дома Колумни Еднаш неделно: БЕДОТИЈА

Еднаш неделно: БЕДОТИЈА

200

Мајка ми велеше “Само Господ е богат!” така бегло и кусо нафрлено, и долго не знаев што точно значи и за што користи оваа изрека. Ми делуваше многу архаично, дури како непотребна. Аха! Сега знам и можам да ја објаснам во еден голем дебел том.

Луѓето се имашни, или како што тие се нарекуваат богати, и сиромашни. Првите се материјално ситуирани повеќе отколку што им е потребно, вторите материјално се ситуирани помалку отколку што им е потребно. И првите и вторите влегуваат во проблем, баш поради тоа. Секој на свој начин.
Ако си богат, богатството ќе ти донесе своевидни главоболки и проблеми. Ако си сиромашен, друг топ проблеми. Најдобро е да си доволно ситуиран, но за да си ситуиран не треба да си опкружен со алчни луѓе околу себе кои се гледаат да ти измолкнат- пари, чест, авторитет, ресурси, среќа…

Алчноста е најлошата карактеристика и таа ги повлекува сите лоши карактеристики, впрочем и најубавиот архангел отпаднал од својот величествен трон кога станал алчен и посакал да е Бог. И се претворил од бел во црн, во спротивната форма од Архангел, ајде да не ја споменувам сега, сфативме на што мислам.
Ако пак такви, алчни имаш во власта, страда народот.

Сиромаштија е грев и за тој што ја предизвикува и создава и за тој што ја доживува. А самата сиромаштија е лукава и прави една спирала во која порано или подоцна на лукав начин ги вметнува и богатиот и сиромавиот. Треба само внимателно да се набљудува и да да се дојде до тој заклучот, од кој никој никогаш не избегал.

Впрочем, никогаш истите луѓе не останале богати. Тие можеле да се пребогати, но веќе следната или може и истата генерација да дојде до момент “леб да нема да јаде”.

И парата е спирала, час доаѓа, час си оди. Или како што народецот рекол “брзо дошле, брзо сјошле”, за парите.
Сиромаштија не е исто што е богатство. Различни поими се. Но има една дефиниција која ги спојува, поимот бедотија. Ќе речеш како?

Еве вака, ти можеш да бидеш сиромав односно материјално беден, но може да си јак со дух и човечност и бедотијата да ја фрлиш на под и да ја згазиш под нозе. А може и да си богат со материјално а беден со дух, во тој случај својата личност ја фрлаш на под и самиот ја газиш. Ќе речеш како?

Еве вака, ако заработуваш нечесно, ако кратиш од заслуженото на оние кои ти работаат, ако земаш туѓо, ако ја лажеш државата, си беден. И згора на се двојно повеќе беден си ако се фалиш дека си богат, односно тројно ако се фалиш во ситуација кога другите околу тебе не се. А уште повеќе си беден ако си на позиција, на функција, и јавно на медиуми се фалиш дека си богат/а кога народот ти страда за основното, храна и лекови.

Но, човек кој чесно заработил пари не се фали. Оној кој малку “танцувал” со архангелот на отпад, се фали. Не заради парите, колку потсвесно заради својата грижа на совест.Ќе речеш како?

Еве вака. Човек кога ќе ги оствари своите амбиции за богатство постои момент кога се чувствува најсилен, како Бог, а потоа од таа точка нешто во него се крши, застанува, се врти и почнува да му се разбиструва во глава. Сфаќа дека згрешил и дека сето тоа можело да го оствари и по друг пат. А тој направил нешто што не е во ред.
За да си ја чисти својата совест се фали со цел да не се види бедотијата низ која му поминува душата, другите да не забележат дека тој всушност почнал да страда поради начинот на кој го стекнал своето богатство. И веќе не му е мило, не му ни значи.

Многу, многу богат не може со многу работа, тоа е јасно. Со финти и измами, најчесто. Од тоа на никому не му паѓа убаво. Така, бгатството знае да донесе и поголема штета во душата на алчниот човек отколку сиромаштијата кај сиромавиот. Не можеме да ѕирнеме внатре, тој си знае, ама може да претпоставиме.

Порано луѓето кога ќе се покаеле за своето богатство (односно начинот на кој е стекнато) или граделе цркви, манастири, или донирале или правеле се, или се заветувале на дарување, затоа што втонати во сопствена мисла и слика едноставно сакаат на своите генерации за кога нив ќе ги нема да им остават чист пат односно добра карма. Дарувајќи, како да сакаат да купуваат од душата на Бога. Ама рековме пак “само Бог е богат” и не можеш да го што купиш со твоите пари.

Доаѓа момент кога нечесно богатиот во глава го прогонуваат очите и солзите на тие што ги зафркнувале, ограбиле, им свртиле грб, страдале поради нив. И знаат дека тој момент не може да го поправат. Доаѓа момент кај богатиот ќе му позавиди на најсиромавиот што го знае, а тоа не е за пари, тоа е за нешто што нему животот ми го донел а нему не, а со пари не се купува. Доаѓа момент кога сфаќаат дека со парите не може да го купат тоа што го сакаат во срцето. Ни прекрасна иднина. Едноставно, ништо повеќе од тоа што се купува во продавница.

Сиромаштијата е грев а најмногу ја предизвикуваат богатите. Сиромашните ја потпомагаат кога не си ги бараат своите заработени пари. Најмногу се страда кога тој грев го прават оние најгоре. А тие сето ова, накусо кажано, но и многу повеќе од ова, постојано треба да си го имаат на ум. Пред да почнат да се каат.

ПАРГО