Штотуку слушнав на вести, естрадните уметници доведени до питачки стап. Се мисли на оние кои лебот го вадат во кафана, со свирки, настапи, свадби, како надничари. .

Следната информација гласеше дека истите иако оваа година немаа приходи, не можат да остварат право на финансиска помош во пандемијата, од скромни 6.000 денари, зошто им се бараат куп документи, меѓу кои и да бидат регистрирани како фирма, за да остварат право на самостојна дејност.
Ова открива една страшна слика за целокупната состојба со години наназад. Дека имаа нефункционално здружение тоа ми е јасно, здружение кое никогаш не се огласи во јавност, ниту побара некаква соработка и поддршка од медиумите. Односно, јас не ни знаев дека такво здружение постои во реалност, освен како поим.
Од друга страна, беше тешко изминативе години да се праша одреден естраден уметник дали му тече стаж, дали парите за настапи му доаѓаат регуларно на сметка, дали приходите и хонорарите од турнеи регуларно ги пријавува. Веднаш во прашањето гледаа скриени намери. И не ги одговараа. Особено ако беше тоа новинарско прашање.
Малкумина живееја од концерти, продажба на билети и од продажба на албуми и авторство. Најмногу се живееше од тезги.
Настапи уште долго ќе нема, а леб да се јаде мора. Затоа можеби е подобро да си организираат онлај концерти со плаќање, па нивните обожаватели, оние кои сакаат да ги слушаат, да си плаќаат билет со одредена цена како за други онлајн содржини.
ПАРГО