дома Колумни Еднаш дневно: ХЕЛИКОПТЕРОТ!

Еднаш дневно: ХЕЛИКОПТЕРОТ!

50

Понекогаш си мислам да не беше фејсбуков да ме потсетува што се случувало пред години, јас комплетно би го заборавила својот живот. Барем во овој период од кога постои ова слатко чудо, во кое сите ние како да живееме во туѓите животи, подзаборавајќи го својот, напати добро како момент на утеха, напати лошо како момент на промашување на својата реалност.

На 30 март на времепловот ми излезе една ексклузивна спонтана фотосесија, направена пред хеликоптерот на македонскиот народ. На македонската полиција.

Во прв момент се двоумев дали да ја шерувам повторно, не е времево за вакви мали фејсбук “фото- џетсетерења” ала Џеки Кенеди, а и нашево општо расположение ни става “стоп” во себе, но прстот сам ми се лизна, привлечен од магичноста на светлите моменти од минатото, и да го разбиеме малерот од страшните слики и вести кои не напаѓаат од сите страни на фејсбук .

Зашто, велат, животот е составен само од мали среќи, кои трепкаат сверни – угасни како светулки, за да потоа само им се сеќаваме на светкањето.

Дека ќе ја надлетам Македонија со хеликоптерот не ми беше на ум, никогаш. Се сеќавам, своевремено кога се расчу дека сопругата на еден наш поранешен премиер летала со своите блиски соработнички, некои дами од тогашната тазе опозиција и заљубомореа, и мене во старт сето тоа ми се виде една чиста и непотребна авантура, и од “високата” и од “ниската” страна. Така гледано беше од моја страна, дамите што летале пак да ги прашавме сигурно ќе се држеа до својот мерак, џабе не се качиле да го направат тоа.

Важно ми беше мене да садам дрвца во акцијата за “Ден на дрвото” и да ја споделувам сета таа заедничка радост и ентузијазам со другите садачи, и од моментот кога ми се јавија по телефон дали сакам да им се придружам, јас од таа прекрасна екипа главно волонтери, веќе не се одлепив.

Садев, одев, шетав по училишта, градинки, градови и села и како што немав друг работен ангажман добредојдено ми беше да се само-ангажирам максимално колку што можев.

Во знак на благодарност кон мојот гест на посветеност (претпоставувам) дел од организаторите уште кога бев новинарка на “Шпиц”, ме прашаа дали би сакала со екипата новинари, кои ќе го надгледуваат садењето од воздушна панорама, да летам и јас со воздушното возило.

Каква возбуда само беше само при самото качување, “Топ ган” на македонски начин, па во првите десеттина минути, па за време на летот и при слетување на тревата кај Александар палас. Македонија на дланка. Со насмевка, и тоа. И додека сета влада и сите функционери се возеа со автомобили и автобуси, и садеа, јас летав над нив. Момент за паметење.

Вториот пат, кога требаше да се повтори летањето со друга група новинари, со малку поинаква обврска, како веќе искусна да ги организирам на самото место, отидов прва на договореното место и многу се радував. Сега веќе не толку на летањето колку на дружењето со колегите и тоа што ќе се соочам со нивната радост од првото летање. Самите ќе почувствуваат колку е прекрасно.

Првиот пат пред летање замислете ме прашаа дали имам 95 кг, над тоа не знам дали ќе ме качеа, вториот пат можеби ако ме прашаа немаше да ме качат, но се чини тоа не им беше важно на драгите пилоти.

Ситуацијата која го промени планот на само неколку минути пред полетување , беше тоа што се пополни бројот со патници и јас се откажав, а тоа им го скрши атерот на пилотите кои до пред малку ја доживува мојата радост и самите ми ветија дека ќе ме летаат кога сакам, каде сакам, само да им најавам.

Во таа прилика дознав дека хеликоптерите ги летаат речиси секој ден по процедура. Тие што останаа во канцелариите беа многу љубезни во дочекот, ми понудија и заедно јадевме и гравче со колбаси, додека се вратат новинарите од летот. Муабетевме и она што можеа ми го кажуваа, не се.

Малку ме заинтригира ова со летањето на хеликоптерите и потоа како и секој новинар се впуштив да истражувам по службени лица од други институции и дознав дека секое летање чини пари, и тоа е некаде над 1. 000 евра за гориво. Така се поставени работите. Го зедов моливот и собирав колку е тоа на месечно и колку ена годишно ниво, косата ми се креваше. Инаку, јас сум тип на личност на кој, доколку сакате ред во општествените финансии, слободно само доделете и ги да ги раководи, па да видиме за што се трошат, до денар.

Прво што ми падна на памет е дека ако веќе мора да се “пали” хеликоптерот (односно неколкуте) зошто да не би се користеле во медицински или транспортни цели на граѓаните, здравствени, безбедносни, транспортни, па дури и политичарите нека се возат, за да не летат празни? Нека има и отворени денови во кои граѓаните би се пријавувале и би летале, би ја разгледувале Македонија од висина, колку само преубаво изгледа. И децата, учениците, група по група. За нешто да се искористи.

Секако бесцелно е сево ова да го зборуваме во овој вонреден период, не би сакала ни да помислам за вакви променади, кои изгледаат како само за некој вип имиџ, зборувам за нормални услови на постоење на општеството. Сега можеме да го земеме за неопходно само доколку хеликоптерот се користи за пренесување на пациенти на кои им е од животно значење брзо да бидат пренесени од едно на друго место, само доколку им е неопходен брз транспорт кон болница или место каде би се интервенирало веднаш за неговото здравје и живот.

Времето е такво, грчевито се бориме за својот, на најблиските и на сечиј друг живот, мора да ги користиме сите ресурси исклучиво во интерес на тоа .

ПАРГО

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.