Еднаш дневно: “НЕ” СИТЕ ВО ИСТ ЕСТРАДЕН КОШ! 

40

Пред некој ден млад музичар, гитарист, на фејсбук иницираше дека сега е најпотребно музичарите да бидат сплотени како никогаш досега, сите тие живеат од музика, од свирки, и во моментов се во иста каша.

Бројни полемики се развија околу неговиот став, некои колеги го поддржуваа, некои му укажуваа со умесни коментари дека не е сосема исправно сите да се ставаат под иста графа.

Разбирливо и читко беше напишано што сакаше младиот музичар да пренесе како порака, дека моментот е таков во кој тие треба да се обединат околу својата егзистенција, во време на пандемија што им е загрозена.Не знам колку таквото спојување ќе помогне и ќе е од корист, а и како би можело да се изведе. Навистина немам идеја, а толку би сакала да биде задоволувачки за сите. Во однос на егзистенцијата, првенствено.

Пред се затоа што и неговото објаснување преку еден сосема пристоен фејсбук статус беше сосема легално, и побуди емпатичност. Тој со одбрани зборови искрено објасни дека некои луѓе вложиле се што имаат во музиката и не смее да бидат оставени на милост и немилост, целото свое образование, слободно време, вложувале во инструменти, развивање на талентот, во трпение, лично и семејно.

Непобитно, тоа е неговата професија за која се одлучил, патеката по која се определил да чекори со сето свое “јас”. И, одеднаш и без најава, неприлика го прекинала неговиот сон и неговиот извор на приходи за живеење, тој се нашол во виор на луда ситуација, како и сите ние.

Дефинитивно, тоа е и професија која еден ден кога ќе ги “тргнеме маските” , ќе мора да почне од речиси нула. Наново. Наново формирање своја публика, наново разбудување на интерес кај публика, зошто чувството на сите сега е сведено на минимум веселие, наново песни зошто постоечките веќе им ги подразбиравиле, долго не ги пееле во кафуле и во кафеана, се наново.

Нешто што не смее да се прескокне : потребно е наново и класификација во таа сфера. По разни параметри. Тогаш, не смее да се дозволи и понатаму сите да се во исти кош. Мора да биде испочитувана една голема и насушна цивилизациска потреба, селекција и ставање секој каде што му е местото. Соодветно на референците.

Не може да бидат “сплотени” по ниеден основ еден ваков музичар кој вложувал се во својата музичка наобразба и надградување, кој стекнал култура и достоинство при комуникација, кој држи ниво и пристојно однесување во јавност, со да речеме еве нека биде музички воопшто необразована пејачка во кафеана, со вулгарен еротизиран изглед, вулгарен простачки речник и ниско ниво на комуникација со луѓе, во живо или во сајбер простор, и чиј талент е претежно тоа што нашла спонзор да и ги плаќа песните, силиконите, деколтираната облека и примитивизам. Тоа е недозволиво, тие двајца не може да жнеат ист успех. Не се на исто скалило, иако донекаде браншите им се подудират.

Музиката е да подигне и издигне, а не да ги омаловажи човечките вредности, воедно и цивилизациските. Да ја спушти културата на однесување на неподносливо ниско и примитивно ниво.

Тоа не смеат да го дозволуваат ни едуцираните и издигнати музичари, ни здруженијата, а ни државата со сите свои механизми. Селективност мора да постои.

Талентот е талент, многумина го поседуваат, но културата е култура и таа не смее да се закопа длабоко заради нечие ниско ниво на интелегенција и невоспитаност, дрзок и недоличен речник и говор на омраза и насилство.

Јавната сфера треба во се да е на повисоко ниво од останатото, да е предводник кон пософистицирани нешта, во спротивно и публиката ќе реагира, во прва укажана прилика, и тоа ќе е е видливо, како сега.

А музичарите кои вложиле во музика и уметност, ќе бидат извалкани во правта на естрадни примитивци и примитивки. Затоа што ги спојува само еден момент, “свирки”.

Недозволиво!

За уметноста, музиката, општествените вредности и за таа убава професија, која треба да послужи и за пример на младите генерации.

ПАРГО

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.