ЕДНАШ НЕДЕЛНО: Партиски си,  државен си, чиј си? – прашање е сега

164
Би сакала веднаш директно, отворено и конкретно да прашам, дали (и) Вам на пример, Ви пречи кога премиер, претседател, градоначалник и слични носители на највисоки општествени функции, се појавуваат во јавност експонирајќи ја партијата или своето членство и улога во истата, а во моментот треба да ги гледаме и доживуваме исклучиво преку функцијата со која подеднакво треба се покровители на сите граѓани? Подеднакво да се однесува кон сите граѓани, што ги опфаќа неговата позиција, за да тие би се чувствувале рамноправни, исто почитувани и со овозможени подеднакви права и третман, што е и основен принцип на демократијата на едно цивилизирано општество.
Кај нас се уште се така поставени работите, што општествена функција можеш да добиеш по правило и речиси без исклучок, само доколку си припадник на партија, и кога партијата освојува власт на избори, по некои свои одлуки ги доделува овие функции и позиции само на свои членови.
Ќе треба време додека тоа се промени, и фатиме чекор со некои поизградени системи, но барем веднаш може да се направи една промена која би донела поопуштена и подемократски атмосфера, а тоа е : носителите на државни функции да не се појавуваат во јавност и по своите  партиски функции, тоа треба да си биде интерно во партијата.
Димензијата на нивната функција и улога сега е поширока и поинаква, и затоа партиската треба да е во сенка, односно сосема невидлива за јавност.
Зошто замислете, како би се чувствувала јас, ќе тргнам од себе, доколку имам потреба да се сретнам и тет – а – тет решам некој проблем што ме мачи како граѓанка, а градоначалникот на пример се експонира како партиски член, а јас сум од друга (ривалска) партија или воопшто не сум во партија? Ќе треба ли тоа да ме закочи и ми создаде идеја дека пристапот ќе е бесцелен и дека воопшто не треба ни да го сретнам, затоа што сметам дека не би ми помогнал и не би ми го решил проблемот, предност ќе имаат тие што се во неговата партија, а јас таму не сум (долго ќе се замислувам).
Ќе бидам уште поконкретна и ќе одговорам дека: не, не се чувствувам сигурна, безбедна и рамноправна во повратниот однос на ниеден носител на највисока општествена функција кон мене, и секогаш имам предрасуда дека нема да наидам на разбирање, дури и кога законски ќе е речиси задолжително. Та нели не сме од иста партија? Него, е, него, синоќа го гледав на телевизија како зборуваше во својата партија, и денес јас нема да побарам помош од него, за било што – не верувам дека ќе ми помогне, ни по сила на својата службена должност.
Ете, тие предрасуди некој треба да ми ги разбие, да ми го отвори патот кон себе, а не да ми го донатрупа со уште повеќе предрасуди.
Официјалниот кодекс на однесување на политички личности на државни функции кон граѓаните не знам што точно вели, но секој кодекс е подложен на дополнување, изменување и подобрување, во интерес на сите нас и во интерес на општото добро. И пишаните и непишаното правила на меѓусебно однесување треба да заземаат се пофер и подемократски облик.
Затоа, како граѓанка сметам, поточно барам, да се размисли и во насока на ова мое барање од највисоките државни структури, кои додека се таму, барем во очите на јавноста да ја занемарат и остават на страна својата позиција и хиерархија во партијата (тој период таа   не треба да е видлива за јавност) и да направат секој граѓанин да се чувствува подеднакво вреден за нив.
ПАРГО

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.