дома Колумни ЕДНАШ ДНЕВНО: Констракта мора да биде здрава!

ЕДНАШ ДНЕВНО: Констракта мора да биде здрава!

52

Валентина Ѓоргиевска Парго, специјално за text.mk од Торино, Евровизија 2022

Уште долго ќе правиме штосови на изреката, поточно на стихот од песната “Уметница мора бити здрава”, и ќе ја адаптираме според потребите на актуелниот разговор. Како на пример – “новинарката мора да биде здрава, докторката мора да биде здрава, таксистката мора да биде здрава, продавачката мора да биде здрава” и слично. Но, ќе остане засекогаш најсилно она “уметницата мора да биде здрава “. И симпатичниот рефрен кој лесно се памти а долго останува во уво.

А сѐ што сакаше како порака да постигне годинешната српска евровизиска претставничка Констракта со оваа песна, надоврзувајќи се на латинската изрека “Ин корпоре сано” (во здраво тело, здрав дух) беше да го искритикува системот на нејзината држава што на слободните уметници не им нуди здравствена заштита, и тие сакале или не како да не смеат да се разболат. Мора да бидат здрави. Иронија е рефренот. Но, мошне успешна, и” пецка” како игла.

На “прва топка” е тоа, на втора се мисли на здраворазумна, а на трета…

Многу е јасно дека уметницата, а и припадничка на секоја друга професија, треба да биде здрава(о)разумна ако сака да си ја врши својата професија. Има сега тука две толкувања и две задачи кои Констакта успешно ги заврши.

Првата е да укаже на секој од нас да внимава на својата психофизичка кондиција и здравје, зошто тоа е најважно. Хм. Од друга страна малку е ова малку дискриминирачко, во однос на оние кои имаат некој здравствен проблем или потреба, а мора или сакаат да ја работат својата работа и сега како тие би се чувствувале, кога публиката ќе се води по оваа изрека? Сепак и оваа изрека е меч со две острици.

Сѐ во свое време, затоа и креирањето на ѕвезди и уметници, почнува од некој ран период од мали нозе и од младост, затоа што всушност тогаш човечкото тело е најздраво и мозокот е свеж за да прима и восприма нови информации.

И понатаму тоа е основно, уметницата да биде здрава за да работи и испраќа пораки на публиката, корисни за животот. Како оваа, баш.

Втората работа која ја заврши Констракта е што привлече внимание на уметнички начин и стана фаворит. Обожаван фаворит е низ цела Европа. Ма таа е ТОП!

Третата и најважна, Констакта го зададе клучниот (контра)удар на српскиот турбофолк. Не оној привлечност, туку оној кој пара уши и кој царуваше на голема сцена повеќе од две децении. Таа победи ѕвезди од турбо фолк сцена кои се веќе митови. И тоа со само четири збора “Уметница мора бити здрава “. Таа е вистинска уметница, членка на “Земља грува” , припаѓа на онаа андерграунд сцена и можеби сега го возвраќа ударот. Затоа што, Србија беше земја на рокенрол и силни рок филозофи, какви што можеби има само на светско ниво. Кои потоа без пардон беа згазени од турбофолк чизмата.

Истите тие кои не само што имаа создадено силна сцена и рок филозофија, туку и со својата мисла и тела во екот на борбата го бранеа Бранков мост од бомбардирање. Без да мрднат. Без око да им трепне. Здрави уметници. Ете толку за нив Констракта пее. Ако сте помлади и не ги памтите овие моменти, веднаш на гугл и самите проширете си ја и надградете си ја оваа информација, оваа сознание и реална приказна…Верувам, и повеќе од сигурно, ќе ви (за)треба во животот.

ПАРГО