Еднаш дневно: НОВИНАРКАТА КОЈА  “ДИЛАШЕ” БАЈАЧКИ!

208
Нема ден, а на фејсбук да не ми излезе објава од некоја жена или млада мајка  која прашува каде да оди за спас на свое бебенце или близок, дали другите можеби знаат некоја добра бајачка или бајач да ја упатат, да и помогнат, да ја тргне тежината од себе.
Некој ќе рече празноверие, небитно. Ама погледнете, под самиот пост во истиот час се развива жолчна дискусија, земете си пуканки и пиво, и читајте коментари ако немате што друго да правите, но Ве молам, Ве молам, немојте никако да се исмејувате со маката на жена која бара спас, најчесто за свој (нај)близок. Ниту пак да се осмелите да ја упатите лажно. Секоја која малку страдала, знае дека жена е подготвена да го бара својот спас по секоја цена, и по цена на заблуда.
Да не би имала проблем, зар ќе се интересира за такви работи? Нема ни да помисли да влезе во јавни групи, не па да прашува и пишува.
Мислењата и коментарите потоа главно се поделени, некои ја упатуваат на бајачи и бајачки каде тие оделе, со објаснување зошто и ги предлагаат, некои ја исмејуваат и негодуваат дека во 21 век такво барање на решение на проблемите е заостанато и без ефект, чисто губење време.
Од моја страна сметам дека секој треба да си постапи како што чувствува, ако некому психички ќе му биде полесно ако оди, нека оди, да не му остане мисла и атер. Ама, сепак, решението мора да има разумен и конкретен пристап, да не биде препуштено на работи кои само некому би му одзеле драгоцено време, пари и би му донеле лажна надеж. Доктор, психолог, психијатар, отворен разговор со луѓето, само тоа може да помогне.
Но, фејсбукот не е ништо друго освен реалност преточена во букви на екран, па така овие постови секогаш ме потсетуваат на однесувањето и животниот “стил” на една новинарка, почнувајќи од пред 20 и повеќе години, кое за жал трае и до ден денес.
Таа својот пат си го трасираше буквално со помош на бајачки. Глупаво ми е да поверувам дека баш бајачката и помогнала, како што сама упорно повторува, за да стане новинарка. При толкава видлива ограниченост, неукост, и неначитаност, и помогна само една, две среќни (семејни) околности, колку и таа тоа да го потценува и го препишува на бајачките.
Но, она што нејзе и беше најсилен адут во трулиот и дволичен карактер, а го искористи преку феноменот ” бајачка” е што, дознавајќи ги проблемите на луѓето во својата редакција и пошироко вешто им пристапуваше со понуда за помош преку бајачки (главно за мажење/женење, некоја болест), за да потоа подмолно зборува наоколу со големо ликување. “Та што ако уредничката има куќа на Водно, кога дијагнозата на нејзината ќерка е следната… ,, или” што ако уредник има високи примања, неговиот син и ќерка страдаат од… “.
Напорно беше да се слушаат сите тие толкувања кои ги слушнала на бајачка, и колку и да сакаш да ја испочитуваш само заради што ти е колешка, веќе не можеш, се повлекуваш, се тргаш на страна од неа, но е добро за извлекување на поука.
Новинарката беше спроводникот на колегите  во мака кон бајачите, но  се лажете дека само ги “дилаше” за да помогне со баење. Не само што никому не му го реши проблемот, туку и му го продлабочи со прекажувањето по луѓе.
Таа е лукава и се тоа што го правеше  беше нејзино  суптилно врзување на врски , за да потоа, ја користи нивната наклонетост кон неа, како божем некоја нивна спасителка, и конкретно да си истера своите работи кои и го полнеа домашниот буџет. И она најважното, сите конци да се во нејзини раце. Ужива во својата малограѓанска карактеристика да нема никаков квалитет а да ги командува луѓето и ситуациите.
Не ми ни паѓало на памет да ја анализирам, освен да ја одбегнувам, се додека на фејсбук не прочитав едно објаснување кое сосема се совпаѓање со нејзините карактеристики.
Имено, ако однесиш некого на бајач неговата среќа преминувала кај тебе зошто ти си однел кај с*таната нова жртва, и за да верувале луѓето во тебе треба постојано да ги фалиш, да кажуваш пред нив убави зборови, да плачеш, да молиш, да глумиш милостива и да се колнеш кога лажеш, а за Прочка да бараш проштевање. Богами, сето ова таа го прави. Според фотороботот на фејсбук, таа е навистина бре поданичка на ѓ*волот. А се преправа за новинарка од денешното време.
Сега знам се смеете, но еве и јас ќе потврдам дека е. Не можеби со ова што го споменав, туку со нејзиниот карактер од сенка да ги командува сите нешта. Се сеќавам еднаш се фалеше дека се јавувала кај еден познат лик кој се ожена по втор пат да го убедува дека тоа не е во ред што ја оставил првата жена, просто да останеш со подзината уста. Каква дрскост и примитивност, какво мешање во приватноста на луѓето, а не ги ни познавала. Едноставно, нема сегмент каде не сака да биде замешена, со убедување, јавување по луѓе, кодошење, осмислување лоши лаги за оние кои ги смета за конкуренција (иако е невозможно да бидеш конкуренција на толку неначитана личност), правење коалиции против некого. Таков неубав карактер, поради кој не е прифатена ни во поширокото семејство, како што самата се жали.
Но, неа тука ја оставам на страна. Кажавме повеќе и отколку што заслужува. Она што просто е за интервенирање во сајбер просторот е навистина заблудата што овие фејсбук групи можат да ја прошират.
Дали оваа фејсбук демократија е од полза или веќе е и токсична, штетна и треба да се стави под контрола? Се надевам има стручни лица кои ја следат оваа појава и кои со своите знаења би придонесе да се стопира и луѓето да се вратат во нормала.
Затоа што бајачот можеби и ќе помогне, или не, но веќе еднаш проширениот муабет за одреден проблем, приватен план или дијагноза на некој човек, или наместена лага, не можеш веќе да ја прибереш назад, кај отровниот јазик кој ја пренел и таа може да му создаде проблем и заблуда и во конкретниот животи со долги последици.
А да се наштетува на луѓето не само што не е хумано, тоа е злосторнички, и таа појава мора да се сопре. За кого и да станува збор. Ако некого или некоја препознавте, се што треба да направите, при следното убедување да им свртите грб, да им укажете дека тоа не е во ред и да им приложите нормални аргументи, за да почне да размислува трезвено и постапува паметно и добро.
ПАРГО
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.