Еднаш дневно: МАГИЈА

307
Најлош пример на свекрва, а со тоа на извесен начин и лош пример на мајка, е онаа која неколку часа по свадбата на синот и снаата, ја упати својата ќерка да ја земе најдобра другарка да одат кај локалниот оџа, и под превезот да прават марифет да и се смири налутената снаа, фактички испланирале да го потплатат оџата да направи магија синот да ја избрка снаата, замислете ден по богатата свадба, а да ја земе другарката на ќерката, која не била ни свесна што и спремале “мајка и ќерка”. Оџата заврши со својот марифет, магијата трае до денес.
Секако синот не ја зеде омилената снаа на мајка си, си ја задржа својата со која основа семејство, а магијата се фати и трае многу долго. Трае во форма на континуирано немање (искрено) почитување меѓу неа и снаата, меѓу неа и синот, а сето тоа се рефлектира и врз животот на внуците, а живеење под ист покрив на таков начин им донесе еден вештачки живот, без мир. И покрај сите удопства и материјален комфорт. А замислете и тоа уште и да допрело до ушите на снаата или синот, што се би можело да се случи.
Тоа не е резултат на мариферлуците на оџата, смешно би било да се каже, тоа е резултат на лошата мисла која една жена може да ја понесе беспотребно, на база на личната социјална селекција на семејствата (во случајов свекрвата не ја поднесувала слабата материјална семејна состојба на снаата).
Навидум смешен и тривијален е случајот кој го наведов, благороден за долго коментирање на нашите разновидни “женски домаќински муабети”, или вреден за игнорирање и отфрлање, ама и не е ни (само) тоа ни тоа, во заднина се открива една страшна патологија на жената која е доминантна (односно сака да е доминантна) до степен да си го наруши својот живот и раат и на најмилите.
Настрана суеверието, имаме реален проблем. Проблем кој еве нив им трае две генерации. Проблем од немањето на култ и култура кон помладите генерации, нивниот избор, нивните желби, немањето почит кон другите семејства и нивниот материјален статус, може да донесе долготраен проблем. Тоа се останати сфаќања од минатото, дека богатите мора да се спојуваат со богати.
Но, она што посебно сакам да го нагласам е отсуството на женска солидарност, несфаќањето дека младата невеста треба да ги ужива правата на семејството на спокојно мајчинство и убав брак со сопругот, со кој делеле љубов, на разбирање од страна на свекрвата, која исто е жена и мајка. И баба.
Можеби сега ја замисливте неа, дека е стара, во некое заостанато село, недотерана, непрошетана, несоцијализирана, ама таа е спротивно на тоа. Жена со бунда, ако тоа е некој показател за “дама за око”.
Себеперцепцијата дека потекнуваш од фамилија која е повеќе од другите, може да доведе во заблуда. Заблуда која може да трае генерациски. Но тоа е и стереотип кој и ден денес е силен и може дури и градски луѓе да ги спушта на ниво на средновековен менталитет. Но најмногу од овој стереотип, како што гледаме страдаат, жените. Секоја на свој начин, и”богатата” свекрва, и “сиромашната” снаа.
Реков, во контекст на женската (не)солидарност го наведувам и овој пример, затоа што многу е обемно да се разговара за релациите жена – жена, а е темата веќе ја почнавме, и секојдневно, накусо, надолго и нашироко ја растегнуваме, со цел да дојдеме до многу заклучоци и правилни насоки.
Еве, малку и да се насмееме во пресрет на викендот, и да се мотивираме се повеќе да ги оттргнуваме стереотипите кои ни го кочат животот, па и потоа откако ќе ја вкусиме магијата на овој викенд, повторно да продолжиме со нашиот долг женски муабет. До понеделник!
ПАРГО
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.