Младоста е само еднаш и не се враќа, затоа и голема е “жалта” за младоста. Враќање- нема, тоа и е судбина!
И во животниот циклус, младоста има почесно место. Тогаш си доволно здрав и убав и слободен да го вкусиш животот, се ти е дозволено, само небото ти е граница.
Младешката убавина и елан, се неповторливи.
Живееш, добиваш, се забавуваш, учиш, фантазира, можеш, осознаваш, одиш по патеката со брзи чекори.
А, потоа, доаѓа “сериозниот” дел од животот, кога создаваш семејство, создаваш потомци, или си решил да останеш сам, но сам се бориш да преживееш, да егзистираш на своја сметка. Се бориш да останеш човек. Достоинствено да старееш. Но, не сите ја имаат таа привилегија. Достоинствено да стареат. Има доста кои не се свесни и подготвени за тој дел од животот.
Имено, во сите доби од постоењето на човекот, животните циклуси на психолошки план се исти, различни се само реакциите на луѓето, во зависност од времето во кое живееме. Сега се е на “ачик” што би се рекло, на виделина. Нема веќе скриени симптоми, ко некогаш.
Во текот на својот живот човекот доживува разни ломови. Секој во зависност од ситуацијата во која се наоѓа. Здравствена, семејна, самотничка, работна, финансиска. И секој различно се бори.
Но, кога ќе се собере збир од се што поминало, некаде по четвртата деценија секој човек наеднаш доживува една целосна внатрешна преобразба. Врзана, секако, и со хормонална промена, она што се нарекува пред и климактеричен период.
Слободата кога денес ја донесоа вишокот  лична слобода и вишокот на пари, им овозможија на луѓето своето свесно или несвесно “јас” да го манифестираат на разни начини. Баш најмногу во тој период.
Многумина кои биле во брак и пораснале деца, во таа фаза од животот најчесто го менуваат партнерот или партнерката, со обвинување дека му го упропастил/а животот, иако не е така, тоа е најчесто “замислена драма во нивните глави”. Жените во обид да докажат дека не се уште “за фрлање” фаќаат помлад дури колку нејзиниот син,  а мажите фаќаат помлада дури колку ќерка, и не дај Боже во екстремни случаи помлада дури како внука, што науката, нема сомнение, го третира како голема психичка деформација и девијација.
 Некои патуваат премногу, некои наеднаш откриваат дека имаат друга способност или талент, некои откриваат дека имаат друго хоби, или друга љубов или друг интерес. Некои се каат за погрешните животни одлуки и почнуваат да ги “исправаат” ( е дали ќе ги исправат или докомплицираат, зависи од многу фактори) .
Жените пак најчесто во тие години почнуваат да страдаат по убавината која ја губат и свесни се дека нема да можат да заведуваат како порано, една од најслатките женски инстинктивни карактеристики. Поредовно посетуваат фризери, купуваат скапа гардероба, се нешто не се задоволни со својата линија, за секој накачен килограм паничат, зачестуваат кај козметичарки, салони за слабеење, посегнуваат дури и по ножот, да извршат хируршка интервенција на оние делови кои не им се допаѓаат. Современите достигнувања направиле и тоа да се возможно и да речеме во ред е доколку малку се интервенира ако донесе некоја радост или позитивна лична промена . Но кога тоа станува опсесија е веќе симптом. Симптом на сериозно нарушување. Симптом на губење на младоста, која не се враќа. Симптом со кој се соочуваме сите, и тука е вештината како ќе се избориме. Колку ќе сме умешни во она “сам/а свој психијатар” .
Не, не се лажете, не постои пластичар што може да ја врати младоста, ни волшебник дури.
Затоа пред да одите на пластичар поминете до кај психијатар. Не е срамота. Психијатрите се токму за тоа, за луѓето.
Според некои уверувања најчестите конфликти на релација мајка ќерка и свекрва и снаа се токму поради тоа . Дури и мајката и љубомори на својата ќерка дека е млада (секако се се тоа потсвесни реакции).
Затоа, треба да се има на ум, во каква состојба е жената или мажот во тие години, благо наречени втор пубертет. Има два типа луѓе – оние кои се свесни за оваа своја состојба, и за нив е полесен патот до лекот, и оние кои не се свесни за својата состојба, со нив е потешко.
Ако мажот/жената не е свесна, семејството, пријателите и блиските се должни да ја упатат на преглед, наместо да и даваат лажна утеха  со лажни комплименти и убедувања, со кои и понатаму таа ќе продолжи да чекори “самоуверено” низ својот внатрешен пекол, страдање и неспокој.
Како што има здравствено и телесно така има и психички болести и ред е да се помогне, и човечки и  стручно.
ПАРГО
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.