Кај нас сега не е некое „ново нормално“, според моја пецепција сега е некое „ново ненормално“. Кај нас уште се влече некое „старо ненормално“, ние уште сме заглавени во постари ситуации кои немаат врска со здрав разум и чесен дух.
Како граѓанка денес сум збунета и не знам какви чувства да доживувам во себе, на оваа потврдена вистина, дека: „Мојата безбедност била доверена на луѓе кои нарушувале безбедност на луѓе“.
На луѓе со суперсила, по однос на силата на нивната позиција, а кога позицијата ќе ја снема останува само пакоста што (си) ја сториле. Не и моќта, таа преминува кај друг. Таков е нејзиниот облик- доаѓа, те полни, заминува и те празни.
И, сега размислувајќи и анализирајќи, се прашувам, дали да се радувам што не дошло до уште поголемо безбедносно загрозување (до какво што можело да дојде), или отпосле да се плашам од помислата до што се можело да дојде? Како уплашено девојче кое се изгубило ноќе во шума полна со гладни волци, а во мугрите го пронашло патот и се вратило безбедно во домот и влегло трчајќи низ подотворената врата.
За сите нас ова го помислувам, луѓе мои.
Сега пред очи ми излезе јасно сета слика, дека многу од луѓето свесно поддржувале нешто што можело да не загрози сите нас и лесно да не однесе во неповрат. Дури сега уште повеќе се прашувам како истите може да тагуваат што се става рампа за целосното реализирање на деструктивната идеја на луѓето со очигледна деструктивност, а биле власт?
Луѓе кои не почитувале Закон и Устав, а почитувале збор, даден произволно и по своја желба, луѓе кои не почитувале слово на Закон и Устав, а почитувале произволни запишуванки во приватно тефтерче.
А, после се ова што ни се случи, за себе знам дека никогаш повеќе нема и нема да можам и сакам да се социјализирам со заедницата, не со онаа полна доверба што ја имав во се наоколу; нема да можам да ја споделам мојата љубов која природно ја носев и давав; нема да сакам да седнам на иста маса и го делиме боговскиот ручек, или сувата корка, што и да донесе иднината.
Сега, како јас да им верувам на моите пријатели, зашто нив најмногу им се обраќам, тие кои ја давале својата доверба и сила на нешто на кое морале да им ја одземат силата?
Митови и џинови нема, луѓето ги создаваат. Филмски фраери исто така не, тие од некој филм на Серџо Леоне или се измислени и хоперболизирани за да импресионираат во кино, а во своето вистинско време кратко траеле.
Толкава е моќта на човекот, толкав е природниот квантум на енергија, било тој да е конструктивен, било деструктивен. Никој не се родил со натприродна моќ, ретки се тие луѓе а невидливи за голо око.
Апсолутната суперсила ја има само на филм, ама па и на филм лошите момци лошо завршуваат.
Моќниците стекнуваат моќ само благодарение на дадената доверба и поддршката од другите. Мене тие луѓе ме плашат. Довербо-давачите. Тие мора да се на иста бранова должина за да дадат нешто заедничко што имаат, нешто што ги спојува. Можеш да дадеш самп нешто што имаш.
Тоа се оние кои долго во себе изминативе години и децении ја негувале идејата за (неправедна) одмазда некому, нарушување, рушење, одземање, деградирање, наштетување, па дури и ликвидирање. Тие се тука и уште долго, долго нема да можат да ја отфрлат од својот мозок сета таа омраза што сами си ја наталожиле и развиле. Тоа е опасно. Тоа е долг психолошки процес. Тие се оштетени за век. И несреќни. Ти влезе ли омразата/одмаздада во глава и во душа, таа “гостинка” станува домаќинка и не си оди, останува. Заедно со сите нејзини мрачни приказни кои ти ги всадила во глава и пуштиле корен.
Мудриот старец на својот внук му рекол- сине доброто и злото во тебе се како две кучиња, на кое повеќе ќе му даваш храна, тоа ќе израсне и ќе е јако. На тоа што не му даваш храна, ќе изгине. Од тебе зависи.
Така е и во реалноста. Често знае привремено да ги награди лошите момци, се додека не се освестат оние кои ги поддржувале.
А што со оние луѓе кои невино настрадаа? А ги/не има илјадници и илјадници? Ниедно “извини” за нив не е доволно.
И, што сега, како ќе знаеме да се браниме едни со други, кога сега веќе се браниме едни од други? Кога довербата одлетала како глуварче на ветер.
Не. Со нас е готово во тој поглед, барем за оваа наша генерација. Ништо повеќе меѓу нас нема да биде исто. Некој ќе мрази и ќе е несреќен што веќе нема да  може да ја реализира својата омраза, а некој ќе сака и ќе е несреќен што не ќе може таа љубов да ја даде на оние кои сакал да ја даде.
Мене, за овие вториве, ќе ми е вечно жал. А се можеше да биде поинаку и среќата да биде наше најголемо обезбедување и заштитник, а во тефтерчето да испишувавме само убави зборови, взаемна љубов и почит. Но…филмот заврши. Готово е. The end.
ПАРГО
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.