Убавицата на Бразил е Мис Туризам на светот за 2020-2021 година, а десетина  светски убавици добија престижни „ленти“ за презентацијата на својата земја.
Во оваа специфична титула не доминира личната убавина на девојката, колку што доминира начинот на кој таа ја претставува својата земја како атракција за туристи секаде од светот, оттука логично беше да се цени видеото со кое ја промовира.
Јас од првото гледање на спотовите мојот глас го дадов за Бразил, едноставно најпријатно ми делуваше бразилската туристичка разгледница и не се излажав, и донесе круна на убавицата.
Спотовите беа снимани ангажирано, од копно, од вода, од воздух, и со  хеликоптер, и со глисери, и со дронови. Секој кадар, разгледница.
Изборот, годинава беше онлајн, изостана она прекрасно заедничко парадирање и дружење на убавиците, како и прошетка до некоја егзотична дестинација. Но тоа не значи дека беше помалку убав, и дека организаторот би дозволил некој да му го намали значењето, или да му го “извалка” со наместени гласања. Си има механизам со кој ќе го спречи лажирање, колку некој да се обидува. Впрочем, тој ги поставува правилата, сите други можат да ги следат или (не)славно да отпаднат.
Лажирање на гласање не смее никој ни самиот тој да си дозволи, тоа го намалува рејтингот на целата земја. Земја со лажирање, не се претставува! Достоинство и фер треба да се следат и почитуваат правилата на секој избор, дискусија по оваа точка нема.
Ние реагиравме за таков обид, затоа што сакаме да бидеме на ниво на сите други.
Претставничката треба земјата да ја претстави во најдобро светло, од секој аспект. Немаме податок како локално избравме Мис, претпоставувам одлуката да не претставува 27-годишна девојка беше на одредени менаџери кои ја имале лиценцата. И, одговорноста паѓа на нивна сметка да изменаџираат најдобро претставување на  нашата држава, во однос на туризмот. А, имаше утки.
Ад хок и како на поминување направена видео снимка, не откри ништо значајно ни импресивно, мал и сив дел од центарот на главниот град, обраќање на англиски јазик со грешки, многу непотребно говорење и еден вид брзоплетост, и чинам доза на нервоза.
Од неискуство или немање финансии, тоа не го оправдува немањето концепт и повеќе „сериозност“. Условите на пандемија не се изговор. Се беше видео и преку онлајн, што значи ако не се можело (а, зошто па да не?) да се направи видео со патување низ Македонија, можело преку еден обичен фб-статус да се побараат оригинални снимки од убавините на Македонија од фотографи, сниматели, режисери, фото студија, не верувам дека некој не би дал за таа намена. И да се измонтора претставителен спот. Немаме Министерство за туризам, но исто така бројни министерства и институции, телевизии поседуваат богати архиви со снимки и тие би дале, доколку им се побара. Вклучително и министерството за култура.
Би можело попретставителна (наменска) облека да биде обезбедена за девојката, таа е официјална „Мис“ и треба и со стајлингот да ја издвои од останатите луѓе на улица.
Впрочем, со оној спот ние не ја видовме и доживеавме ниту нејзината убавина во полн сјај, сигурно би блеснала покрај некои водопади, шума или нашите води.
Зошто го велам ова? Затоа што сепак не е индивидуален план на поединец, кога се претставува земја се мора да е во функција на името и честа на таа земја и препуштено во раце на врвни професионалци.
Не знам како сега се чувствува Мисот лично, знам понатаму низ времето ќе е среќна и исполнета и што била во кругот на официјални мисици од целата Земјина топка. Сведоци сме дека има многу убави девојки, секаде, на секој ќош, но неа и паднала таа среќна шанса, нешто што ќе и остане како факт засекогаш, и до следниот избор преку титулата официјална „Мис Туризам на Македонија“ шанса да го претставува нашиот туризам.
Ама знам и дека со многу малку можеше многу подобро и можеше многу поубаво. И за неа и за државата. Ова е уште една лекција и посочување дека кога се претставуваме надвор, се впрегнуваат сите сили и се дава максимумот. Ако тоа не може да се постигне, подобро е воопшто не се прифаќа понудата. Критериумите секаде пораснуваат, за да бидеме конкурентни треба да учиме од нив и работата да биде завршена беспрекорно.
Кај нас најчесто нештата се случајност, импровизација, авантура, а не креација, а успех се постигнува само со стрпливо креирање и презентирање на вистинските вредности.
ПАРГО