Да ти биде подарен концерт на “Архангел”, е возбудливо и незаборавно речиси на ниво кога млада невина девојка срамежливо одејќи по пат одненадеж биде пресретната и добие цвет од Симпатијата, од Љубовта, нешто што не очекувала, а најмногу посакувала… Зар не?

Да се зборува за значењето и величината на култната музичка група “Архангел” во наши рамки, е да речам веќе губење на време, темата неисцрпна, а сe е (рас)кажано за неа, и нема никаков прашалник по однос на било што. Се е јасно, во нешто што е веќе концепт кој успешно се пресликува во реалноста одново и одново, низ генерациите, и дава насоки и упатувања.

“Архангел” во Градски парк со Македонска Филхармонија овој пат беше подарен концерт за Скопјани и добронамерници, по повод 26 јули, денот кога се потсетуваме на жртвите кои ги изгубија животите во катастрофалниот земјотрес во 1963 година, кога се посетуваме на многу други драги Скопјани и големите и мали скопски приказни, кога се потсетуваме дали и колку го сакаме Скопје и посебно ни значи Некој / Некоја во него, колку и што му должиме и очекуваме, кога едноставно како да ги поставуваме насоките по кои сакаме да се движи овој убав град.

Описите за овој наш град, за изгубените вредности, за изгубените очекувања, надежи, се дел од репертоарот на македонскиот рок генијалец, Ристо Вртев. Не потсетува со стихови да не заталкаме по она што ни се чини е вредно, а не е, и обратно.

Самата сценска моќ во исто време и природност на авторот и изведувач Вртев во комбинација со магичните аранжмани на Емин Џијан, чија моќ е и во добрите вибрации кои извираат од него, го дадоа она што сите го очекуваа – чудесноста!

Чудесноста на “Архангел” е во целиот тој систем кој како таков е склопен веќе 30 години, и не постои нешто што може да го растресе, ни помрдне од темелите. “Архангел” (алтерегото на Вртев) е нашата андерграунд икона, и сега ако земам да ја расклопувам би рекла – има на светот убави вокали, има на светот и убави песни, има и филозофски стихови, и во публика има некој кој умее да напише длабоки филозофии кои би не заскокоткале, и секогаш има нешто многу (по)убаво, ама кога нешто е склопено само по себе на ваков начин и чини едно совршенство соодветно на просторот и менталитетот во кое е создадено, не смееме да го анализираме ни споредуваме, тоа е соодветно искреирано и наше е само да го восприемаме. Како подарок!

Знаеме, Архангел, според митологијата е предводникот на ангелите, оној кој е најгоре, создавателот на чудесното. И нашиот “Архангел” на музички и општествен план е нешто слично- затоа што, точно знае да се појави во време кога е потребен да ги собере ангелите на едно место и да им даде задача која мора да ја исполнат.

Формирањето на “Архангел”, некогаш, во самото формирање на државата Македонија како посебна од Југославија, во почетокот на деведесеттите, донесе една најава дека нешто се случува, и тогаш уживавме со некој жар со кој ни се чинеше дека се ни е на дофат, цел свет, и дека ние сме светот всушност. Дека сме свои на своето. Спојувањето овој пат е порака дека нешто треба да се случи.

Тогаш, пред 30 години се радувавме на формирањето на таа држава, сега се радуваме затоа што треба да оформиме лик на една урбана модерна држава за нас и пред се оние кои најмногу ни значат, додека таа некоја наша генерација треба да го положи својот максимум, како оддолжување за она што добила за себе.

Би било нефер ако не кажам дека еден коментар ме растревожи, и ме потсети на онаа невидливо видлива кочница која сами си ја ставаме и која мора да се отстрани. Во коментар прочитав прекор дека градоначалникот на Скопје уживал во концертот (воедно и покровител на настанот). Па, повелете уживајте! Тоа беше тој момент. Заедништво се гради кога нешто за сите е достапно, како овој музички настан, каде секој можеше да дојде, и кога секој може да го земе својот дел, еднаков со оној на другите, да си ја подигне самодовербата како граѓанин. И на личен и на колективен план. Некои навики и перцепции време е да се менуваат, за да се изгради квалитетно општество во кое нема да да царува прекор ами потрага и дефинирање на нашиот најумен влог во тоа заедништво.

Пак ќе споменам, Вртев, со онаа вродена сценска смиреност беше во (своја) улога на Архангелот што некако умесно ги спојува сите генерации, и задоволство беше да се видат млади како ги пеат неговите песни, а не биле ни родени кога ги создавал. Ги пеат онака најнормално, внесени во нив, без некој со дополнителна пропаганда да им ги пикне во глава. Има ли поголем доказ за тоа дека тие со тоа си ја доживуваат реалноста, државата, веруваат во неа и ја чувствуваат за своја, во која треба да бидат дел од мозаикот.

Пораката е повеќе од испратена и прифатена. Таа мора да се сфати со сето нејзино значење и од сите граѓани. Затоа што “музиката е за сите”, рекол големиот Моцарт, исто како што и градот, и државата е за сите. Исто како што треба и мора да биде за сите.

“Архангел” испрати силна порака во тие нивни тивки филхармониски рок леења. Да беше само во прашање музиката, ќе ги слушаме по дома, ова беше спој кој треба да ја најави една поинаква, поведра иднина, во која би уживале. А зошто да не, кога Архангелот секогаш се јавува да ги направи нештата магично убави, или да ги најави нештата кои сами треба да ги направиме магично убави, со негова и/ли со наша помош.

ПАРГО

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.