Репертоарот на “Леб и сол” целосно управува со вашите чувства, и затоа секогаш кога ќе решите нешто да издвоите како “нај” сигурно нема да ви биде лесно, а ни со конечна трајна допадливост. Одговорот го менувате на секоја минута, или можеби и на помалку од тоа.
Оттука можам да замислам како ѝм било на членовите на Здружението на џез музичари на Македонија, кога одлучувале кои песни ќе ги свират на својот годишен концерт за 2023, на деветти декември, со кој требаше да се поздрават со својот седумгодишен раст како Здружение, и истовремено да се поздрават со својот прв чекор како институција, наскоро НУ Џез оркестар на Македонија.
Миг на возбуда создаде и самата најава дека на ред дошло нешто “наше”, а во своето се чувствуваш нели, и, најудобно.
Веќе се губи смисол за нашите џезери да се пишува до какво совршенство стигнаа, сѐ е само повторување на истата констатација, и, ако тие почнаа на оваа сцена, на својот прв настап со репертоарот на “Битлси” пирамидата не е превртена што сега завршија со “Леб и сол”. Напротив. Врвот е постигнат (а основата правилно поставена). Или подобро речено од еден врв прелетаа кон друг, ист по височина.
Концертите на нашите Џезери се спојување на контекстите- во случајов, многу контексти и потконтексти, во кои секогаш може да барате и пронајдете асоцијации и содржини. Се работи на сѐ, тоа се контексти кои се втурнуваат во длабочините на нештата. Одат од брегот кон внатрешноста и од внатрешноста кон брегот, од површината кон внатре, од внатре кон површината. Кружно, хоризонтално и вертикално. Како џез, чија форма е испреплетена од разни креативни компоненти и геометриски фигури, обоени со волшебен колорит и безмерна поетика.
*
Овој пат, најпрво да констатирам, ни го пласираа патриотизмот како посебно избрусано и софистицирано доживување- кое расте(ше) во тебе. Токму и затоа самата публика лебдеше и лебдеше и радоста со секоја изведба ѝ беше сѐ поголема и поголема, за на крај на концертот Македонска опера и балет да ја заблеска целосно чиста блескава енергија од доживеаните (музички) задоволства на присутните, слеани во едно.
Кокан и Бодан од оригиналната постава на славната група беа дел од неа, Гаро не, но доколку беше сигурно ќе му пробудеше голема емотивност второизведената “Дикијева игра”, што ја има компонирано за својот син, палавкото Дики, Влатко таа вечер свиреше во Белград.
Понатаму, спојувањето на целокупните македонски музички вредности- дестилат од песните на “Леб и сол”, изџезирани за да се спојат со светот, а изведени маестрално за да се спојат со недостижноста. Како чиста капка небесна џез роса, која паѓа од небо, оросува, освежува, прочистува и маѓепсува.
А секоја песна не би била тоа што е ако не се спакува како што треба, во случајов аранжманите се нејзиното пакување, за да се добие скапоцен подарок во скапоцен целофан.
Џезерите во еден глас ја избрале “Скопје” како носечка и ударна, песната нѐ спои сите на самата кулминација при крај (на состанок била избрана за задолжителна, заедно со “Таласна дружина”), за кои Гордан Спасовски ги направи аранжманите, и ни раскажа дека му одело прилично лесно.
-Имаше малку поинаков звук на почетокот од аранжманот, и потоа се приближи кон оригиналот, меѓутоа тоа си одеше природно. Почна на соло пијано со еден “Њу Орленс пијано риф” кој ми дојде и на кој се базираше интрото, а потоа развојот одеше природно, со елементи типични за биг бенд, ќе рече младиот генијален уметник.
И другите аранжери сами си ги избрале песните (ставени на листа која вреди да ја разгледате внимателно).
Ова што ни се случува со џезериве е нешто поголемо од нас, како заедница.
Нашиот џез оркестарот одеднаш стана заштитен знак на целокупната култура последниве години, сам понираше од некаде. И е општествен феномен, еден сосема нов вид на концепт кој видливо ги поместува запците на расипаниот општествен механизам, кој пак честопати се движеше и ретроградно и назад. Целата нивна чесност во пристапот на својата работа и максимумот кој го вложуваат, е импресивен “момент за набљудување” во општество кое доживеа слободен пад и сега полека се обидува да застане на нозе.
Од друга страна во него препознаваме и рушење на елитите во “сферата на културата”, покажување дека најмоќно е штом се потрпеш на своето, на себе си, на своето јас и дека никој не може да те помрдне од тоа место, таму си свој на своето. Покажаа дека може! И дека само тогаш со постигнатиот успех инспирираш и ги придвижуваш сите работи, и по вертикала. И дека доста е да се чека од некој друг. Сами. И никако поинаку.
За да бидеш во музиката треба да го наследиш талентот од претците, но овој пат тие отидоа доста подалеку, спојувајќи го наследеното со нешто што самите го градат, а со тоа го шират и ослободуваат и просторот за секој кој сака да се занимава со таа дејност слободно да се впушти, да се обиде и изградува, без да чека друг да го внесе специјално. Има место за сите.
Најголема потврда за тоа ѝм се младите бисери, собрани од повеќе школки, споени во еден гердан, на кој овој пат блесна најсјајниот бисер Евгенија Чанчаловска, фантастична интерпретаторка за која се прашувавме каде ни е, додека таа студирала и сега и живее во Холандија. Ѝ нема рамна. Дотури адреналин и ексклузивност, изведувајќи некои од песните.
На џезерите сигурно не ѝм беше лесно овие години да се пробиеш во земја во која џезот, како поим, навистина одамна е на светско рамниште преку Скопскиот џез фестивал, фестивал кој ја разгали и “распекмези” публиката, ја направи пребирлива, поставувајќи превисоки критериуми, па уште и да ги надминеш и да создадеш своја публика, и тоа на домашен терен, што е многу за почит.
Еден друг потконтекст е прашањето- што уште ги спојува “Леб и сол” и “ЗЏМ”? Врвниот квалитет и самостојното градење кариера на свои темели, велиме.
А што е она што ја прави малата разлика? “Леб и сол” почнале надвор од границите за да доживеат грандиозна слава дома, а ЗЏМ почнаа дома за да веќе почнуваат да се издигнуваат надвор.
Возбуда која надоаѓа!
Џезерите, всушност, како и “Леб и сол” се општествено добро!
Во двата случаи, и тогаш (Први јануари 1976 година) и сега почнува нешто Големо.
А сите најубави работи одат во “пар”.
Затоа: ЗЏМ и “Леб и сол” беше преубаво.
Ајде на здравјеее!
Тарара тарара рам пам пам!

