Еднаш дневно: ТАВИТЈАН & СТИНГ

88

На Дики одамна сакам да му посветам една колумна. И се си мислам, не е време ни оддалеку, има многу, многу да почекаме за да се напише за него тоа се што треба. Дики и Гаро се “деца од колено” , синови на славниот Гарабет Тавитјан, член на “Леб и сол”, македонска легенда, надалеку прочуен музичар.

А неговиве синови, браќата Тавитјан, во низата преголеми успеси како двата албуми “Македонското срце чука во 7/8”, и преполн Градски стадион со тој проект, во своето преобемно CV имаат запишано и соработка со холивудска компанија, во Атланта имаат снимено песна на официјалниот светски проект за Мајкл Џексон, од ерменската влада добија признание „Европски амбасадори на Џезот“, како македонски уметници со ерменски корени, признание кое го имаат добиено и Евгениј Кисин, “Систем оф а даун”, Пендерецки, Ален Делон, свиреле во „Блу нот“ и „Карнеги хол“ во Њујорк, нивните албуми се издадени за „Сони“, „Мецо“, „Алајанс Рекордс“, „Сити Рекордс“, „Кроациа рекордс“, „Парамециум“, а лично јас сум им кажала тие се уметници на кои во некој друг живот би сакала да сум дел од нивниот тим за да ги доживувам сите нивни феноменални настапи и свирки.

Најново Диран, алијас Дики е номиниран за најпрестижните и најрелевантните музички хрватски награди “Порин” како најдобар продуцент, и тоа за новиот албумот на Раде Шербеџија, сниман изминативе години кај него, и од она што сум слушнала фантастично звучи.

Семејството Тавитјан, како музичари, мене ми се “фејв”, и не е никаква “протекција” и пристрасност ако кажам дека тоа ми станале само со нивната музика, но и со она “нешто плус” повеќе во мајсторијата.

Ако Гарабет Тавитјан е најдуховитиот човек што јас го знам и умее со своите умесни шеги и описи да ме насмее до солзи (еднаш дури на еден премин меѓу згради позади Грчка амбасада ан пасан се најдовме и дури 4 часа муабетевме од на нога, со него и доктор Рубенс, и никој не ја прекинуваше таа средба, за во антологија), со Дики секоја моја посета на неговото студио трае 12 часа. На пример од 5 попладне до 6 наутро. Во тоа море песни не можеш се да изнаслушаш, неговите компјутери се преполни ко брод со нивна музика, но најнеодоливо од се, за мене како музички новинар и љубител на музика, е неговиот муабет кој јас го нарекувам “предавање од специјален визитинг професор на мојот универзитет за мое себе-едуцирање”. “Лекција”! На секој мој збор, коментар, прашање, нејаснотија, Дики се надоврзува со некој нов одговор, нов видик за музиката, информации, пренесени сознанија и ме заглавува во една таква Планета, од која не можам да се вратам со денови потоа, вртејќи ги во мисли сите ексклузивитети кои ми ги кажал. Сите порти на музиката ми ги отвора со некој негов “виолински” клуч.

Можеби ја имам ретката привилегија, не е толку непоправлив муабетчија колку што забележувам, и би била среќно привилегирана ако е така.

Обожавам уметници кои се посветени на тоа што го работат со целото свое битие. Кои не го штедат целото искуство и знаење само за себе, кои го споделуваат и прават корисно за сите наоколу. Ретки се тие, толку внесени без грам задршка. На прсти се бројат.

За Тавитјан знам дека, иако се маестрални и со техника доведена до совршенство, дневно на своите инструменти вежбаат минимум по 4 часа. Минимум. А, со музика се сето она време што им останува по спиење.

Маестро, честитки за “Порин” – от. Нека се множат. Голем аплауз. Знам секогаш си бил фер кон мене, и кон сите новинари, не памтам некој да се пожалил, па верувам дека нема да ми замериш што во оваа прилика ќе си дозволам да откријам една тајна информација, ексклузивно и по прв пат, и Те молам вети ми дека кога ќе се видиме нема да ме прашаш ништо околу тоа. Долги се и моите уши, и моите телефонски линии, новинарот мора да знае се, да го пренесе во точно наштиман момент, ама не смее да го открие изворот. Тоа, не!

Јас знам дека Ти и Твојата екипа успеавте да го обезбедите и легендарниот Стинг и да го внесете во “македонското срце ” и да пронајдете средства, кои не беа “цело богатство”, за се да би било фантастично и во полза на нашата убава земја и нација, со што во тој момент ќе блеснеше на светско ниво. Но, долгата рака на музичките и сценски деструктивци, и профитери, затскриени под номенклатурата “индивидуи” за час ја срушиле и уништиле таа придобивка која ќе не направеше горди на светско ниво.

А вие така ладнокрвно, господски и достоинствено ја голтнавте кнедлата, без ниедна поплака во јавност, го издржавте тоа со гордо крената глава. И гордо кренати “тапанарски палки”. Секоја чест.

Но, секој си ја работи својата работа, еве ме и мене со мојата.

Па, добро, ќе ни откриете некогаш нешто повеќе? Зашто велат, скришно и тајно не останало ништо на овој свет. Никогаш. Стара библиска вистина. А, музиката и Библијата се слични, и двете ја носат пораката за Љубов, просперитет и вистина меѓу луѓето.

Океј, тука оставам на Вас, мене ми останува радоста да Ти честитам уште еднаш јавно и да Ти заблагодарам што успеа со оваа убава новост да го расчукаш моето македонско срце во уште побрз ритам од 7/8, во отчукувања 70/80 и нагоре.

Да биде, за убаво за арно. И уште низа вакви и поголеми успеси!

ПАРГО

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.