Еднаш дневно: НА БЛАГОВЕЦ КАЈ БЛАЖ МАРОТОВ!

198
Денеска, 7 април, според православниот календар се слави големиот празник Благовец, ден со голема традиција, и значење, и покрај тоа што луѓето што го носат името Благој, Блага, Благица, слават имендени, за празникот се врзани и обреди, традиции, и легенди, а меѓу повеќето и една вели какво ќе биде времето на Благовец, Благовештение, такво ќе биде во текот на целата година.
Славеник е денес и познатиот Благој Блаж Маротов, родум од Струмица. На овој ден се потсетува дека низ годините уште од мал во неговата фамилија, со своите родители, сестра си и многуте нивни роднини и пријатели, го славеле неговиот именден, Благовец, на традиционален македонски начин.
Подоцна кога си оформиле семејство со Јулијана, исто така познатата пејачка Јуле, го славеле поретко, но до пред десеттина години, кога биле на претходната локација, во станот каде што живееле, повторно го славеле по сите обичаи, односно како што тој го имал врежано, од порано.
Оваа позната музичко – брачна двојка е скромна по својот стил на однесување и на живеење, а имаат навистина интересни доживувања, настрана од очите на јавноста.
-Доаѓаа не многу пријатели на Благовец кај нас, но тие со кои тогаш бевме во почести контакти беа добредојдени во нашиот дом, секогаш. Тогаш ни беа соседи семеството Трпчески, Симон со неговите, со братот, сестрата, а со Симе имавме и соработка на повеќе основи, како професор по камерна музика, па потоа тој како млад композитор ми напиша две композиции, кои ги снимив. Доаѓаа и други наши блиски со кои бевме и сме добри пријатели, во една прилика раскажа Блаже.
На трпезата, покрај нешто благо, поради името на празникот, имало од се по нешто, се славело со добра песна, свирка, и во кругот на оние кои навистина им значеле.
И ден денес обожаваат да си прослават со Јуле, отворена покана да им се придружат имаат пријателите, намерна
на обврска не создаваат никому. Во новонастанатата ситуација дури и сугерираат дружбите да останат за подобри времиња.
А, пак, за семејството Трпчески ги врзуваат убави спомени, не биле заедно само за слави, заедно биле секое лето по концерти, во Скопје, Охрид, Белград, Бугарија. Симон со нивниот син Бојан ги врзувал и ист професор, Романов.
Уште поинтересен детал во тие нивни соседски дружења се и професионалните соработки кои се изродиле, Симон му ја компонирал песната “Разделба” на текст на брат му Јован, со која победил на “Струмичка пролет 1998”, а потоа и “Заиграј со мене ти”, на негов аранжман, со која настапил на “Охрид фест 98”.
Тоа воедно беа и години кога Маротови како неразделно дуо беа мошне застапени и присутни на сцената, во музичките емисии на Македонската радио и телевизија, на радијата, и кога за албумот “Туѓа жена” ја добија престижната награда “Најдобар деби албум” на тогашната манифестација “12 Величествени”.
-Потоа, кога се премина на компјутерско пуштање во радио станиците, јас не потрчав малку да ги дадам песните пак по радијата, и да ги префрлат во компјутерите, и така се создаде една голема “луфта” во пуштањето на нашите најпознати песни, знае да каже, денешниот славеник.
Тука сме ние, во чест на весело именденско расположениe и честит именден на Баже, да ја издвоиме и да потсетиме на оваа симпатична и весела песна, некогаш голем хит на шармантото дуо, со наслов “Шармерки”!
ПАРГО
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.