Валентина Ѓоргиевска Парго

Сет листа и изведувачи од концертот на ЗЏМ Биг Бендот со музиката на “Леб и сол”

„Деветка“
Композиција – Традиционална македонска
Аранжман – Владимир Николов
Солисти: Пијано – Гордан Спасовски

„Дикијева игра“

Композиција- Гарабет Тавитјан
Аранжман- Гордан Спасовски

Солисти: Пијано- Гордан Спасовски, Гитара – Зоран Костадиновски

„Нисам твој“
Композиција- Влатко Стефановски
Аранжман- Сашко Николовски
Солисти: Пијано- Гордан Спасовски, Гитара – Зоран Костадиновски

„Исток запад“
Композиција- Влатко Стефановски
Аранжман- Сашко Николовски
Солисти: Гитара- Зоран Костадиновски

„Скакавац“
Композиција- Бодан Арсовски
Аранжман- Гордан Спасовски

Солисти: Бас гитара- Кирил Туфекчиевски, Труба- Сенад Усеин, Гитара- Зоран Костадиновски

„Мандарина“
Композиција и аранжман- Кокан Димушевски
Солисти: Алт саксофон- Кирил кузманов

„Леб и игри“
Композиција и аранжман- Кокан Димушевски
Солисти: Гитара – Зоран Костадиновски

„Носим твој жиг“
Композиција- Влатко Стефановски
Аранжман- Зоран Костадиновски

Солисти: Гоце Стевковски- Тапани

„Песма о Соњи Х.“
Композиција- Кокан Димушевски
Аранжман- Гордан Спасовски
Солисти: Труба- Трајче Велков, Флејта- Кирил Кузманов

„Ребус“
Композиција- Кокан Димушевски
Солисти: Пијано- Гордан Спасовски, Тенор саксофон- Иван Иванов, Тапани- Гоце Стевковски

„Мамурни људи“
Композиција- Влатко Стефановски
Аранжман- Гордан Спасовски
Солисти: Гитара- Зоран Костадиновски

„Таласна дужина“
Композиција- Влатко Стефановски
Аранжман- Гордан Спасовски
Солисти: Алт саксофон- Кирил Кузманов

„Скопје“
Композиција- Влатко Стефановски
Аранжман- Гордан Спасовски
Солисти: Труба- Трајче Велков

Биг Бенд состав:

Диригент:
Џијан Емин
Труби:
Трајче Велков
Сенад Усеин
Александар Златески
Јордан Колевски

Тромбони:
Сашко Николовски
Бранко Илиевски
Филип Богоевски
Никола Ристевски

Саксофони:
Кирил Кузманов
Борислав Веселинов
Иван Иванов
Валентин Видовиќ
Иван Трајаноски

Ритам секција:
Гордан Спасовски- Пијано
Кирил Туфекчиевски- Бас гитара
Зоран Костадиновски- Гитара
Гоце Стевковски- Тапани