Еднаш дневно: ЗЕН feat ШИЛЕГОВ 

99
Политиката ја диригира нашата музичка сцена, отсекогаш, ама сега па, во новово време- невреме, станува апла видливо.
Подарувањето на сет со свои албуми, од страна на Тони Зен, на скопскиот градоначалник Петре Шилегов, го вжешти интернетот и ни создаде чуденка, каков е овој пријателски двоец Зен feat Шилегов?
Имено, пред само неколку денови Тони на својата страница јавно ни посочи дека се судрува со финансиски проблем (како сите ние) и кој сака може да купи негови албуми. Јас, без размислување веднаш ја поддржав оваа идеја, објавувајќи новинарска објава, во која, по редот на нештата им се обратив на неговите обожаватели. Зошто, по која логика би повикала некои други, што не ги интересира музиката на Тони?
Тоа беше обид за заслужена поддршка на артистичка креација, ако беше искрен самиот артист во првата објава, како што ние сфативме.
Но, наспроти неговиот а и мојот обид, ете и конкретна акција од страна на градоначалникот на град Скопје. Тој на својата официјална градоначалничка фб страница ги покажа албумите на Зен (ама некако ми се причина како не со многу волен израз на лицето), и објасни дека ги добил на подарок од својот пријател. За да иницира со купување на албуми да ја поддржиме македонската музика. Како следни потенцијални купувачи, тагнал неколку своите партиски другари и соработници.
Просто се зачудив зошто ни се обраќа нам за нешто вакво и тоа баш на официјална страница на која информациите треба да бидат поврзани со нашиот живот/проблеми кои не засегаат во градот, а не со негови лични пријателски и партиски гестови?
Понатаму се прашав каква е таа информација за пријателски релации, зошто ние граѓаните би требало да знаеме кој му е пријател и какви лични подароци прима од нив?
Следно се запрашав: како како градоначалник самоиницијативно одбрал граѓанин кому сака да му помогне логистички/финансиски, во време на пандемија, и тоа ни го соопштува од позиција на градоначалник и од неговата официјална градоначалничка канцеларија?
Простете, ама јас тоа го доживеав како суптилна, а толку јасна дискриминација на сите нас други граѓани на градот? И веднаш прошетав по профилите на други градоначалници на метрополи, за да начекам нешто такво. Ама…
Градоначалникот по закон и по етика e подеднаков во обврските кон сите нас. Ако го помогнал Тони затоа што му е пријател, значи ли дека јас како граѓанка нема никогаш да добијам поддршка само затоа што не сум негова пријателка?
Или, па, ајде вака. Ако сака да ми докаже дека не сум во право, и јас навезав гоблен и извезав перничиња и сум во пандемска финансиска криза, ќе му ги подарам па нека го тагне повторно своето партиско друштво, за да ми ги купат тие моите гоблени.
Да, секако, нема да го прашаме, како фан на Тони Зен на колку концерти купил билет и отишол?  И тој, а и неговите  партиски пријатели кои ги тагнал. Прашање на личен вкус, а и приватна работа.
Но, сакам да знам зошто со овој пост  сака да ме иницира да ја купам музиката на Тони?
Јас сега помислувам дека ова е обид за прелевање на публика, од кој мислам дека исходот ќе е ваков – Тони ќе загуби многу свои навистина верни слушатели, а Петре нема да добие од неговите фанови. Тцк! Зашто, музичкаta публика не можеш да ја конвертираш во градоначалничка. Нема таков закон во музиката.
Разменување и давање на публика, меѓу две различни фели, не е можно.
А баш беше Тони направил “јака работа” со видео спотот “Ратата “што го сними во време на карантинскиот час, нешто што навистина ме упати на тоа да помислам дека е привилегиран, повластен и има некој јак пријател (иако не ја знам вистината, само претпоставувам дека е така). Во моменти кога ние, цела нација, не смеевме ни да излеземе на нашите прозорци, балкони, нему ми беше овозможен цел град да си го користи во свои цели. Тоооолку моќна дозвола, што ја споредив со онаа “не така славна” кога за да слета во стилот на холивудска моќна ѕвезда на свој концерт во Охрид, на Боки 13 му беше даден официјалниот хеликоптер од државава, “питај Бога” со каква дозвола и од кого.
Дефинитивно Петре со ова нема да ме убеди да го купам албумот на Тони. А ни самиот Тони, во случајов.
Ниту пак Тони ќе ме убеди да гласам за неговиот пријател Петре. Ако треба да гласам за пријател, ќе си гласам за мој пријател. Па после тој нека ми биде промотор, дистрибутер, нека се слика со моите гоблени на неговата официјална градоначалничка страница. Ако сме решиле официјалните позиции да важат само за “пријатели” .
Зошто јас знам како е со фановите – фанот е нешто посебно, со посебна сила и магија. Но, кога еднаш ќе го разочараш, тој повеќе не ти се враќа.
Всушност самиот Тони Зен уште на почеток на својата кариера ја имаше таа лекција, што значи фан, уште на својот прв настап, кога се појави на сцена пред најсаканиот и најславен вистински хипхопер до срж,  Едо Маајка. Во една скопска дискотека.  Памети Тони, и знае дека фановите беа дојдени за друг, дека беа тоа фанови на Едо Маајка и не даваа никој да им го открадне времето за нив и нивниот идол.
Се до ова подарување на цедиња, кога најверојатно ќе се соочи со учење на нова лекција.
А, ако почнува официјална општествена кампања за купување на албумот, таа треба да потекне од Министерство за култура, да важи за секого, и секој музичар да се пронајде во неа. Тогаш, ветувам, јас прва ќе го купам цедето на Тони и ќе се сликам за кај мене на профил, и ќе ги тагнам сите мои незнајни и знајни пријатели.
А, ако Петре пак сака гласови, тогаш чекаме на дело да го покаже своето ветување, дека ќе ја реновира Универзална без да ја чепка, и така, најверојатно ќе добие и глас а и, гарантирам барем од моја страна, ќе му станам пријателка.
ПАРГО
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.