине цветот кој расте меѓу нив.
Се што се зборува и случува меѓу другари, тука треба и да остане. До ситница.
За себе знам дека може некој поголем удар која другар или другарка ми ја нанеле уште пред неколку децении лесно да го поднесам, кнедлата да ја голтнам, за да процвета тоа другарство. Сама наоѓам оправдание за таа нивна постапка, со цел да се се сруши она што претходно сме го изградиле. Вложувано е доста емоции, совети, заеднички поминати мигови, премрежја, среќни и незгодни моменти. Се што сме имале сме си вложиле една со друга. Едноставно, си велам, на секому се случува, ама ете од близок човек треба да се голтне и заборави. Меѓу нас нека остане само убавото.
Од друга страна пак, може да ме разбеснет и ситница, ете на пример телефонско јавување во кое другарката пренесува небитна работа дека јас кафето дента сум го испила со две лажички шеќер и таа се смеела на тоа.
Не, не сакам ни тоа да биде пренесено на трета личност. Не сакам ни јас да пренесувам детали од моите средби со другари и другарки. Селекција на што е важно, што не е важно да се пренесе, секогаш постои, но главно не зборувам како сум поминала при некое мое дружење. Истото го барам за возврат, не е многу де.
Има една изрека која вели – две работи човек не сака да му се случат на својот пријател-преголема среќа и голема несреќа.
Но, не би ја прифатила оваа изрека, која знае да е и реалност. Нека се среќни. Нивната среќа ќе ме огрее и мене, кога ќе е потребно, а зраците од мојата среќа ќе ги осветлат и нив, кога ќе е потребно. Зошто на сите не секогаш истовремено ни се стемнува и разденува. Не е битно во чии раце ќе биде фенерчето што свети, ако ние сме заедно и во добро и во лошо. А тоа е веќе другарство.
Затоа да повторам: другарството е и како љубовта, тешко се наоѓа, ретко се создава, долго се гради, многу е кревко и се што треба е будно да се чува. Како цветче.
Зошто на човек без вистински другари му е исто и како без љубов, чувствува голема празнина која не секој може да ја пополни. Некогаш, отсуството на некоја  другарка или другар знаат да болат повеќе и од отсуство на партнерот и партнерката.
Се тоа е спојување душа со душа, а душа, знаеме колку нежно се чува. Како цветче на дланки.
ПАРГО
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.