Еднаш дневно: КОНКУРСИ 

158
Ова време во годината, ако си вклучен во сцената и културата, на некој начин, најдобро е да го преспиеш. Доста растревожува објавувањето од конкурсот на Министерство за култура, од уметниците чии проекти ќе бидат поддржани со пари, или оние кои не зеле, иако до миг пред тоа се тивко и мирно во исчекувањето. А од моментот кога резултатите се објавуваат, лавата се вжештува и поаѓа од вулканот да се разлее наоколу.
Реакции на поединци куп, реакции на институции исто така, и незадоволни се и тие што отпаднале односно ништо не зеле, затоа што не зеле, и оние кои зеле, затоа што не зеле повеќе. Едвај еден двајца, во сета таа листа од неколку стотина ако се задоволни.
Годинава 11 милиони евра се распределени за културата, уметноста и сценската дејност. Прилична сума, имајќи во предвид дека се е на статус кво.
Јас одбегнувам да се занимавам со тоа, економист не сум, финансиите воопшто ми се најслаба страна, секогаш има обвинувања дека се доделуваат на лица кои главно имаат допирни точни со актуелната власт, комисијата е премала/тричлена и не е стручна за сите дејности за кои одлучува, и многу од тоа што се прави понатаму организационо не е на задоволително ниво.
Она што паѓа во очи е надменост на одредени институции и фестивали кога нема да добијат финансии колку што очекувале, најмногу ако се дел од некој бренд кој треба да се негува, има традиција и опстоил долго.
Годинава, а и изминативе години акцентот најмногу се става на џез фестивалот кој се организира во Тетово, прилично нов и млад од само неколку години, и кој, колку и да зел или не зел веднаш се споредува со таа сума-“ееее, ама на џез фестивалот во Тетово толку и толку”, му бројат дежурните бројачи.
И секоја година, јас од позиција на новинар прашувам: А, зошто да не земе џез фестивалот во Тетово? Зарем некој го има ексклузивното право на големи финансии? Зарем Тетово не заслужува да има и изгради добар фестивал? Зарем Тетово не заслужува џез? Зарем би било фино и нас некој од некаде да не опомене, еве хипотетички кажано, дека ние не смееме да правиме џез фестивал зошто џезот не е наша музика?
Каде е тука рамноправното поимање и прифаќање на сите субјекти и објекти кои ја сочинуваат културата кај нас? Каде е еднаквиот пристап на сите граѓани?
Како одговор добивам или молк, или одново спорење дека не треба да се дадат тооооолку пари на тој џез фестивал.
Годинава решив да не прашувам. Оставам да ги ислушам сите реакции и да се радувам што се дадени пари за препокривање на единствениот Сарај во “Мал Париз”, алијас мојот роден град Ресен, и за реставрирање на црквата Свети Ѓорѓија во Курбиново, мојата родна околина. Причините и поводот за радоста, се повеќе од познати.
ПАРГО
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.