Еднаш дневно: И ЈАС СУМ РОМКА! 

56

Нашата Есма Реџепова Теодосиевска беше најпознатата Ромка, која гравитираше кон кругот на најголемите светски ѕвезди, исто така со ромско потекло – Чарли Чаплин, Рита Хејворт, сер Мајкл Кејн, Рони Вуд, Пабло Пикасо, Јул Бринер, Натали Вуд, Ава Гарднер, Николо Паганини, Елвис Присли, Софија Лорен, Претседателот на Бразил – Жузелињо Кубичек де Оливеира, познатиот и признат научник и нобеловец по медицина од Данска, Аугуст Крог…

Нејзината вредност, се прашувам, дали благовремено како држава соодветно ја вреднувавме и наградивме, или само беше сфатена како уште еден интересен момент да се фотографираш со лесно пристапна ѕвезда.

Од спортисти ромски припадници се Алесандро Неста, Златан Ибрахимовиќ, Андреас Пирло, Рикардо Куарезма, Хесус Навас, Пјер Андре Жињак, Хосе Антонио Рејес.

Балканските пејачки ѕвезди ги знаеме- Џеј, Муарем Сербезовски, Кеба, Уснија Реџепова, Марија Шерифовиќ, Шабан Бајрамовиќ, “Анѓушеви”, нашите актери Алфонсо, Северџан Бајрам, Дишо, Муарем Рамуш, режисерот Рахим Бурхан, и многу новинари и јавни личности, како Сафет Камбер, Зоран Димовски и други.

Докажани. Креативни.

Ромите и ден денес се предизвик и мистерија. И можеби само навидум се чини дека Ромите се луѓе чија вродена филозофија е “од денес за утре” , да се преживее, да се стави нешто во уста, да се преспие под некоја стреа, да се води љубов и пее, но повеќе од уверена сум дека “некој” тоа намерно им го залепил со цел да не се види колку во суштина тие се снаодливи во се, вредни, амбициозни, и колкав придонес дале во уметноста културата и сите другите области. Зборувам на светско ниво.

Не би да влегувам во теории кои и вака и така се минато и завршено време, за било која нација, не само за ромската, но кога јас би во креирала светот нив пак ќе ги составам токму такви какви што се. Го прават накитен, и го живеат животот со некој чуден жар за живеење.

Луѓе чија природна внатрешна филозофија, на интересен начин ги надминува суровите прилики и ситуации кои им ги наметнувале вековите наназад. И не се жалат, си живеат, секоја чест.

Денес не може да се зборува за ромска нација како нешто поинакво и одделено од сите други, бидејќи денес во суштина има судир само на типа на неформални нации “добрите и скромни луѓе кои се обидуваат да го одржат и подобрат човештвото” и “лошите луѓе кои сакаат да го покорат со својата деструктивна сила”.

Човек кој вистински сака песна и љубов не може да биде во овие вторите.

Не би генерализира и не би сакала да се потпрам на ниеден стереотип за било што, најмалку за типови на личности, нив ги измислиле и наметнале поединци не е тоа целата вистина. А, и, генерално, многу ми е изживеано и надминато сето тоа полемизирање за нациите. Светот си има поконкретни грижи од “раскажување на прикаски”, и конкретни барања за денешницата. Грижи, кои треба да ги надминеме.

Ромите најдобро може да посведочат како се опстојува, секогаш и секаде, впрочем тие се распослани низ цела Планета, во недостаток на своја земја.

Она што треба да го испочитуваме во нивна чест денеска, е 8 Април- Меѓународен ден на ромскиот идентитет, според датумот на првиот меѓународен конгрес на Ромите одржан во Лондон во 1971, година за која мене ме врзува и една друга лична емоција, па некако двојно славам.

Благодарам многу, за широката дефиниција на ромскиот идентитет и секако и за сета таа филозофија на живеење, тоа значи дека ти не мора да си Ром или Ромка за да си Ром или Ромка? Доволно е да го чувствуваш тој идентитет. Каде и да си. Песна и љубов.

Мотив повеќе за таа состојба на “слобода на духот” е и самото знаме, во сина и зелена боја кои ги претставуваат небото и земјата и тркалото на средина – црвена чакра, кое го претставува тркалањето (миграцијата) на Ромите низ цел свет. Значи, се е нивно, а сепак ништо не е “грабнато” од никого. Ни присвоено. Ни покорено.

“Џелем, џелем” (“Одам, Одам”) им е универзална химна. Нека си ја запеат. Нека слават како што умеат. И секој со нив, оној кој се чувствува како дел од овој интересен идентитет, со универзален клуч или подобро речено “калауз”.

За многу години – 8-ми април – денот на Ромскиот идентитет!

Бут е бершенге о – 8-то април – диве таро Романо идентитети !

But e beršenge o – 8-to april – dive taro Romano identiteti !

ПАРГО

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.