Еднаш дневно: ЉУБОВНИЦАТА

63

Не ми е јасно зошто речиси никаде не е донесен ама најригорозен закон за мешање во нечиј приватен живот. И против озборување, со цел нанесување штета. И, душевна болка.

Познавам, не само јас, сите вие, куп луѓе чии приватни животи доживеале фијаско, бродоломи и страшни неволји, не заради што навистина им се случувале конкретни проблеми и ситуации колку заради муабети, озборувања и гласини.

Приватен живот е нешто свето, за секој од нас. Дали било семеен, љубовен, другарски, роднински, каков и да е-приватниот живот треба да биде вистина и тајна. И до таа вистина пристап има само, секој за себе.

Кај нас секој за секого има обичај и навика нешто да каже, слушнато-недослушнато, видено-недовидено, дознато-недоразбрано. Тоа напакостува и носи трајни последици. Луѓето имаат право на свој приватен живот без некој да ги повредува.

Жената има право да избере со кого ќе ги дели своите интимни чувства, во било која форма и комбинација и да ја одбере. Тоа се чувства меѓу неа и некого и не само што не е пристојно, ами не е ни хумано да се пика носот во туѓи приватни животи.

Да се пишува за нечија љубовница е недолично и нехумано, настрана што може да се разрушат цели бракови, да се наруши непотребно и неправедно нечиј авторитет и психичка состојба, што е рамно на насилство. Ова посебно се однесува и за врските на јавните личности, како политичари, бизнисмени, уметници.

Се додека таа врска или приватен живот нема допирни точки со злоупотреба на државни пари, привилегии и функции, тоа е интима, и секое навлегување во туѓа интима е кршење на едно од најосновните човекови права. Право на свој личен живот.

Можеби навидум изгледа забавно и сеирџиски да се прочита за нечија “љубовница”, во суштина тоа е проблем за кој државата треба да поведе поголема сметка, и да се заштити првенствено жената со сите механизми, јас како жена тоа го посакувам. Да не се нанесува повреда на личните емоции на жената, а со тоа и на емоциите на нејзиниот близок и нејзините најблиски и најсакани.

Секој човек зад себе има семејство, потесно и пошироко, и нанесувајќи срам, стигма, покажување со прст и бламирање, се рефлектира на сите нив, а најчесто последиците се по однос на сите во семејствата, повеќе или помалку.

Би сакала да се покрене закон кој би ја заштитил интимната на жената. Навистина би сакала!

Тоа да не смее да се озборува и пренесува јавно, по медиуми. Нејзин живот, нејзино право. Која и да е.

А и негово. Век на слобода и право на слободен избор.

Тука би го пренела, со свои зборови и Горан Бреговиќ, кој во врска со својот (според некои, но не мора и да значи, некогаш бурен рокерски) живот, мене ме одушевува што на одредена новинарска љубопитност некогаш мудро одговорил – “мојот приватен живот е прашање за во мојата спална соба, а мојата спална соба не е за на раскрсница!”

ПАРГО

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.