Нашата земја е мала по површина, и релативно земено и по население, па една легенда вели дека секој со секого е роднина, пријател или трет братучед, па што и да направиш се тоа е тука во тој мал круг.
Затоа работата на новинарите е доста отежната, посебно за новинарите кои работата во строго определена сфера. Кругот е многу тесен.
Во сферата на естрадата е малку поголема “гужва”, и во тоа остварување на желбата да се биде популарен и најпопуларен, да се стекне телевизиска и медиумска слава, се вклучени, гротескно, не само музичките таленти, ами и цела армија од блиски, нивните мајки, баби, стрини, вујни, сваќи, соседството, кој не. На сите оние на кои тој или таа им е најубав и најубаво им пее, свири, а сите други не им чинат.
Не ретко за обична банална работа, или текст, наместо возрасниот пејач или пејачка, ете го неговиот родител или роднина на линија, се објаснува со новинарот како тоа не треба така ами вака. А станува збор за (одбрана на) пејач кој не само што е одамна е полнолетен ами веќе и самиот е татко. И потоа се раѓаат анегдоти, и смеење на нивна сметка. Но, сепак како новинар ти ги врзува рацете да изнапишеш пикантерии за одреден лик, едноставно бегаш од дополнителни главоболки и напад од неговите  “стрини-вујни” коалиции.
Бидејќи сме мала средина, а кажав дека мотивот е да се биде популарен макар  и лажно популарен, не секогаш новинарите објавуваат се што знаат за пејачите, надминувајќи ја потребата за што поголема читаност на нивниот текст. Не откриваат нивни љубовни афери, ако се спонзорски, “забрането овошје”, не откриваат какви се по карактер приватно, дали се груби или нежни, културни или невоспитани, какви далавери прават, премолчуваат нечии состојби за болест, депресија, штетни пороци, сиромаштија и слично. И главно за музичарите и естрадњаците пишуваат афирмативно, никогаш не ги столчуваат со пенкалото, напротив ги издигнуваат, многупати и над заслуженото.
И покрај се, естрадата не е задоволна од новинарите.
 Што се не ќе слушнете зад грб, какви не измислици. Сум слушнала што не за своите колеги и колешки, и веднаш ги стопирам естрадните озборувачи, не дозволувам озборување, доколку имаат нешто против, нека реагираат по пропис и правило. Со демант со реакција. А не со измислени и напаѓачки муабети и навреди.
Тоа најчесто го прават оние естрадни ликови “мешалки”, кои секаде се нешто плеткаат, и на крај самите ќе се заплеткаат до степен од кој не може да се отплеткаат, па почнуваат да бараат виновник, таму каде што виновни се самите тие и никој друг.
Тие гледаат да извлечат што поголема популарност, хонорар и да завршат некоја работа зад параван, макар и против законот. Не плаќаат даноци, не пријавуваат хонорари, се приближуваат по партии. Местат, узурпираат, прават шеми.
Мојата надеж е дека барем младите музичари ќе си ја сфатат правилно работата и ќе си ја градат кариерата на вистински начин. Не со местени награди, не со партиска поддршка и публика, спонзори, со сила полнети концерти, лажни рејтинзи. За потоа кога ќе стигне крахот, да им се виновни новинарите.
Новинарите не им се виновни.  Ниеден новинар не ги тера така да ја  градат приказната, ниту ги обврзуваат некако да се договараат со продукции, менаџери, со партии, со медиуми, со нивните здруженија, кои слабо функционираат, или функционираат селективно за кого како.
Самите си знаат како поминувале, колкави хонорари земале, како ги договарале и на што ги трошеле своите парите. Новинарите не им ги зеле. Ни денар.
Кога тогаш ќе мора да си се соочат со оваа вистина.
Нервозата кај нив нараснува и што навистина само од музика кај нас не се живее. Ако немаш плус уште некоја стабилна работа, само со музика висиш како на конец. Не дај Боже, што се вели рака да скршиш ти нема да можеш да вадиш хонорар да преживееш.
Се надевам следниве музички генерации здраво ќе напредуваат, и  штом им помине нивното на сцена, лесно и без гнев ќе ја напуштат.
Славата трае многу многу кратко, многу брзо поминува. Од неа ништо не останува. Дури ни кај светски ѕвезди…
А новинарите и да пишуваат најдобро за некого штом згаснува неговата слава, тие не може да му ја вратат, и малку да му ја “подгреат”, пак не ќе може да му ја вратат во полн сјај.
ПАРГО
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.