ЕДНАШ НЕДЕЛНО: “Ѕвезде Гранда”, бизнис кој не е за нас! 

153
Едно од најчудните интерпретации на нештата, која ми отвори очи и ме натера дополнително да размислувам околу тоа, беше објаснувањето на голем ЕУ експерт на европска конференција одржана во Будимпешта, на која се зборуваше за европската у про-европската политика.
Речиси само слушав, додека експертката не почна да објаснува дека Србија е наводно поблиска со Русија, но според нејзиното однесување е про-европска, поевропска и од самата Европа. Тоа ни го објасна со фактот што нејзиното ТВ студио со програмата која ја прикажува и немаат допирни точки со руската култура и само навидум се поборници за негување на традиционални вредности на живеење, а во реалност преопуштени, далеку од скромно, што се гледа од самата програма, и со тоа што имаат најдобро студио во Европа, ТВ Пинк.
Политиката е секогаш повеќеслојна и ние не знаеме што се крие зад што, затоа имено е и висока политика, секогаш има и разни паравани а и е испреплетена со разни бизниси, така што тука не би губела време во навлегување во нешто што нам до крај не ни е познато и јасно.
Но, кога зборуваме за ТВ културата, музиката, сцената и естрадата која се прикажува во соседната земја, “од одма” ќе констатирам дека освен модерните студија и зашеметувачките рефлектори, тука нема ново создавање, нова музика,   вистински развој на естрадата. Нема, затоа што и тие песни кои се пејат таму, се песни кои се создадени во некои други, инспиративни времиња, а не сега. Сега е напредната само вештачката естетика, во смисла на фризура и шминка. Не музиката.
Тоа е чист бизнис, преку естрада. Преку музиката создадена од некоја друга естрада (а и да не ги заборавиме корените на оваа стратегија, поставена од Милошевиќ, кој своевремено рекол да се спушти нивото на културата на сцената и на ТВ, за да може народот да ужива во просто уживање и да не размислува многу, за да е полесно манипулативен)…
И за нивна среќа на овој бизнис, Србија е околу 10 милиони народ, на кој се додава и речиси исто толкубројната дијаспора, и плус уште народ од пет други држави кои го разбираат јазикот и песните (Хрватска, Бих, Црна Гора, Косово, Македонија), па сега земете го дигитрончето и сами пресметајте колку потенцијални смс – и се тоа. И која заработка. Плус кон тоа се додаваат и тоа што за изведба се користат песни и од Србија и од регионот, кои сите ги знаат, и на тој начин со тие реални шоуа се анимира публиката од цела поранешна Ју, што е рамно на над 20 милиони, можност, пак, што понатаму организаторите си ја наплатуваат и дополнително со организирање на концерти и турнеи на “тв актуелните” пејачи.
Бизнис за мерак. За нас е незамисливо да создадеме таков бизнис. Ние и од ова фактички не искористивме ништо, многу инстант ѕвезди за само една вечер во тие “Ѕвезде Гранда” и слични шоуа, би рекла и искористени, затоа што потоа не направија ни кариера, ниту музика, веќе следната вечер беа заменети со други, а концерт наш пејач од тие шоута не направи во регионот, ни на домашен терен, напротив во екот на својата најголема балканска “Пинк” слава Кајмакоски не направи концерт во Белград, но затоа пак направи неговиот ментор Јоксимовиќ кај нас и тоа на стадион во Скопје и низа други низ земјава.
Да почнеме таков бизнис навистина не е возможно. Од секоја гледна точка. Ни потребно. Дури и кога би изградиле уште помодерна сала од таа на Пинк. Но, да ја организираме домашната естрадата можеме и тоа со само неколку паметни потези.
Овој пат само бегло ќе спомнам, а деновиве и ќе го образложам феноменот на нашите најнови “7 милиони евра за култура и естрада” што стана само седум и повеќе причини за многу главоболки и општо незадоволство, пари со кои не требаше да се тркаме со Србија ни било која земја во регионот, но можевме да направиме сцената периодов да “грми”, ама тоа пропадна и ни останува само да се осврнеме и извлечеме заклучок за понатаму.
Работите мора да се менуваат, во секоја земја соодветно на сите услови да се скрои  концепт кој одговара и носи просперитет, нови содзавања, квалитет…Ние мораме да го направиме тоа “кроење” за себе на наш начин. И не само на кратки патеки, нештата од корен да ги поставиме како што треба.
ПАРГО

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.